X
 26.10.2023 Технологија

Нови мерки во ЕУ - потрошувачите да ги поправат производите наместо да купат нови

Одборот за внатрешен пазар на Европскиот парламент направи уште еден чекор кон воспоставување нови мерки за зајакнување на правото на поправка и промовирање одржлива потрошувачка.

Како што е наведено во соопштението за печатот, Одборот усвои став за новото „право на поправка“ на потрошувачите за да ги поттикне да го поправат производот пред да купат нов и да ги охрабрат производителите да ја олеснат таа поправка. Според предложените мерки, продавачите би биле обврзани да понудат бесплатна поправка во законскиот гарантен рок, освен кога таа е поскапа од замена, фактички невозможна или неповолна за потрошувачот, се наведува во усвоениот текст.

Пратениците, исто така, ги поддржаа стимулациите за потрошувачите да изберат поправка наместо замена во гарантниот период, како што е продолжување на законската гаранција за една година за поправените производи. Како што беше посочено, тие сакаат земјите членки да промовираат поправка преку финансиски стимулации како ваучери и национални фондови за поправка.

Производителите ќе бидат обврзани да поправаат одреден број производи (на пр., домашни машини за перење, правосмукалки, паметни телефони, велосипеди) дури и ако тие не спаѓаат под законската гаранција. За да го поттикнат ова, европратениците сакаат поправките да се извршат во разумна временска рамка и производителите да можат да им понудат на потрошувачите уреди за замена.

Независните сервисери, занаетчии и крајните корисници би добиле пристап до сите резервни делови, информации и алатки по разумна цена во текот на целиот животен век на производот. Според европратениците, ова ќе ја зголеми конкуренцијата, ќе ги намали трошоците за поправка и ќе им даде на потрошувачите поголем избор.

Национални онлајн платформи ќе им овозможат на потрошувачите да најдат локални сервисери и продавачи на обновени стоки. Потрошувачите може да добијат и преглед на условите за поправка на секој уред, вклучувајќи информации за сервисерот, највисоката цена и потребното време, а потоа би можеле да споредат различни понуди.

Пратениците сега треба да расправаат за предлогот на пленарна седница на Европскиот парламент, а конечниот текст на законот ќе зависи од преговорите со земјите членки.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија