X
 27.04.2024 Живот

Осврт кон учебникот по македонски јазик за шесто одделение

Со започнатите образовни реформи нормално дека се наложи потребата од менување на наставните програми во основното и во средното образование, а со тоа и издавање нови учебници. И тој процес засега оди етапно. Минатата учебна година започнаа обуки за новите наставни програми во VI (шесто) одделение по сите наставни предмети, меѓу кои и за македонски јазик. Наставниот кадар имаше обврска да ги следи обуките и да се вклучува во давање сугестии и дискусија, по она што беше презентирано и укажувано. Неколку месеци по спроведените обуки од БРО, односно пред почетокот на 2024 год., се издаде нов учебник по македонски јазик за шесто одделение во деветгодишното образование, од авторките: Адриана Ѓоргиев и Евгенија Дика Талеска. Овој учебник веќе се употребува како главно наставно средство на часовите по македонски јазик и литература затоа што е соодветен според новата наставна програма што се работи за шесто одделение и ги задоволува сите педагошки критериуми и барања, стандарди и цели.

Оттука, како колега македонист, имав можност целосно да го разгледам и проучам овој учебник, а сега имам задача и обврска да кажам збор-два за овој труд, кој ни е од суштинско значење за часовите по македонски јазик и воопшто. Ветив дека ќе го изнесам своето мислење. Имено, ќе започнам со сите пофалби за трудот, знаењето, издвоеното време и секако, трпението со кое е пишуван учебникот. По долги години имаме нова наставна концепција, а со неа, потреба од нов учебник по предметот македонски јазик за VI (шесто) одд. Низ страниците на овој учебник опфатени се сите наставни подрачја што ги работиме: Јазик и комуникација, Литература, Изразување и творење и Медиумска писменост. На крајот, има еден дел насловен: Список на непознати и помалку познати зборови, што е од значителна корист и потреба кога обработуваме лирска или епска творба. Сметам дека на толку разбирлив, јасен, целосно податлив начин за лекцијата што се обработува, предаден е скоро целиот материјал во учебникот. Што сакам да кажам? Сакам да кажам дека лесно се чита и памти за возраста и тера на размислување со своја глава, односно развивање на критичката мисла кај ученикот. Учебник во кој се застапени задачи со прашања за повторување на она што го учевме на часот, како и дел насловен: Провери го знаењето! Целосен опфат за тоа како треба да изгледа еден учебник, прирачник и водич во наставата. Ете, таа е суштината на учењето: да немаме пренатрупан материјал, а сепак, да го разбираме и извлечеме најважното од она што го учиме. Оттука, лесно ќе се совлада материјалот и за претстојните натпревари по македонски јазик. Им кажувам големо БРАВО, секоја чест и благодарност до авторките за новосоздадениот труд, кој треба да биде пример и за сите наредни одделенија за кои се започнати образовни реформи. Создадовте книжевно дело од кое треба да учат генерации... и тоа со задоволство!

Останува учениците (како што пишуваат авторките во предговорот) да бидат упорни и ангажирани во учењето од овој учебник затоа што на таков начин се станува вистински голема личност, со која ние наставниците ќе се гордееме. Ако солидно се познава мајчиниот јазик, тогаш нема да постои никаква пречка во изучувањето и совладувањето на туѓите јазици. Учебник кој треба да учи и да научи на самостојност во постапките, од што ќе произлезе и личната одговорност што ќе води кон промени во иднината, односно во создавањето на свој свет.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот