X
 27.09.2018 Култура

„Луди за љубов“ ќе ѕирне во опачината на прирачниците за среќа и љубов

Камерната претстава според познатиот текст на Сем Шепард ќе има премиера утревечер, во 20 и во 22 часот, во Драмскиот театар


Претставата „Луди за љубов“ од Сем Шепард, а во режија на Деан Дамјановски утревечер премиерно ќе биде изведена на малата сцена во Драмскиот театар во Скопје, и тоа двапати - во 20 и во 22 часот. Главната женска улога во првата изведба ќе ја толкува Јана Стојановска, а во втората - Благица Димитровска. Другите улоги ги толкуваат: Филип Трајковиќ, Анастас Тановски и Кристијан Светиев.
Директорката на Драмски, Викторија Рангелова-Петровска, најави дека станува збор за камерна претстава.
Дамјановски информира дека претставата е кратка, се игра во еден здив и трае еден час и 15 минути. Но, не е едноставна за актерите, нагласи режисерот.

- Се работи за сурова измачена љубовна драма меѓу двајца луѓе чии животи на некој начин се промашени. Самиот амбиент на малата сцена ѝ дава друга димензија на претставата и интимност – рече Дамјановски.
Музиката е на Миодраг Неќак, а автор на композиција е Јана Стојановска. Сценографијата е на Ѓорѓи Ѓорѓиевски, а костимите се на Елена Вангеловска.

Јана Стојановска и Филип Трајковиќ

Сем Шепард (1943-2017) ја напишал „Луди за љубов“ брзо по разводот со неговата жена О-Лан. Во писмото што го испраќа до Џо Чајкин, кој му бил пријател и близок соработник, Шепард ја опишува својата драма како продукт на заглушувачкото чувство низ кое поминувал минатава година... текстот е многу емоционален и е помалку засрамувачко лично сведоштво, но и нужно, истовремено.
- Во времето на едноставни и практични прирачници за среќа, слобода, љубов и што ли уште не, наоѓам дека е добро да се погледне и опачината на овие поими, кои, некако по дефиниција ги прифаќаме за позитивни. Оттука и „Луди за љубов“, драма во која Шепард ги поставува ликовите на Еди и Меј да лутаат без конецот на Аријадна во темниот лавиринт на сопствените емоции за да се најдат еден со друг. Во таа потрага по својата друга половина, тие полека ја откриваат природата на љубовта, која за нив постои само во невозможноста за нејзино остварување – рече Дамјановски.

Атанас Тановски, Филип Трајковиќ и Кристијан Светиев
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура