X
 30.01.2019 Живот

Зошто германската полиција ги заплени „лажните“ акварели на Хитлер?

Германската полиција заплени три акварели презентирани како дела на Адолф Хитлер пред да бидат извадени на аукција во Берлин, тврдејќи дека би можеле да се лажни.

Два пејзажа се од 1910 и 1911 година и се потпишани со: А. Хитлер. Берлинската полиција напиша на „Твитер“ дека е отворена истрага за обид за измама и фалсификување на документи.

Почетната цена беше 4.000 евра за слика, а секоја од нив имаше одобрение од експерт кој ја потврдува автентичноста.

Нацистичкиот диктатотр, кој извршил некои од најголемите злодела во историјата на човештвото, двапати се обидел да се запише на виенската Академија на уметностите кога бил млад, но бил одбиван поради недостиг на талент. Сепак, тој продолжил да слика и копирал пејзажи од разгледници што им ги продавал на туристи.

На аукција одржана во Нирнберг во 2015 година акварели и цртежи на Хитлер собраа речиси 400.000 евра. Една слика од замокот Нојшванштајн во Баварија достигна највисока цена и беше продадена за 100.000 евра.

Сликата од замокот Нојшванштајн
Фото: The Local

Германските медиуми пренесуваат дека сликите за кои требало да се врши наддавање во Берлин се дискутабилни поради неколку причини.

За пејзажот на Рајна се вели дека е насликан од страна на Хитлер во 1911 година. Но се мисли дека Хитлер првпат ја посетил Рајна на 22 октомври 1914 година.

Од крајот од 1909 година до почетокот на Првата светска војна во 1914 година Хитлер заработувал од продавање акварели и цртежи, првин во Виена, а потоа во Минхен во 1913 година. На нив претежно биле прикажувани локални глетки, некогаш пејзажи.

Сликите се со просечен уметнички квалитет - често биле копирани од разгледници. Не е јасно колку слики насликал Хитлер и колку пари заработил од нив. Тој можел да си дозволи скромно сместување во машки хостели, како и редовни посети на опери и оперети, иако претежно во најевтините стоечки делови.

Се проценува дека Хитлер можеби насликал повеќе од 2.000 акварели и цртежи од крајот на 1909 до почетокот на неговата политичка кариера. Поголемиот дел од нив се вели дека биле создадени за време на оние четири и пол години што тој ги минал во Виена и Минхен, а неколку десетици подоцна додека учествувал во Првата светска војна. Хитлер со баварската армија бил стациониран во окупираната Североисточна Франција и во Белгија.

Сепак, тоа би значело дека барем во Виена и во Минхен тој би требало да слика една слика на ден. И таа би требало да биде завршена. Ова изгледа малку неверојатно бидејќи диктаторот би требало да работи редовно и ефикасно - карактеристики кои никогаш не биле својствени за него.

Диктаторот бил само умерено надарен копирач без сопствен стил. Дополнително, во 20-тите и 30-тите години неговиот поранешен бизнис-партнер Ханиш создавал слики слични на оние на Хитлер и ги потпишувал со името на човекот кој во тој момент веќе бил истакнат партиски лидер.

Примерок на потпис од дело што му се припишува на Хитлер
Фото: The Local

Потписите исто така создаваат сомнежи за автентичноста на сликите од аукцијата во Берлин. Името „А. Хитлер“ може да се види на два од трите акварели. Сепак, не е напишано со течно движење, како што би можело да се очекува од сликар.

Во меѓувреме, потписите на делата изгледаат различно од вистинските потписи на Хитлер од пред 1914 година, иако многу малку потписи се преживеани од тоа време. Тие исто така не се совпаѓаат со неговиот ракопис. Повторно, има релативно малку извадоци од ракописот на Хитлер за кои без сомнеж може да се каже дека се негови.

Фер е да се каже дека во споредба со други потписи на слики што му се припишуваат на Хитлер, тие многу се разликуваат.

Во Германија наводно е легално да се продаваат слики на Хитлер сè додека тие не содржат нацистички симболи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот