Со загриженоста за фактот дека во светот денес владее криминалот, корупцијата, а и размислувањето дека младите генерации се најлоши до сега, човештвото заборава до каде всушност стигнало. Ако ја промениме перцепцијата, ќе сфатиме дека човекот во денешно време е најдобрата верзија од себе до сега. Од подобрениот квалитет на живот, до брзината, јачината и развојот, нашиот вид постојано напредува.
Живееме подолго
До 19 век, немало тренд на долг живот. Луѓето умирале на 30 или 40 години во просек. Од тогаш па наваму, работите се промениле – појавата на антибиотиците и вакцините помогнале при справување со одредени болести заради кои смртноста кај луѓето била голема. Се зголемила и стапката на наталитетот, па животниот век целокупно се продолжил. Трендот продолжил и покрај падовите во економијата, односно, и луѓето во богатите и оние во сиромашните земји, живееле подолго. Во споредба со 18 век, сега луѓето живеат двојно повеќе.
Побрзи сме и посилни
Олимписките атлетичари се натпреварувале во многу дисциплини повеќе од 100 години. Но, на Олимписките игри во Рио 2016 година, рекордите беа надминати. Во 1908 на пример, рекордот за трчање маратон бил 2 часа и 55 минути, а денеска 2 часа и 3 минути.
Новите генерации еволуирале во брзи атлетичари. Спортската наука помогнала во развивање на ефикасни техники, технологијата ја подобрила опремата која ја користиме и облеката која ја носиме, па можеби затоа во моментов луѓето се најбрзи и можат да постигнат повеќе тешки активности, во споредба со минатото.
Читаме повеќе
Сега многу повеќе
луѓе знаат да читаат и пишуваат отколку порано. Во 1900 година, само 20% од човечката популација знаела да чита и пишува. Во 2014 година, процентот е 84. И оа се должи на промената на политичките системи, развојот на свесноста и намалување на предрасудите и стереотипите, како и напредокот на науката и технологијата со кои имаме и поголема достапност до книги и различни информации. Со сето ова, и самото општество се подобрува во целост.
Побезбедни сме
Иако многумина сметаат дека бројот на убиства е рекорден во модерно време, сепак тоа не е вистина. Во минатите векови, бројот на убиства бил огромен, а голем дел од нив биле и дел од вообичаеното живеење, па не биле ниту регистрирани. Низ Европа, бројката на убиства е драстично намалена во изминатите 1000 години, најверојатно заради подобрувањето на квалитетот на животот и општествениот развој. Исто така, бројот на војни е намален во споредба со порано, па бројката на загинати лица во воена состојба е на ниско ниво.