X
 23.05.2020 Наша тема

Актерски пар во изолација – Емилија Мицевска и Филип Трајковиќ уживаат во Соње, собирањето печурки им е омилено хоби

Секојдневно сме во допир со природата и не би можел да се замислам да бидат сега затворен во стан и да не можам да излезам да испијам кафе со звукот на природата, да излезам во двор и да легнам на лежалката врзана помеѓу две дрвја и да зјапам во небото, вели актерот Филип Трајковиќ од Драмскиот театар

Како ја преживува корона-кризата парот Емилија Мицевска и Филип Трајковиќ, актери во Драмскиот театар во Скопје? Живеат во с. Соње, во куќа, и тоа им е олеснителна околност. Признаваат дека на почетокот промената тешко им паѓала, особено да се биде далеку од семејството, од пријателите, од театарот. Но, се помириле. Дури и свадбената церемонија што ја планирале за летово ќе мора да почека поради состојбата, но тоа не ги обесхрабрува. 

Мицевска и Трајковиќ имаат доста проекти заедно. Последни им беа „Мојот маж“, „Кралот Иби“, а од претставите од поодамна играа заедно во „Вера, надеж, љубов“, „Буре барут“, „Јов“ и др.

Мицевска ужива во природата

- Отсекогаш сме биле изолирани од градот. Во тоа секогаш ќе уживам бидејќи вака природата ми е дома. Сега веќе е поинаку. Сега ја уживаме пролетта во дворот, сѐ е раззеленето, секој ден има понешто ново расцутено, никогаш не е исто, си црцорат птици. Пресреќна сум што сме тука - вели Емилија.


Го исполнуваме времето на најдобар можен начин

Филип признава дека конечно нашол време за некои работи што постојано ги одлагал, а ужива во нив. Се посветил повеќе на себеси, на кучињата, на обврските во дворот.

Филип Трајковиќ (фото: Стефан Рајхл)

- Уште на самиот почеток на изолацијата се „наштимав“ себеси дека ова е само еден малку подолг одмор, па така некако успеав да уживам во сѐ што доаѓа со ова. Преку ден сме надвор колку што можеме повеќе, навечер играме друштвени игри заедно со татко ми и сестра ми, гледаме серии, филмови. Успеваме да го исполниме времето на најдобар можен начин - вели Филип.

Мицевска е среќна што живее во куќа. Навистина е достигнување за многу млади да си овозможат стан или куќа во вакви времиња, вели Емилија.
 

- Но, големите згради, високите ѕидови и сите неживи предмети околу нас во ова време на технологија предизвикуваат апсолутен стрес, кој тивко нѐ убива. Технологијата ни го зеде животот. И сето она што сме го постигнале и освоиле, бркајќи ја нашата цел, ќе се сведе на влошување на психичкото и општото здравје. Природата мене ме прави радосна, ме одмара, ми годи, за жал, многу повеќе отколку што ми годат некои луѓе. Ме преродува, ме учи, ми ги решава проблемите што ми се создаваат меѓу четири ѕида. Ме учи на важноста и неважноста на случувањата. Јас во природа сум пресреќна. Се прочистувам и медитирам чекорејќи. Ме исполнува. Ја почитувам и ѝ се восхитувам. Природата овој период ми помогна најмногу во сѐ – вели актерката.

Периoдов го користат за да поминат повеќе време и по планините и да бараат печурки. Тоа е постара страст на Филип, а од неодамна се „заразила“ и Емилија.

Заедно со актерот Лазе Манасковски и неговата сопруга, од кои научиле многу за печурките

- За мене овој свет е нов. Сѐ уште е рано да кажам дека ми е хоби, иако постојано учам и истражувам за печурките. Последниве 2 години каде и да одевме на планина, Филип секогаш наоѓаше начин да се искрадне и да бара печурки. Незнаењето води до многу лутање. Печурките ме плашеа. Ништо не знаев за нив, освен дека може да бидат отровни ако ги згрешиш. Како го пишувам ова, ме фаќа смеа, се присеќавам на ситуации во кои од овој аспект сум си смешна. Сега е поинаку. Сега има денови кога јас сум таа што вели: „Ајде да одиме по печурки“. Не знам како, но веднаш ги наоѓам. Сакам да ги запознаам сите. Возбудата што ја открив барајќи печурки е неопислива. И секако дека Филип ги знае подобро. Тој е мојот учител - вели актерката.

Филип научил за печурките од актерот Лазе Манасковски, со кого пред една година почнал да оди по печурки.

- Ема на почетокот беше против ова мое ново хоби од страв дека печурките можат да бидат и отровни, но бидејќи и таа ги сака прошетките низ шумите, доаѓаше со мене секогаш кога можеше. Во моментот кога ја најде првата печурка сето тоа се смени и страста што ја имав јас се пресели и кај неа. Сега заедно со Лазе и со неговата сопруга Васка, која исто така многу се разбира во печурки, одиме заедно во потрага. За нас тоа е еден вид медитација во која комплетно се препуштаме. Дури и кога нема да најдеме ништо, сепак денот поминат на планина со добро друштво е незаменлив. Се разбира, задоволството е поголемо кога дома се враќаме со полна кошница печурки - вели Трајковиќ.

Филип со своето куче Веда

Тој споделува дека да не ја сакале толку многу природата, ќе им било сеедно каде го поминуваат периодот. Животот надвор од градот е голем благодат за него.

- Секојдневно сме во допир со природата и не би можел да се замислам да бидам сега затворен во стан и да не можам да излезам да испијам кафе со звукот на природата, да излезам во двор и да легнам на лежалката врзана помеѓу две дрвја и да зјапам во небото. Да излезам и да шетам низ некоја шума. Надвор опкружен со дрвја, птици, далеку од секаков метеж за мене, е најголемото уживање на светот - вели Трајковиќ.

Емилија додава дека карантинот ѝ помогнал повеќе да се запознае себеси, почнала да се занимава со техниката декупаж и да слика. А ѝ недостига да ги гушне луѓето што ги сака.

Емилија обожава да собира печурки

- Да ги допрам, да ги штипнам. Да наздравиме... неколку роденденди прославивме периодов виртуелно. Ме радува, но тоа за мене е тажно. Ми фали слободата да можам во кое било време да видам кого сакам. Ми фали ручек со моите - признава актерката.

И двајцата велат дека театарот многу им недостига, а и средбата со публиката. Иако многумина би претпоставиле дека тие „си глумат“ и по дома, велат дека по дома си се тие, само читаат драмски текстови.

- Сѐ друго останува во нашата фантазија и чека подобро време и точно место на кое сето тоа ќе можеме да го искажеме, т.е. ја чекаме сцената. Сепак, таму текстовите и креациите во нашите глави си ја наоѓаат смислата - вели Трајковиќ.

Многу ми недостига театарот, тој ме здравеел и сега одеднаш го нема. Но, тоа не смее да ме разболува, мора да се откриеме како да живееме без нештата што нѐ радуваат, вели Емилија.

- Ете така се откриваат нови радости во животот. Со колегите комуницираме постојано и едвај чекам пак да си се видиме набрзо. Тоа се чудесии од луѓе. Не може, а да не ти недостига нивната енергија. Ние многу често повеќе живееме в театар отколку дома. Добра беше оддишката на почетокот, но сега веќе ни недостига нашиот свет - вели Емилија.

Од снимањето на краткиот филм „One more cup of coffee“ на Ѓорѓи Лазов

Ниедна технологија не може да го замени физичкото постоење. Без разлика колку и да уживам во овој ,,малку подолг одмор“, сепак, навистина тешко ми паѓа изолацијата од сцената, од публиката, колегите, вели Трајковиќ. 

- Ми недостига оној мој совршен свет во кој сѐ е возможно, оној свет во кој сонот е реалност, светот во кој еден ист човек е и сѐ и ништо, и малку и многу, и голем и мал, и за секаде и за никаде... Светот во кој нема граници – сцената! Таму тој свет го градиме заедно со колегите, без нив светот е мал, стерилен и празен – завршува Трајковиќ.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема