Во декември 1972 година била испратена последната мисија на Месечината на американската вселенска агенција НАСА. Во мисијата „Аполо 17“ учествувал и астронаутот Херисон Шмит.
Откако астронаутите ја завршиле мисијата и се вратиле во леталото кое требало да ги врати дома, во вселенските костими покриени со прашина од Месечината, Шмит почнал да кива. Очите му поцрвенеле, му се сушело грлото и му се воспалиле синусите. Испаднало дека Шмит бил алергичен на прашината на Месечината.
Фото: Херисон Шмит/Wikipedia
Прашината на Месечината била проблем и за другите астронаути во поранешните мисии, како што вели Лери Тејлор, директор на Институтот за планетарни геонауки. Астронаутите во мисијата „Аполо 11“ се жалеле дека во ракетата имало толку многу прашина, што им го попречувала видот.
Прашината на Месечината се чини мека, но всушност е остра и во голема мера е составена од остатоци од мали метеорити. Нема ветер или вода на Месечината, па прашината никогаш не се разнесува. Нема
природен процес со кој може да се заоблат рабовите на зрнцата прашина, па кога астронаутите ја вдишуваат, тие вдишуваат и многу ситно стакло кое може да биде штетно. Освен тоа, прашината на Месечината содржи многу железо, што може да доведе до хипертензија кај астронаутите.
Астронаутот Шмит знаел многу за геологијата на Месечината. Впрочем, тој бил првиот и единствен професионален научник што стапнал на Месечината. Но додека се подготвувал за мисијата, не претпоставувал дека би можел да биде алергичен на прашината што ја истражувал. Подоцна опишал дека чувствувал иритација на синусите и ноздрите веднаш штом ја извадил кацигата. Симптомите траеле околу два часа.
Сепак, мисијата во која учествувал била успешна за понатамошните истражувања на природниот сателит, а пред заминувањето Шмит и другите астронаути во мисијата „Аполо 17“ ја направиле фотографијата од Земјата која денес е една од најпопуларните фотографии од нашата планета.
Автор: Лукас Рајли
Извор:
mentalfloss.com