X
 27.07.2022 Забава

Совети од 1973 за млади Југословени како да им приоѓаат на девојки на плажа

Сезоната на летувања е во полн ек. Додека сите знаеме што може да очекуваме од одење на плажа денес, помладите генерации не знаат како било да се летува за време на поранешна Југославија.

Хрватскиот медиум „Индекс“ во соработка со веб-страницата „Југопапир“ објави текст од 1973 во кој се нудат совети за младите Југословени како да им приоѓаат на девојките за време на летувањето. Во продолжение е превод од целиот текст.

„Не постои подобро и посимпатично место за започнување, а често и за успешен исход на познанство, од плажа. Постојат такви што доаѓаат на море да се одморат од напорот во текот на целата година, поради што живеат речиси манастирски живот, и други кои сакаат да одморат само толку колку што мораат, за да не се вратат дома поуморни отколку кога тргнале.

Вие, сигурно, припаѓате во оваа втората категорија, па затоа го напуштате градот - убави витези, со луда желба да се забавувате и да живеете на висока нога. За малку да се „вратите во форма“, петнаесет дена пред тргнување сте започнале да вежбате, за од вашето атлетско тело да исчезнат стомакот и салото. Веќе за време на патувањето се прашувате какви ли се девојките во местото каде што ќе го поминете летото.


- Оф, каква жештина! Ми се чини дека ќе полудам... Никогаш не владеела ваква невозможна температура. Кога барем би врнел дожд... По ѓаволите, ќе почнам да паѓам во тие десет дена кога ќе бидам на одмор.

- Каде си одлучил да одиш?

- Уште не се одлучив меѓу Опатија и Макарска.

- Слушај, на Олиб има прекрасна плажа. Природата е речиси недопрена. Тука се и можностите за подводен риболов, а исто така...

- Дали си полудел? Што да правам на Олиб? А девојки? Таму сигурно нема ниту една слободна жителка, а на таков тивок остров доаѓаат само жени со мажите или заљубени парови. Не, секој има свој вкус... Ти сакаш подводен риболов, а јас надводен. Не можам да замислам одмор без барем една згодна бринета или блондинка. Впрочем, не одам сам. Веќе имам две кукли што ми прават друштво.

- Згодни ли се?

- Зарем се сомневаш во мојот вкус?

- По ѓаволите, тогаш и јас се откажувам од Олиб. Доаѓам со тебе во Опатија или Макарска!

Немојте веднаш да тргнете во напад

Бидејќи тие две девојки биле зафатени или болни кога сте тргнале на годишен одмор, мора да тргнете сами. Но, не очајувајте! Штом стигнете на плажа, меѓу капачите ја забележувате онаа од која ви застанува здивот. Секако, немојте веднаш да тргнете во напад.

За да бидете сигурни во солидарноста на келнерот, веднаш дајте му добар бакшиш. Потоа следниот ден замолете го да ви даде столче блиску до избраничката на вашето срце. Тој нема да може да ве одбие. Ако ништо друго, така ќе може да го оцените апетитот на вашата драга пријателка: не е исклучено да јаде како силна правосмукалка за прашина. Тоа ќе ви биде предупредување следниот ден да ја поканите на вечера бидејќи ќе останете без пари многу порано отколку што сте мислеле. Навистина е неверојатно како некои вити и слаби девојки, кои изгледаат како да живеат на вода и воздух, може да изедат големи количини храна.

Започнете кампања со тоа што за време на вечерата или ручекот ќе ја поздравите со насмевка. Потоа ќе ја видите на плажа, па нема да ви биде тешко да тргнете во напад. На море девојките сакаат да се забавуваат и да склопуваат нови познанства; да не беше така, би отишле на некој осамен остров каде што освен галеби нема ништо друго. Тоа значи дека теренот веќе сам по себе е идеален. На тоа додајте ја жештината, целосното отсуство на какви било грижи...

Бидете љубезни, симпатични, никако наметливи

Две вечери подоцна (ако не и пред тој рок) веќе ќе ви тргне од рака да ја викнете на танц, и тоа на едно прекрасно место кое е грев да не се види. Ќе ја сретнувате секое утро, ќе одите на пловење со брод. Сигурно ќе се спријателите порано отколку што претпоставувате. Меѓутоа, секогаш однесувајте се на најдобар можен начин: бидете љубезни, симпатични, срдечни, но никогаш наметливи и нападни. Бидете итри за девојката да го задржи изборот на вас. На крајот на краиштата, не е толку тешко да ѝ се додворува на некоја жена.

Сторете сè да ѝ дадете до знаење дека ја сметате за исклучително убава, добра, благородна, образована и интелигентна - и тврдиме дека никогаш нема да погрешите. Бидејќи сте го завршиле воведниот дел, ќе почнете да излегувате со неа надвор од хотелот. Ќе одберете романтични места, зајдисонца, ноќи со полна месечина и слично, ресторани кои се слабо посетени, кои имаат прекрасни градини. Ќе ја водите на прошетка таму каде што има многу идилично прегрнати парови, но ништо нема да преземете.


Стојте покрај неа, но не допирајте ја, зборувајте ѝ со сугестивен и топол глас, гледајте ја со магнетен поглед (ако можете), но ништо друго. Спокојно слушајте музика (ако играте, не стегајте ја), набљудувајте го зајдисонцето, кога шетате со задоволство вдишувајте го воздухот... и пак ништо повеќе од тоа.

Девојката ќе се прашува зошто не сте ја бакнале

По една седмица ќе бидете исцрпени. Но, таква е борбата со нервите. Ако не се чувствувате способни да ја водите, може да се повлечете кога и да мислите дека е потребно. Но, ако имате доволно сила за овие искушенија, ќе добиете убав подарок од вашата пријателка. Девојката прво ќе ѝ се восхитува на вашата воздржаност и ќе се чувствува мирна покрај вас.

Потоа ќе се чувствува премногу мирна, па ќе се запраша зошто и покрај илјада поволни можности (романтични ресторани, прошетка на месечина) ниту еднаш не сте ја бакнале. Ќе помисли дека не ви се допаѓа и ќе направи сè за да изгледа пољубезна, подуховита, подостапна. Ќе почне почесто да го менува фустанот, ќе се чешла повнимателно, ќе купи нов парфем (за кој ѝ кажале дека е неодолив)... но вие и понатаму ќе бидете непопустливи.

Вие сте најпосакуваниот човек на светот, но не сакате да мрднете со прст!

Да се утешите, си помислувате дека ако вашите нерви вибрираат како жици на виолина, нејзините веќе се наоѓаат пред експлозија. Затоа искучиво од вас зависи кога ќе го прекинете тоа мачење. Ќе биде доволно само да ја погледнете на одреден начин, па самата ќе ви падне в прегратка.“

Извор: Index
Автор: Ана Новиќ
Насловна фотографија: Youtube (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава