X
 27.06.2022 Живот

Која била Џејн Роу, жената која пред 50 години се изборила за правото на абортус во САД?

Поништувањето на пресудата за Роу против Вејд од 1973 година на Врховниот суд во САД за милиони Американки значи можна забрана на абортусот. Тој нема автоматски да стане илегален во САД, но одредени сојузни држави сега ќе можат да одлучуваат дали и како ќе го дозволуваат.

Се очекува голем број сојузни држави целосно да го забрани или ригорозно да го ограничи абортусот. Во некои држави клиниките за абортуси почнаа да се затвораат веднаш по пресудата во петокот.

Што значи одлуката на судот?

Дури 13 сојузни држави имаат закони кои ќе забранат абортус во рок од 30 дена. Според Институтот „Гатмахер“, повеќе од 20 држави прават чекори за ограничување на пристапот до абортус. некои држави имаат намера да го забранат од моментот на зачнување, додека други по шест или повеќе недели.

Сите држави доволуваат абортус за да се спаси животот на мајката, додека некои исто така ќе дозволат исклучоци за случаи на силување или инцест. Мнозинството рекоа дека нема казнено да ги гонат жените поради обидите за прекин на бременоста, но оние кои извршиле абортус ќе бидат казнено гонети, како и оние кои се обидуваат да им помогнат на жените да абортираат.

Која била Норма Мекорви, жената со која почнало сѐ?


Жената која пред 50 години го покренала случајот со кој на жените во САД им било овозможено правото на абортус се вика Норма Мекорви. Во парницата против Тексас името на Норма било Џејн Роу.

Норма во 1970 година имала 22 години и била келнерка во Далас. Таа не била мажена и веќе трет пат била трудна. Во тоа време абортусот бил забранет, освен во случаите кога бил загрозен животот на мајката. Норма рекла дека е силувана и сакала да абортира. По неуспешниот обид за илегален абортус во петтиот месец од бременоста, таа стапила во контакт со Сара Ведингтон и Линдом Кофи, кои дипломирале право на Универзитетот во Тексас.

Ведингтон и Кофи покренале тужба тврдејќи дека на 22-годишната Норма ѝ е повредено правото на приватност според 4 уставни амандмани. За да ја сочува анонимноста, Норма во парницата станала Џејн Роу и ја почнала правната битка против Хенри Вејд, тогашниот окружен обвинител во Далас. Случајот Роу против Вејд во 1970 година првпат стасал до Врховниот суд.

Правната битка траела три години, а во јануари 1973 година, Врховниот суд донел пресуда за која одлучувале седуммина судии. Двајца од нив биле против. Во пресудата стои дека Тексас го пркршил уставното право на приватност во случајот на Норма. Судиите заклучиле дека сојузните влади немаат овластувања да ги забранат абортусите. Сега, со поништувањето на пресудата, сојузните влади повторно имаат овластување за тоа.

Врховниот суд пред речиси 50 години во пресудата заклучил дека американскиот устав го штити правото на жените на абортус. Создаден е систем во кој жената има апсолутно право на абортус во првите три месеци од бременоста. Државата може во второто тримесечие да го забрани или ограничи абортусот, а во последното тримесечие тој е забранет.

Случајот Роу против Вејд резултирал со утврдување дека жената и во последното тримесечие може да оди на абортус и покрај законската забрана, но во случај кога лекарите ќе потврдат дека така се спасува животот или здравјето на мајката. Иако Норма победила, процесот траел долго, па нејзиното трето дете веќе било родено и посвоено. Таа на посвојување го дала и второто дете, а првото го посвоила нејзината мајка.

Прво била активистка за право на абортус, а подоцна против тоа.

Норма починала во 2017 година на 69-годишна возраст. Наводно, на смртна постела признала дека никогаш целосно не го поддржувала движењето против абортусот. Претходно, во еден документарец Норма кажала дека земала пари и била ставена пред камери за да зборува што ѝ било кажано.

Норма во 1981 година станала активистка така што волонтирала за Националната организација за жени во Далас. Работела со здруженија кои поддржувале абортус. Кон средината на 1990-тите се приклучува на групите кои се против абортус.

Норма ниту поддржувала ниту била против абортус, туку сметала дека би требало да биде легален три месеци по зачнувањето.

Извор: Buka
Насловна фотографија: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот