X
 27.10.2017 Живот

Она што не сте го знаеле за директорот на „Мајкрософт“ - настан што целосно му го промени животот

сатја
Фото: АР

Сатја Надела, директор на компанијата „Мајкрософт“,  го сподели моментот што засекогаш го променил неговиот живот, и животот на неговата жена, а подоцна и влијаел врз него како директор и раководител.

„Ја помнам 1996 година како возбудлив период. Мојата жена Ана имаше 25, а јас 29 години. Мојата кариера како инженер одеше по нагорна линија, додека Ана ја градеше својата кариера како архитект. Бевме далеку од нашите семејства во Индија, но заедно се преселивме во нашиот нов дом близу Сиетл. Највозбудлива беше бременоста на Ана со нашето прво дете. Се подготвуваме за овој нов живот во нашиот дом, бевме подготвени за новата радост.

Но нашите планови се променија.

Една ноќ, во текот на 36-тата недела од бременоста, Ана забележа дека бебето не се движи онака како што беше навикната. Отидовме во болница, мислевме дека ќе биде рутински преглед. Точно се сеќавам како станував сè повознемирен додека чекав во чекалницата. За време на испитувањето докторите алармираа дека е потребен итен царски рез. Зејн беше роден во 23:39 часот на 13 август 1996 година, тежок речиси еден килограм и 300 грама. Не плачеше.

Беше транспортиран во друга болница за неонатологија. Ана закрепнуваше од тешкиот пораѓај. Ја поминав ноќта со неа во болница и утрото веднаш отидов да го видам Зејн. Не бев свесен колку длабоко ќе ни се променат животите. Во текот на наредните неколку години научивме колку недостигот на кислород може да предизвика оштетување на плодот, и дека Зејн ќе користи инвалидска количка и ќе мора целосно да се потпира на нас поради тешката целебрална парализа. Бев очаен. Најмногу бев тажен за тоа како сè излезе за мене и за Ана.

Сепак, една работа на која јасно се сеќавам е реакцијата на Ана - таа беше поинаква од мојата. За Ана, никогаш не беше прашање што сето ова значеше за неа - секогаш беше што сето ова значи за Зејн и како најдобро можеме да се грижиме за него. Наместо да се запраша „Зошто ние?“, таа инстинктивно ја стави неговата болка пред својата.

Набљудувајќи ја во текот на тие неколку дена, недели и месеци, научив многу. Со текот на времето Ана ме научи да сфатам дека ништо не ни се случува ниту мене ниту нејзе, туку на Зејн. Нас, како родители, не ни е важно „зошто“, туку ни е важно да направиме сè што можеме за животот да му го направиме подобар.

Ана е прекрасна жена, мајка и партнерка. Нејзината емпатија кон другите е длабока и искрена, а од неа научив да ја вклучувам емпатијата во моите секојдневни активности, без разлика дали сум татко или директор.

Да се биде татко на дете со посебни потреби беше пресвртна точка во мојот живот и токму тоа ме направи човек каков што сум денес. Ми помогна подобро да го разберам животот на луѓето со инвалидитет. И тоа е причината зошто сум длабоко посветен кон поместување на границите - знам како љубовта и сочувството во комбинација со човечката генијалност може да имаат огромно влијание“.

Во „Мајкрософт“, според неговите зборови, се работи на програми и софтвери што им помагаат на луѓето со попреченост. Задачата им е да ги направат подостапни за нив. Исто така, имаат програми преку кои се вработуваат луѓе со хендикеп.

Октомври во Америка е месец за подигнување на свеста за вработување лица со попреченост.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот