Модната дизајнерка и професорка на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје била прогласена за студент на генерацијата во 1988 година. Тоа ѝ помогнало да продолжи со студии во Франција, раскажува Георгиева во рубриката „Кога бев студент“ што „Пивара Скопје“ и Факултети.мк ја реализираат заедно
Таа е класичен пример за природна професионална ориентација. Цртала од рана возраст, кога сѐ уште не знаела што е тоа моден дизајн. Во тие прекрасни моменти се изолирала во свој магичен свет каде што можела да раскажува приказни, да креира ликови, да ги замислува нивните животи – вака ја започнува својата студентска приказна Лидија Георгиева, професорка на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и моден дизајнер.
Во печатницата на ФЛУ
Георгиева се запишала на Факултетот за ликовни уметности, на насоката графика со модно креирање во академската 1983/1984 година.
Беше престиж да се влезе на ФЛУ
- Факултетот за ликовна уметност беше млад факултет во периодот кога полагав приемен испит, имаше голема конкуренција, но не само од мојата генерација, туку и од постари студенти кои со години чекале да се отвори, па беше многу тешко, но и престиж да се влезе на Ликовната академија. Тоа што го научив на Графика постојано ми користи во модата, тие што ја следат мојата работа знаат дека во моите колекции има доста отпечатоци, кои ги работам со уживање и леснотија, тој процес започна таму - се потсетува Георгиева.
Георгиева во фустан од првата колекција
Професорката си смислила и план Б, во случај да не ја примат на Ликовната академија, да се запише на Филолошки факултет – англиски јазик, за што вели дека тоа сигурно ќе ѝ бил многу различен животен пат.
Првенец на генерација
Таа била прогласена за студент на генерацијата во 1988 година. Се изненадила кога ја добила веста, воопшто не знаела дека постои такво нешто.
Заедно со Тања Џамбазова на наградно патување во Нормандија, Франција
- Бев почестена, секако, а тоа признание меѓу другите критериуми, на конкурс на југословенско ниво неколку месеци подоцна, ми помогна и да добијам стипендија од француската влада - се потсетува таа.
На прашањето каква студентка била, дали посветена и исполнителна, Георгиева одговара:
- Гимназија завршив во „Корчагин“, а тоа значи сѐ што веќе знаете за таа гимназија. Не верувам дека имало ден да не сум се појавила на факултет или на некое предавање. Не дека тоа ми беше некакво измачување, напротив – откривав еден нов, прекрасен универзум на уметноста и правев сѐ што мислев дека треба, без никаква дилема. Секое утро ми требаа околу 25 минути да стигнам, без разлика дали врне или паѓа снег, одев на факултет со уживање во музиката што ја слушав од слушалките на вокменот. Ова звучи како да сум била бубалица, но верувајте, не беше така, едноставно сѐ беше ново, интересно и возбудливо, како што мислев дека животот ќе биде постојано. Кога ќе размислам, ни денес не сум далеку од таа перцепција, само имам неколку попатни „змучки“ - вели професорката.
Старата скопска чаршија беше најдобро место за дружба
За неа било особено убаво што колегите на ФЛУ биле сите на купче, за разлика од класичните амфитеатри.
- Притоа, покрај тогаш славната кантина на ФЛУ, ние бевме во Старата скопска чаршија, најдобро место за студирање и дружба.
Така беше и во Париз, имаше незаборавни моменти. Тоа е среќна околност и привилегија на мнозинството факултети за визуелни уметности. На ТМФ, во студиото каде што предавам, инсистирав да се изработат две многу големи работни маси, кои ги споив за да седиме сите во круг, така што да може креацијата да циркулира заедно со идеите - споделува Георгиева.
Георгиева во Париз пред да дипломира
Додека студирала имала ангажмани. Работела како дизајнер во текстилна фабрика, била асистент на костими во подготвителната фаза на серијата „Трст виа Скопје“, работела на костими за филмот „Опаснa бабa“ на Милчо Манчевски, кој се снимал седум ноќи во тогашно „Беко“, и првите експерименти на Срѓан Јаниќијевиќ.
- Имав изработено и неколку графички решенија за пакување на производи, но интересно ми беше и уредувањето спотови за мода за емисијата „Културен магазин“ на МТВ1 - се потсетува Георгиева.
Годините на студирање во Скопје за Лидија биле периодот на новиот бран.
- Животот беше безгрижен, како и на сите што беа млади во средината на 80-тите, и возбудлив, како на некој што студира креативна работа. Речиси секој викенд имаше концерти на бендови од цела земја, журките беа весели, а за стекнување нови пријатели, доволна беше убава насмевка и интересен (тогаш го викавме откачен) изглед. Светот беше полн со прекрасни, неоткриени работи, а јас навистина мислев дека ќе го сменам. Многу се радувам кога и денес некој од студентите ќе ми каже дека е тука за да го смени светот, се плашев дека таа идеја веќе не постои - вели Георгиева.
Денес би одбрала да учам и гастрономија
Вели дека немала омилен предмет и дека едноставно не функционирала така.
- Да треба денес да се запишам на студии, покрај модата, веројатно би одбрала некоја чудна комбинација од дигитална технологија, гастрономија, градинарство и уметност. Измачување ми беше само општонародна одбрана, така некако се викаше предметот. Мислам дека добив и алергија на лицето кога требаше детаљно да учам за оружје и сл. - се смее професорката.
Со модната инфлуенсерка Диан Перне на прослава во 2018 година
Немала опсесија за високи оценки, но сепак, претежно биле десетки. Откако дипломирала во Скопје, не сакала да престане да учи. Патот ја одвел во Париз, во домот на модата. Ѝ требала една година за да се адаптира и да ја спознае новата култура.
Награда во Париз
- Искуството беше многу различно од тоа што го учевме овде. Да студираш мода во центарот каде што таа настанува е многу интересно и збогатувачко. Нема споредба. Се изненадив кога за моето школо освоив награда на европски натпревар на млади креатори. Церемонијата на прогласување се одржуваше на Сорбона. Моето име го изговорија со невозможен акцент, но секако и бидејќи немав некои очекувања, мислам дека двапати требаше да ме прочитаат за да сфатам дека всушност јас сум добитникот на наградата. Оттогаш некои работи се сменија и набрзо ја добив и првата понуда за работа - вели Георгиева, која живеела во Париз 21 година.
На одмор во Франција
Од 2012 година таа е вонреден професор на ТМФ во Скопје. Периодов заедно со своите студенти е исправена пред предизвикот на учење од далечина. Каков предизвик гледа во оваа нова ситуација?
- И пред да ни се наложи некаква формална рамка, јас уште првата недела спонтано се организирав со студентите за да нема прекин во работата. Во почетокот бевме малку раштимани, имаше пад на мотивацијата, но по неколку сериозни и интензивни разговори студентите почнаа да покажуваат резултати, дури и тие што вообичаено се послаби и без многу амбиции. Сфатија дека може да биде интересно и да научат нови работи. Кај нив работењето дома и интензивните персонални консултации придонесоа за креативно ослободување и им се зголеми самодовербата. Сега сме при крај на семестарот и можам да кажам дека резултатите се многу добри. Работата со студентите ми одзема повеќе време од вообичаеното, бидејќи сакам да сум сигурна дека сѐ е во ред. Покрај тоа, имам и доста работа со медиумите, кои покажаа интерес за разни анализи, предвидувања и разговори со мене како експерт - вели Георгиева и додава:
Заедно со двајца свои студенти Дани и Марјан
Иако сѐ уште не сум стигнала сериозно да се посветам, ова е идеален период за интроспекција, па полека почнувам и со работа на нова колекција.
- Никогаш досега не сум била дома олку многу, стриктно се придржувам до препораките, па во неопходната дружба со пријателите уживам како и сите други - онлајн.