Катастрофите предизвикани од климатските промени се случуваат еднаш неделно, иако на повеќето од нив не им се посветува доволно внимание во светот, соопштија од Обединетите нации и истакнаа дека земјите во развој итно треба да се подготват за соочување со последиците од глобалното затоплување.
Катастрофите како циклонот во Мозамбик и сушите во Индија стигнуваат до насловните страници, но за голем број вакви настани со послаб интензитет и последици во кои луѓе страдаат и се раселуваат не се знае ништо. Тие се случуваат многу побрзо, поинтензивно и во многу поголем број отколку што некој би можел да предвиди, соопшти Мами Мизутори, специјална претставничка на ОН за намалување на ризикот од природни катастрофи.
- Не станува збор за иднината, овие нешта се случуваат сега - истакна таа.
Тоа практично значи дека приспособувањето на климатските промени веќе не може да се смета за долгорочен проблем, туку за горлив проблем со кој мораме да се соочиме сега.
- Луѓето мора посериозно да разговараат за адаптација и отпорност - наведе Мизутори.
Се проценува дека штетата што ја предизвикуваат климатските промени на годишно ниво е дури 520 милијарди долари, а дополнителните трошоци за изградба на инфраструктура отпорна на ефектите на глобалното затоплување би изнесувале околу 3 отсто од оваа сума, односно 2,7 милијарди долари вкупно во следните 20 години.
- Тоа не се многу пари во контекст на вложување во инфраструктурата, но никој не инвестира пари во тоа. Мораме да платиме за отпорност - наведе Мизутори и додаде дека тоа би значело нормализација на стандардите за нова инфраструктура така што таа би била помалку ранлива и поотпорна на последиците од поплавите, сушите, бурите и екстремните временски услови.
Фокусот во борбата против климатските промени досега беше намалувањето на емисијата на штетните гасови. Прашањето за адаптација на последиците од промените го зазема второто место, делумно затоа што активистите и научниците со години стравуваа дека ќе поминат напорите за намалување на емисиите на гасови ако најдеме начин да се приспособиме, но и затоа што намалувањето на емисиите на гасови може да се измери, додека прашањето на адаптација и отпорност не може да се утврди во егзактни рамки.
- Веќе нема време. Доколку не се адаптираме, нема да преживееме - порача Мизутори.
Важно е да се напомене дека многу катастрофи со помал одек можат да се спречат доколку луѓето навреме бидат предупредени за неповолните временски услови, доколку се обезбеди подобра инфраструктура во смисла заштита од поплави и пристап до вода во случај на суша, а националните влади мора прецизно да утврдат кои области се
најранливи.
Најранливи категории се сиромашните, жените, децата, старите, раселените, а многу од нив живеат во импровизирани населби без пристап до основните животни потреби.
Фото: Freepik