X
 27.09.2020 Живот

884 студенти и 347 ученици ќе добијат помош, 540 студенти ќе имаат платежна картичка „Купувам домашно“

Нашето внимание е целосно насочено кон поддршка за работните места, кон невработените лица, социјално ранливите категории како што се пензионерите и граѓаните од други категории, самохрани родители, изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција на која извести за новите мерки на Владата.


Четвртиот пакет тежи 470 милиони евра и заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, тоа значи дека 1 милијарда и 20 милиони евра се насочени кон граѓаните и стопанството.

Ова се мерките од четвртиот пакет:

(1) Поддршка за исплата на плати, која продолжува да важи и за последниот квартал од годината, односно и за октомври, ноември и декември.

Новост во оваа мерка е што поддршката ќе биде одредена скалесто согласно падот на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари. Со новата методологија за државна помош за исплата на платите ќе бидат поддржани 83.000 работни места на нашите сограѓани, на месечно ниво, односно вкупно 250.000 плати за последниот квартал. 


Вредноста на оваа мерка изнесува 70 милиони евра за да се оствари правото на неа, компаниите што ќе аплицираат мора да го задржат бројот на вработени заклучно со 31 јули 2020 година.

Оваа мерка важи и за самостојните вршители на дејности, односно трговците поединци, лицата што вршат земјоделска дејност, занаетчиска дејност и лица што вршат други услуги.

(2) Платежни картички за граѓаните за поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности.

Платежни картички со износ од 6.000 денари ќе добијат 5.726 самохрани родители, пензионерите со пензии до 15.000 денари, односно 182.271 сограѓани пензионери, невработените кои се пасивни баратели на работа, односно 85.108 граѓани, самостојните уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници чија бројка е 520 корисници.

Платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички, а за што навремено и со право реагираа претставниците на студентите.

Плус поддршка за ученички и студентски стандард од 44 милиони денари за 2020 година добиваат 884 студенти и 347 ученици.

Ќе им се помогне на оние граѓани кои се над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи. Оваа мерка опфаќа 283.000 граѓани, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра.

(3) Трета мерка е зголемувањето на грејс-периодот кај бескаматните кредити од Ковид-1.

Со оваа мерка, преку Развојната банка на РСМ, на постоечките корисници на кредитни линии од оваа банка, ќе им бидат обезбедени дополнителни 3 месеци грејс-период пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити.

(4) Со четвртата мерка од новиот пакет се обезбедени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на РСМ

Овие кредити се обезбедени преку Европската инвестициона банка и ќе бидат пласирани во јануари 2021, преку деловните банки за поддршка на домашните компании, со исклучително ниска камата.

(5) Поддршка со плати за туристичките водичи.

На 150 регистрирани туристички водичи за октомври, ноември и декември, ќе им биде исплатена минимална бруто плата во висина 21.776 денари.

(6) Поврат на туристичката такса за 2019 година.

На 4.740 субјекти кои организирале ноќевања во 2019 година, ќе им бидат вратени 2 милиони евра, колку што изнесува вкупниот износ на туристичката такса инкасирана во таа година.

(7) Грантови за туристички агенции

Корисници на оваа мерка ќе бидат 500 туристички агенции, а нејзината вкупна вредност изнесува 1,9 милиони евра за грантови од 3.000 до 7.000 евра за сите туристички агенции во зависност од бројот на вработени и од вкупниот промет во 2019 година, и во зависност од тоа дали се носители на А или Б лиценца.

(8) Намалување и/или укинување на парафискалните давачки

Многу бргу, повторно во соработка со стопанските комори, ќе следува утврдување на листа од приоритетни парафискални давачки, како што се надоместоци, такси, дозволи, лиценци, плаќања за издвојување средства по разни основи и нивно тековно намалување и/или укинување на некои од нив.

(9) Грантови за ресторани за свадби – поддршка ќе добијат сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност, во вкупна вредност од 1 милион евра.

Грантовите одделно се во висина од 3.000 до 10.000 евра, во зависност од остварениот промет во 2019 година.

Овде ја отвораме опцијата за регистрација на таквата дејност затоа што еден дел од овие дејности се регистрирани за организирање свадби, а еден само за достава на храна.

(10) Продолжување на лиценците за работа на дискотеките, ноќните клубови како и за компаниите од транспортната заедница.

Согласно регистрацијата за работа, на околу 120 дискотеки и ноќни клубови, како и на околу 7000 транспортери, ќе им се продолжи лиценцата за работа и во 2021 со 0 денари надомест, со тоа што транспортерите ќе добијат ослободување плус уште за една година во зависност од тоа кога им истекува лиценцата што ја добиле.

(11) Грантови се предвидени и за игротеки за деца.

За околу 1.000 игротеки ќе се обезбедат грантови во висина од 1.000 до 5.000 евра во зависност од остварениот промет во 2019 година, а целата вредност на оваа мерка изнесува 2,5 милиони евра.

(12) Поддршка и за занаетчиите.

Со неа се предвидува намалување на ДДВ-то на нивните услуги и производи од 18% на 5% за да ја зајакнеме нивната конкурентност на пазарот. На самостојните вршители на дејности, односно на занаетчиите, им остануваат на располагање и другите мерки, како оние за поддршка за исплата на платите или пристапот до поволните кредити од Развојната банка.

(13) Државна кредитна гаранција.

Државата става на располагање 10 милиони евра финансиски средства за поддршка на компаниите за полесен пристап до евтини финансиски средства, преку преземање на дел од кредитниот ризик. Со државната гаранција од 10 милиони евра на стопанството ќе му бидат на располагање кредити со вредност од 65 милиони евра.

(14) Државна царинска гаранција.

Оваа мерка има за цел да им обезбеди поголем извоз на компаниите и полесен пристап до суровини. Со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг ќе се поддржои извозот и увозот и ќе се олесни пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра.

(15) Дополнително одложување на отплата на кредити за компании, до крајот на годината.

(16) Намалување на казнената камата за јавни давачки за половина од 0,03% на 0,015% до крајот на годината.


(17) Одложување на плаќање на аконтација на данокот на добивка.

Одложување на плаќањето на аконтациите на данокот на добивка до март 2021 година за компании кои имаат пад на приходи поголем од 40%.

(18) Ослободување од ДДВ за донации од јавен карактер, за уште 12 месеци.

(19) Намалување на стапката за ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалаци, со која овие услуги ќе се даночат со нова повластена стапка на ДДВ од 10% наместо сегашната редовна стапка од 18%..

Целта на оваа мерка е намалување на сивата економија, пониски цени за граѓаните, како и поголема ликвидност на услужниот сектор за храна и пијалаци. За оваа мерка се потребни законски измени и таа ќе започне со имплементација од 1 јануари наредната година.

(20) Одложено плаќање на ДДВ-то.

Со оваа мерка ќе биде дозволено одложено плаќање на ДДВ, седум дена по поднесување на ДДВ пријавата, без камата.

(21) Бришењето на условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување (КПУ) за продолжување на лиценца за сметководители.

Корисници на оваа мерка се 9.360 регистрирани сметководители, за кои во 2020 година нема да важи условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување за продолжување на лиценцата сметководителите.

(22) Зголемување на периодот за покривање на загуби на терет на идни добивки.

Со оваа мерка ќе се укине обврската од Законот за данокот на добивка за покривање на загубите на терет на идни добивки. Воедно, со предложените измени, ќе се продолжи рокот за пренесување на загуби на терет до пет години, наместо сегашното законско решение кое утврдува пренесување на загубата до три години. Оваа мерка стартува оваа година и важи за 2020 и 2021 година.

(23) Зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка и зголемување на прагот со кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход.

Со оваа мерка се предвидува прагот да биде поставен на 5 милиони денари на годишно ниво, согласно кој може да се стане даночен обврзник во режимот на неоданочување. Исто така, мерката предвидува да се зголеми прагот со кој компаниите би биле дел од режимот на вкупен приход, односно правните лица кои имаат вкупен приход помеѓу 5.000.001 денар и 10 милиони денари, да може да одберат дали да плаќаат данок на добивка или да преминат во режим на данок на вкупен приход од 1%. Со оваа мерка ќе се ослободат околу 1,15 милиони евра кои компаниите можат да ги пренаменат за инвестиции или за други развојни бизнис планови.

(24) Признавање на трошокот за приватно здравствено осигурување како признаен расход, како и мерката 

(25) Признавање на расходите за тестирање од КОВИД – 19, исто така како признаен расход.

(26) Намалување на увозни давачки за суровини и репроматеријали, се обезбедува поддршка за најпогодените преработувачки индустрии, како и поттик за развој на преработувачките капацитети.

Со оваа мерка, покрај сите автономни мерки за суровини утврдени на 24 декември 2019, се вклучува и намалувањето на увозните давачки за природен гас со конечна цел не само економски, туку и еколошки ефект.

(27) Поддршка за развој на човечкиот капитал, во овој пакет е предвидено ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени кои се однесуваат на доквалификација и тим билдинг.

Ќе се укине данокот на личен доход за трошоци кон вработени кои се однесуваат за обука, квалификации, добивање лиценци, со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на работната сила со која располагаат компаниите, но истовремено ќе се пропише и законски лимит за овие трошоци, на пример една просечна плата на годишно ниво. Оваа мерка ќе започне да се имплементира од 1 јануари наредната година.

(28) Поддршка на откуп на грозје од реколта 2020 година, за која се предвидени 6.700.000 евра, ќе се поддржат производители на винско грозје кои го предале своето грозје кај регистрирани винарски визби, како и винарски визби за транспортните трошоци при извоз.

Секој извозник ќе добие субвенција според количината извезено вино, која ќе се исплаќа скалесто во зависност од количината на извезено вино.

(29) Ослободување во висина на 2/3 од законски пропишаниот износ за приредувачи на игри на среќа.

Со оваа мерка приредувачите на игри на среќа, казината, ќе плаќаат 1/3 од надоместоците за AR (ауто-рулет) маси и други маси.

(30) Промена на пресметка на основата за финансирање на Единиците на локалната самоуправа, со која при издвојување на средства за единиците на локална самоуправа, наместо само за претходната година како до сега, во предвид ќе биде земена пресметката на просечна наплата на ДДВ за претходните три години.

(31) Викенд без ДДВ
.

Оваа мерка предвидува да опфати повеќе од 350.000 граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ“, кои за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари, во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ.

Со ова мерка се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот