26.10.2022
Живот
Сојуз на средношколци: Да се зголеми безбедноста во училиштата
Сојузот на средношколци преку соопштение изрази загриженост за денешните дојави за поставени бомби во пет средни училишта во Скопје.
– Во последниот период јавноста сведочеше на слични дојави за бомби во училишта и болници во соседна Република Србија. Сојузот ја поздравува брзата акција на безбедносните служби. Ограноците на Сојузот нè информираа дека евакуацијата е целосно спроведена, а настава нема да има за учениците од втората смена - стои во соопштението.
Сојузот на средношколци апелира на зголемување на безбедноста во средните училишта.
- Ги повикуваме нашите соученици да бидат смирени бидејќи паниката е нашиот најголем непријател во овие ситуации. Безбедносните и училишните служби да бидат професионални и методични во работењето за да се заштитат средношколците и сите други вклучени во образовниот процес - се вели во соопштението.
Во СВР Скопје денеска беше пријавено дека на е-адреси на пет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба.
Извор: МИА