Децата кои се само чувани наместо воспитувани единственото нешто што го научиле е она што не смеат да прават, но не научиле да разликуваат што е добро, а што лошо.
Животот денес стана искушение, наместо награда, па така и воспитувањето веќе не е давање, туку се сведува на забранување. На тоа што сè детето не смее да прави. Повеќе, животот не се пробува, не се дише. За надворешниот свет само се зборува, се набљудува низ телевизор и на него се предупредува. Децата не се воспитуваат, само се чуваат. Од сè; од сешто, од секого. Некогаш основано, а многу често и неосновано.
Тие деца кои само се чувани наместо воспитувани единственото нешто што го научиле е она што не смеат да прават, но не научиле да разликуваат што е добро, а што лошо. Кога сте заштитени од сè што е лошто, тешко учите да цените што е добро. Тогаш кога ќе станат полнолетни и кога на тие родители кои под изговорот дека премногу се грижат ги чувале своите деца во нивните чекори да станат недостапни, кога грижата да не удрат со глава од работ на масата ќе биде заменета од грижата дека ќе удрат со глава во ѕид, тие родители ќе сфатат дека не ги подготвиле децата за тој надворешен свет баш најдобро.
Прво нека е живо и здраво. Но, покрај тоа би можело и да биде најдобро, најпаметно, најубаво, најуспешно. Многу често, со изговор за давање поддршка се крие форсирање на децата за да се спроведат неисполнетите амбиции на родителите. Така добивате фрустрирано дете кое е луто на своите родители и незадоволен родител кој е разочаран од своето дете. Така калапено, брусено, станува сè што вие сакате тоа да биде, а заминува далеку од себе. Накратко - заминува од среќата.
Знае да подвлече што е битно во лекцијата, но не научило што му е битно во животот. Знае математика, но не знае да се собере, знае да зборува странски јазици, но не знае да се гризне за својот, научило да намести вода за туширање, но не знае со неа да измие образ со кал. Имате поранешен ученик кој од училиштето научило работи за животот, но не го знае она најбитното - како се живее. А не го научивте ни вие.
Ако го пуштите да работи што сака, можеби ќе биде невоспитано, но ако го пуштите да биде што сака, сигурно ќе биде среќно. Родителите се подготвени сè да направат за своето дете, освен едно - да го пуштат да биде свое. Многу често под изговорот „тоа е за твое добро“ се крие „јас знам најдобро“ бидејќи има премногу опасност во тоа дека ќе биде различно од она што го планирате за него доколку бира самото.
Бидете свесни дека во тој мал човек нема ништо што е ваше. Тоа суштество е целосно свое од моментот кога му е пресечена папочната врвка. Само вие понекогаш не му допуштате да биде тоа. Не дозволувајте забранувањето на неговата суштина да го разбирате како воспитување. Бидејќи не е тоа. Единственото нешто што во него може да се прими, а да е ваше е вашата љубов. Не суетата, комплексите, неисполнетите желби, стравот, ниту амбициите. Софтверот на било кој човеков ум не ги чита тие кодови.
Детето умее да реагира само на љубов. Ако веќе сакате нешто да му забраните, не му дозволувајте да биде како вас. Доколку биде, знајте дека не сте успеале како родител. Тоа мора да биде подобро.
Извор:
Блогдан