Една од популарните југословенски урбани легенди вели дека при посетата на СФРЈ во 1961 година, етиопскиот император Хаиле Селасије му рекол на Јосип Броз Тито дека голем и убав град како Белград нема ниту еден престижен хотел. Според легендата, таа забелешка толку многу го налутила Тито, што веднаш издал наредба да се изгради хотел со симболично име „Југославија“.
Хотелот „Југославија“ во Белград, некогаш најлуксузната угостителска зграда на поранешна СФРЈ и најголемиот и најмодерен објект од ваков вид во поранешната држава, неодамна беше продаден на јавна аукција. Познатиот објект на кејот Земун, земјиштето кое му припаѓа, како и сите уметнички дела (некои од големо историско значење) ги купи компанијата „МВ Инвестментс“. Со своите седум ката, помошни згради, 1.500 соби, 23 апартмани, ресторан, зимска градина, тераса за појадок, бар и ноќен клуб, хотелот некогаш бил апсолутен бисер на гостопримството во Југославија. Судбината на хотел „Југославија“ наликува на судбината на земјата чие име гордо го носела сите овие години, но и на судбината на повеќето хотели од таа ера. Од некогашните бисери останаа само духови.
Хотел „Југославија“ - од сјај до очај
За разлика од урбаната легенда спомената на почетокот на текстот, вистината била многу поинаква. Конкурсот за изградба на овој архитектонски титан, кој требало да ја претставува сета големина и сила на новата држава, всушност бил распишан по иницијатива на Тито, но во далечната 1947 година.
Хотелот „Југославија“ не треба да се гледа изолирано, туку како дел од огромен градежен проект од социјалистичкиот период, што било потврдено со изложбата „Кон бетонска утопија“ во музејот МОМА во Њујорк“, објасни еднаш Бранислав Димитријевиќ, српски историчар и теоретичар на уметност.
На конкурсот победиле загрепските архитекти Младен Каузлариќ, Лавослав Хорват и Казимир Остроговиќ. Комисијата ја оценила нивната работа како модерна и совршено приспособена на новобелградските трендови од тоа време. На почетокот, проектот се викал „Хотел Белград“, но било заклучено дека името „Југославија“ многу повеќе би одговарало за ваква грандиозна зграда.
Но, од идеја до изградба поминале речиси 20 години. По низа проблеми и одложувања, хотелот бил отворен во 1969 година, а конечниот ентериер го дизајнирале белградските архитекти Иван Антиќ, Мирко Јовановиќ, Владета Максимовиќ и Милорад Пантовиќ.
На свеченото отворање на хотелот лентата ја пресекол другарот Тито. Главната зграда на хотел „Југославија“ има седум ката, а посебен бил и импозантниот ентериер на хотелот. Повеќе од 600 соби и апартмани, ресторан со повеќе од 800 седишта и незаборавен поглед на Дунав.
Во холот пред салата за свечени банкети се наоѓал најголемиот лустер „Сваровски“ во тоа време во светот, кој исто така се нашол во Гинисовата книга на рекорди. Лустерот бил долг 30 метри и широк 5 метри, во правоаголен формат и тежина 14 тони, со 40 илјади кристали и 5 илјади светилки. Го преживеал и НАТО бомбардирањето, но веќе не е најголем ниту во Европа.
Меѓу познатите гости, овој лустер ги осветли британската кралица Елизабета, Нил Армстронг, Баз Олдрин, Ричард Никсон, Џими Картер, Моамер ел Гадафи, германскиот канцелар Вили Брант, Тина Тарнер, Кевин Костнер и многу други. Под неговите, но и под светлината на 16 други огромни лустери „Сваровски“ биле снимени многубројни филмски сцени.
Невообичаено за тоа време, гостите можеле да купат што сакаат во хотелот, а имало дури и пансион за кучиња, со кој само неколку хотели денес можат да се пофалат. Во еден од документарните филмови снимени за овој хотел имало приказна за постоењето на тајни подземни премини кои ги поврзувале хотелот и палатата Србија.
Трошоците за изградба на хотелот биле проценети на 2 милијарди и 750 милиони динари. Во текот на 90-тите години хотелот ја добил првата дамка во својата славна историја: во него бил сместен штабот на паравоената формација „Тигри“ на Жељко Ражнатовиќ Аркан. Затоа бил една од целите на НАТО за време на бомбардирањето во 1999 година. Хотелот бил погоден од неколку бомби, а лошата приватизација по 2000 година и смената на неколку сопственици и нереализирани проекти доведоа до тоа тој никогаш повторно да не блесне.
- Неверојатно е колку се слични и испреплетени судбините на една земја и еден хотел, кои и двете го носат името Југославија. Хотел „Југославија“ беше најголемиот во СФРЈ и неговата цел беше да покаже колку е силна и голема земјата, но и политички и културолошки - вели Никола Миликиќ од Историскиот музеј на Србија.
Како исклучителен пример за модерност, хотел „Југославија“ денес е под Заводот за заштита на спомениците на културата на Србија, а неговото постоење може да се сумира во реченицата „од сјај до очај и назад“.
Со последната продажба на хотелот се поставува прашањето што ќе биде со објектите во самиот хотел кои се под заштита како споменици на културата. Последниот сопственик е компанијата „МВ Инвестмент“, која работи во рамките на тимот на градежната компанија „Милениум“, а наводно планира заедно со реконструкцијата на хотелот на тоа подрачје да изгради две кули високи до 155 метри.
Извор:
6yka.com
Фото:
Wikipedia