На баварските Алпи има една куќа за одмор изградена во 1916 година. Младиот Адолф Хитлер на почетокот од 20-тите години на минатиот век минувал доста време на тоа место, но не му се допаднала промената на сопствениците. Затоа книгата „Мојата борба“ не ја завршил на тоа место, каде што почнал со пишување, но сиот приход од продажбата на книгата го вложил за да ја купи куќата. Куќата е проширена и реновирана, а Хитлер ѝ дал ново име - Бергоф.
Денес во близина на некогашната резиденција на Хитлер стои мал патоказ кој ги упатува минувачите кон музејот во близина на куќата. Музејот е отворен во 1999 година за да го привлече вниманието на десничарите, кои ја посетувале Бергоф како да е светилиште.
Не успеало, како и кога во 1952 година околу Бергоф биле засадени дрвја за да се затскрие куќата. Сепак, значењето на тој објект во историјата на Третиот Рајх не можело да биде фрлено во сенка.
Тоа било втора или трета најважна локација на која се собирал главниот штаб од германската војска во текот на Втората светска војна, а погодност за генералите од Третиот Рајх бил теренот на кој се наоѓа вилата, како и големиот број тунели што се изградени за да обезбедат најсигурен пат за бегство. До тие сознанија дошле и сојузниците, кои на 25 април 1945 година го бомбардирале целиот предел верувајќи дека Хитлер од Берлин побегнал во Бергоф.
Повеќе од седум децении подоцна, во 2017 година, околу 170 илјади туристи го посетиле Бергоф, а Матијас Ирлингер, кој во музејот работи од 2004 година, тврди дека, за жал, голем број луѓе го заобиколуваат музејот кога одат во обиколка на комплексот.
- Ја имаме првата генерација по војната каде што луѓето само сакаат да заборават. Потоа е втората генерација со студентските протести во 1968 година и луѓето почнуваат да поставуваат прашања, а третата генерација доаѓа на ова место, често под влијание на нацистичка пропаганда. Сепак, мислам дека се попаметни и дека сме доволно силни да можеме да се носиме со тоа - истакнува Ирлингер.
Тој додава дека во текот на последните две години се организирани голем број тури на ултрадесничарски групации од Унгарија и Чешка, каде што таквите
движења се во подем.