X
 15.02.2023 Образование

Наместо наставниците, кинезиолози ќе ги водат часовите по физичко во Хрватска

Министерството за образование и наука на Хрватска претстави нов план според кој наставниците повеќе нема да ги држат часовите по физичко образование во пониските одделенија. Наместо тоа, магистри по кинезиологија ќе ги држат овие предмети. Затоа, Министерството планира да вработи 1.500 магистри по кинезиологија во училиштата во следните четири години.

Промените ќе се однесуваат на ученици од прво до четврто одделение во основните училишта, дознава хрватскиот медиум „Јутарњи“. Експерименталната програма, која ќе вклучува и тестирање целодневна настава, треба да започне во 50-ина училишта со почетокот на следната учебна година. Промената треба целосно да биде имплементирана во учебната 2027/2028 година.

Целта е да се намалат обврските на наставниците, кои ќе преземат други обврски во рамките на целодневната настава. Од друга страна, кинезиолозите треба да помогнат во спречувањето на дебелината кај децата.

Според достапните податоци, трендот на зголемување на часовите за физичко образование се забележува во повеќе земји, како Чешка, Естонија, Данска, Франција и Унгарија. Кинезиолозите се вклучени во наставата во училиштата во Португалија, Словачка и во Словенија.

Извор: Jutarnji
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование