X
 21.08.2020 Образование

Филипче ги покани средношколците на состанок на Комисијата за заразни болести

Средношколците што деновиве инсистираа да имаат во најмала рака комбинирана настава во новата учебна година се поканети да присуствуваат на состанок на Комисијата за заразни болести, на кој детално ќе се запознаат со состојбата со Ковид-19 и со мерките за заштита од заразата. Учениците ја добија поканата од министерот за здравство Венко Филипче на денешната средба на Владата со Сојузот на средношколци. Тие деновиве јавно реагираа дека онлајн-наставата што ја имале од март до јуни не била квалитетна и предложија да се воведе комбинирана настава.

На состанокот било одлучено заедно да соработуваат на усовршување и најдобра имплементација на моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во наредната учебна година. Покрај средношколците, на состанокот присуствувале и техничкиот премиер Оливер Спасовски, неговата заменичка задолжена за економски прашања и идна министерка за образование и наука Мила Царовска, министерот за образование во заминување Арбер Адеми, министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерката за образование Елизабета Наумоска. Средношколците беа предводени од претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.


Фото: Влада

- Средношколците беа детаљно запознаени со моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и средното образование во услови на Ковид-19, донесена врз основа на стручните анализи и препораки на Комисијата за заразни болести - соопшти Владата.

Министрите ја прифатиле сугестијата на претставниците на Сојузот на средношколците повеќе да бидат вклучени во подготовките за организација и спроведување на прифатениот модел за да се постигнат најдобри решенија и за учениците и за наставниците.

- Министерот Филипче ги покани средношколците да присуствуваат на состанок на Комисијата за заразни болести, на кој детално ќе се запознаат со состојбата со Ковид-19, но и со мерките за заштита од заразата кои се во интерес на заштитата на јавното здравје - соопштуваат од Владата.


Подготвил: А.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование