Нервозни сме сите бре, се брзаме цело време за некаде, а и сами не знаеме за каде. Под стрес сме, арогантни сме, возејќи пцуеме и наглас, а и во себе ги пцуеме пешаците што стапнале пред нас на пешачки премин
Замисли го Скопје свири смут џез, сообраќаен смут џез...
Добро би било нели, ама не, Скопје не свири џез, свири турбофолк, ајдиџеј видеос и свират коли.
Моето убаво Скопје, свири и пее жалопојки, смрди на чад и сиромаштија исто толку колку што смрди на кич и фолирање.
Гужвесто е како никогаш досега, сообраќајот не го оправа ни полиција. Нервозни сме сите бре, се брзаме цело време за некаде, а и сами не знаеме за каде. Под стрес сме, арогантни сме, возејќи пцуеме и наглас, а и во себе ги пцуеме пешаците што стапнале пред нас на пешачки премин.
Еее, како мали нè учеа дека попаметниот попушта, а одма после тоа и дека ако сакаме да сме успешни, треба да сме „гадови“ бидејќи само таквите успевале нели, и ај сега!? Изгледа работава е биди паметен прави се глуп.
Љубовта е во воздухот, а воздухот смрди.
Категорија -
ергенчиња пенисклатници, со лопата да ги ринеш. Триесетгодишни веќе, проќелави беќари со пивски стомак живеат со своите, демек подработуваат нешто, зборуваат и сонуваат за ветената земја. Искачаат со сакич пиц-пец залижани, нарачуваат виски фиксно, пушат евтина пура и се у фазон на репетирана пушка, а немаат ни комбинација ни динар.
Категорија -
педантни, бел ден не гледаат од работа, немаат време ни за себе ни за девојка да си најдат. Времето им минува со евтини девојки бидејќи само такви останаа, а за да најдат асална, треба да се најдат во моментот на раскинување на девојката, односно излагање од врска и тогаш да улетаат со клизачи. Е тие ти се прави среќници, благословени од животот.
Категорија -
фолиранти, патат во себе, а глумат среќни. Муабетот вика: „Рано е, што ќе се врзувам, да ме боли глава, да ме контролира некоја цело време“, а они кутрите од што не можат да си најдат сродна душа, имаат мигрена.
А има и такви што си фатија навреме сериозна врска од средно или слично и си останаа и до ден-денес заедно.
А жените? Тие се инспирација за животот.
Се разбира, мислам за онаа категорија - вистински жени кои ја откриваат суштината на животот. Тие ѝ даваат предност на содржината на работите, а не на нивната форма. Тие избираат прва смена сонце наместо трета смена Водно. Тие сакаат мали работи, обични работи природни како природа. Е таквите жени можат да ти го напунат и срцето, а богами и новчаникот.
Категорија -
скапандурчиња, жени без љубов во себе водејќи се низ материјалната призма, кои на крај завршуваат со проќелави, издеформирани богати опинци кои „милионите“ ги фрлаат на маса при секоја битна и помалку битна прилика.
Категорија -
нарцисоидни ливадарки, тие се фригидни девојки кои пуштаат водичка насекаде, а после вешто бегаат од бранот, себични се, заљубени во самите себе и во нивните домашни миленичиња. Тие имаат критериум, разбираш, шетаат низ светот, планинарки се, односно ливадарки. Го прават тоа за стори и слика.
Скопје смрди на фолирање и лажни вредности. Смрди ноќниот живот, урла бетер од мишка што заборавила да стави стик во сабота вечер.
А кафана? Кафана не смее да трпи! Единствено ние ги трошиме последните пари за домашна во кафана и за домашна во кладилница!
Тука е и „Инстаграмот“, кој нè преврте сите! „Инстаграм“ ти е како пазар 3 со годиште и со цена кој ќе даде повеќе. Сѐ има во него, но јас го сакам бидејќи сите се среќни во него! Добро лажно, но малтене такво ни е и општеството.
Да си најдеш вистинска љубов денес е речиси исто толку тешко колку што е тешко да го зезнеш системот. А системот ни намига и нè дупчи сите, влезени во бубањот кој врти и меле, со чест на исклучоците.
Љубовта мора да е некаде во воздухот, ја осеќам смрди како никогаш досега!
Автор: Александар Павловски (економист, музичар)