X
 27.11.2018 Наша тема

Како може да помогнат сателитите да се намали загадувањето во Македонија?

Бројот на студии и истражувања со сателитски снимки во нашата земја е многу мал, вели Гордана Јовановска-Каплан, геодет, докторанд во областа на гео-информациски системи и далечинска детекција на Универзитетот „Анадолу“ во Турција


Околу Земјата кружат многу сателити кои го набљудуваат квалитетот на воздухот и ја потврдуваат тажната слика за состојбата на воздухот во Скопје. Но, сателитите може да помогнат да се лоцираат најголемите загадувачи, вели Гордана Јовановска-Каплан, геодет, докторанд во областа на гео-информациски системи и далечинска детекција на Универзитетот „Анадолу“ во Турција.

Европската агенција за животна средина (ЕЕА) деновиве објави дека Македонија е најзагадената земја во Европа, со загадување десет пати поголемо од препорачаните нивоа. Во моментот еден од најиновативните начини за следење на загадувањето е снимањето со дронови. Дали е тоа доволно и постои ли начин далечинската детекција да помогне во надминувањето на проблемите со загадувањето?

Гордана Јовановска-Каплан на презентација на Меѓународниот симпозиум за урбанизација и проблеми во животната средина во Турција

Според Јовановска-Каплан, дроновите (беспилотните летала) се значаен дел од далечинската детекција, но нивната корист зависи од целта на спроведеното истражување.
- Камерите што се вградени во дроновите најчесто го опфаќаат видливиот дел од електромагнетниот спектрум. Поради нивната ограниченост со височина, како и со извор на енергија, дроновите можат да се користат за набљудување на многу мала површина. Така, снимките преземени со дрон најверојатно би ја претставувале онаа слика што веќе ја гледаме, само од различен агол - објаснува таа.

Далечинска детекција - уметност на набљудување

Јовановска-Каплан за неколку месеци ќе ги заврши докторските студии во областа на гео-информациски системи и далечинска детекција. Бидејќи во Македонија нема високообразовна институција за далечинска детекција, таа докторатот го подготвува во Турција. Целта на нејзиното истражување е да се пронајде оптимално решение за класификација на Земјината површина преку користење сателитски снимки од различни сателитски сензори. Во истражувањето се искористени сателитски снимки од НАСА, како и од неодамна лансираните сателити на Европската вселенска агенција, Сентинел. Дополнително се искористени и снимки од беспилотно летало.
На прашањето што е далечинска детекција и кога почнала да се развива како наука, Јовановска-Каплан вели:
- Далечинската детекција е „уметност“ со која се набљудува некоја појава или предмет. Или се мерат физички карактеристики на предметот без директен контакт. Револуцијата на делечинската детекција почнала во 20 век и оттогаш се развива со огромна брзина. Има илјадници сателити што непрекинато орбитираат околу Земјата. Од нив околу 500 се активни и постојано собираат податоци од Земјата.

Околу 500 се активни и постојано собираат податоци од Земјата

Наједноставен пример за продукт на делечинската детекција е фотографијата. Но, како наука, далечинската детекција се занимава со малку поразлични фотографии од оние што ни се на сите познати.
- Со помош на далечинската детекција можеме да видиме и да анализираме податоци кои не можеме да ги видиме со голо око. Нашето око може да види само мал дел од електромагнетниот спектрум, додека со далечинската детекција можеме да „собереме“ информации во секој дел од спектрумот. Најчесто користените делови за набљудување на Земјата се видливиот и инфрацрвениот, како и микробрановите должини од електромагнетниот спектрум. Далечинската детекција користи делови од спектрумот кои за нас се невидливи, а со помош на нејзините техники, како и на гео-информациските системи, тие податоци можеме да ги претвориме во високо значајни информации во речиси секое поле на истражување - објаснува Јовановска-Каплан.

Така, со далечинска детекција се прибираат податоци од најразлични области - спречување и набљудување на природни непогоди, мапирање на шумски појаси, спречување на нелегално отсекување, набљудување на водни површини, мапирање земјоделски површини и нивно следење во катастарскиот систем, следење на урбаното проширување.
- Во комбинација со гео-информациските системи, ваквите податоци се широко користени за донесување значајни одлуки од социо-економски и од еколошки аспект - вели Јовановска-Каплан.

Како помага да се спречи загадувањето?

На прашањето како далечинската детекција може да помогне во најгорливата тема со која се соочуваат Скопје и повеќе градови во Македонија - загадениот воздух и лоцирањето на најголемите загадувачи, таа вели:



- Има голем број сателити што го набљудуваат квалитетот на воздухот, како неодамна активираниот „Сентинел-5п“. Но, користејќи ги тие податоци само може да ја потврдиме тажната слика за состојбата на воздухот во Скопје. Треба да се лоцираат најголемите загадувачи. Еден од наједноставните и приоритетни чекори е лоцирање на нелегално запалените ниви, жаришта, и нивно понатамошно спречување. Ваквиот пристап треба да се направи со помош на сателитски снимки кои опфаќаат повеќе од 12.000 квадратни километри, а не со дронови кои најчесто ни нудат податоци што не можеме да ги видиме. Така, на лесен начин ќе се откријат сите жаришта поголеми од 10 квадратни метри. Сите податоци за кои зборувам се отворени за сите корисници и можат да се преземат и да се користат бесплатно од Американската или од Европската вселенска агенција.

Следејќи ги научноистражувачките студии во светски рамки, таа вели дека бројот на студии и истражувања со сателитски снимки во нашата земја е многу мал. Делот на гео-инфромациските системи е поопфатен, а има истражувања со податоци добиени преку авионски или беспилотни летала во кои се опфатени мали локални делови од нашата земја. Јовановска-Каплан како стручњак неодамна била ангажирана во проект - изработка на првата термална мапа на Скопје.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема