Огромниот мраз на Гренланд се топи со најбрза стапка во последните 12.000 години. И може да се зголеми за четири пати во наредните 80 години доколку емисиите на стакленички гасови не се намалат драматично во следните децении.
Истражувањето објавено неодамна во списанието „Нејчр“ предупредува дека идните загуби на мразот во голема мера зависат од тоа колку брзо луѓе ги намалуваат емисиите на јаглерод денес.
Предводено од Џејсон Бринер од Универзитетот во Бафало и Државниот универзитет во Њујорк, истражувањето е меѓу првите што ја споредуваат можната иднина на ледената покривка со нејзиното античко минато.
- Сега навистина сме во можност да дадеме перспектива колку е аномална нашата сегашна промена и идните промени - рече Џош Кузон, коавтор на истражувањето и научник од Универзитетот во Калифорнија, Ирвин.
Истражувачите користеле модели според податоците на античките примероци на мраз, извадени од ледената плоча, за да ја реконструираат историјата на Гренланд во последните 12.000 години. Исто така, тие користеле модели за да предвидат како може да се промени мразот под различни климатски сценарија - претпоставувајќи и повисоки и пониски нивоа на стакленички гасови - во текот на остатокот од овој век.
Фото: Pixabay
Наодите биле загрижувачки.
Пред индустриската ера најголемите стапки на загуба на мраз на Гренланд во последните 12.000 години биле околу 6 билиони тони мраз во еден век. Тоа е слично на брзината со која мразот се топи денес на Гренланд. Со оглед на тоа што климата продолжува да се затоплува, се очекува тие стапки да се зголемат.
Истражувачите испитале две можни сценарија за климата во иднина. Првото претпоставува дека луѓето успеваат да ги одржат глобалните температури на околу 2 Целзиусови степени од нивните прединдустриски нивоа - главната цел на меѓународниот Париски климатски договор.
Во ова сценарио Гренланд, најверојатно, сепак ќе изгуби повеќе од 8 билиони тони мраз во текот на овој век - побрза стапка отколку во која било друга точка во последните 12.000 години.
Второто сценарио претпоставува високи стапки на емисии на стакленички гасови, слични на денешните, за остатокот од векот. Доколку се случи тоа, моделите посочуваат дека ледената плоча може да изгуби 14 до 36 билиони тони мраз во текот на овој век.
Истражувачите сега се сè посигурни дека ќе доживееме невидени стапки на загуба на мраз од
Гренланд, освен ако емисиите на стакленички гасови не се намалат значително, вели Енди Ашванден, истражувач на Универзитетот во Алјаска, Фербенкс.
Количината на загуба на мраз во иднина може да направи голема разлика за заедниците во светот преку неговото влијание врз нивото на морето.
Гренланд е веќе најголем придонесувач за глобалното покачување на нивото на морето. И разликата во 20 билиони или 30 билиони екстра тони мраз од сега до крајот на векот значи покачување на нивото на морето од неколку сантиметри.
Во новото истражување се повторува дека за да се спречат најлошите последици потребни се брзи, строги напори за да се намалат глобалните емисии на јаглерод денес.
- Тоа покажува дека ако ги намалиме емисиите на јаглерод, можеме да го избегнеме најлошиот случај - рече Кузоне.
Извор:
Scientificamerican.com