Кинескиот научник Хи Јианкуи објави дека првпат во историјата успеал да создаде генетички модифицирани бебиња, а тоа предизвика вистинска бура од критики од стручњаците, но и од јавноста.
Професорот Хи и неговите колеги објавија измени на гените на ембрионите на седум пара што учествувале во вештачкото оплодување. Сите мажи биле ХИВ-позитивни, а нивните жени не. Кинескиот тим ги променил гените со современа технологија позната како „Crispr/Cas9“ на таков начин што нивните деца не можат да се заразат со ХИВ.
На почетокот на ноември биле родени две девојчиња, од кои само едно било целосно отпорно на ХИВ бидејќи кај него се отстранети двата клучни гени од парот во геномот. Другите близнаци имале само еден отсечен ген, што значи дека сепак може да се заразат. Родените девојчиња се навидум здрави, а засега нема никакви индикации дека технологијата им оштетила други гени.
Хи Јианкуи
Фот: АР
Не се знае идентитетот на родителите
Хи, кој се образовал на престижниот американски Универзитет „Стенфорд“ и работел на генетичка модификација кај ембрионите на глувци, мајмуни и луѓе, објаснува дека го елиминирал генот наречен „CCR5“ за девојчињата да станат отпорни на ХИВ ако некогаш дојдат во контакт со вирусот.
Идентитетот на родителите и на децата засега се држи во тајност, но Хи тврди дека таткото сакал да спречи неговите деца да се заразат со ХИВ поради дискриминацијата со која би се соочиле.
Хи, кој работи на Јужниот универзитет за наука и технологија во Шензен, објаснува дека се одлучил за операцијата затоа што ХИВ е голем проблем во Кина, а генот „ССR5“ служи како протеински влез што им овозможува на ХИВ-вирусите да поминат низ клеточните мембрани.
Засега не постои независна потврда за постигнувањето на Хи, ниту е објавен научен труд во некое научно списание. Но, Хи го претставил во Хонг Конг пред организаторите на меѓународната конференција за модификација на гените. Факултетот на кој работи се оградува од постапката и најави спроведување на истрага.
Ако се потврдат тврдењата на Хи, тоа ќе биде првиот случај да се родат генетички модифицирани деца. Но, „Crispr-Cas9“ и други методи за промена на гените и претходно се користеле за експериментални промени во ембрионите и за експериментално лекување на луѓето. Така, на пример, пред три години 12-мина пациенти со сида, преку методот познат како ZNF имале измена на истиот ген „CCR5“ во леукоцитите. По третманот, половина од испитаниците повеќе немале потреба за вирусна терапија, а здравствената состојба значително им се подобрила.
Различна етика
Кинеските научници со своите објави за модификација на човечките геноми предизвикаа критики и претходно. Првата голема критика ја предизвика Хуанг Јунјуи во 2015 година кога ги објавил резултатите од експеримент во кој променил гени на човечки ембриони.
Кина инвестира милијарда долари во биотехнолошко истражување со кое би можеле да се променат гените и да се лекуваат болести. Истовремено, оваа земја има различна традиција на етичко учење, а населението во одредена смисла веќе се навикна на одредени методи на контрола во раѓањето деца преку програмата за едно дете.
Денг Руи, етичар од медицинскиот факултет во Шанкси, во 2015 година за „Њујрок тајмс“ изјави дека етиката е прашање на културата и традицијата, особено кога станува збор за човечкиот живот.
- Според Конфуциј, детето станува личност откако ќе се роди. Тоа е различно во САД или во другите земји кои се под влијание на христијанството, поради религијата, па постои чувство дека истражувањата спроведени на ембриони не се во ред - вели тој.
Многу западни медицински експерти со години предупредуваат дека Кина, во желбата да го стигне и надмине Западот, може да биде многу полабава во примена на етичките принципи во науката.
Критики од стручњаците
Стручњаците од Западот го осудија проектот на Хи.
Професорот Џулијан Савулеску од „Оксфорд“ вели дека ако се покаже вистина, станува збор за монструозен експеримент.
- Промената на гените е во експериментална фаза и сѐ уште се поврзува со несакани мутации што можат да предизвикаат здравствени проблеми на почетокот или подоцна во животот, вклучувајќи и развивање рак - вели Џулијан.
- Постојат многу ефикасни начини за спречување на зараза од ХИВ кај здравите луѓе, на пример, користење на заштита при секс. Исто така, постојат ефикасни третмани ако некој се зарази. Со овој експеримент здравите, нормални деца се изложени на ризици на промена на гените без никаква вистинска корист. Во многу други делови од светот ова би се сметало нелегално и би било казниво - додава тој.
Стручњаците посочуваат дека децата без генот „CCR5“ полесно можат да заболат од други вирусни болести, како што се на пример грипот и западнонилската треска. Со тоа, овој експеримент се смета за уште понеетичен.
Како функционира промената на генот со помош на „Crispr-Cas9“?
„Crispr-Cas9“ е систем за промена на гените што инаку во природата го користат бактериите за да се одбранат од нападот на вирусите. Се состои од две компоненти: „Crispr“ и „Cas9“. Името „Crispr“ значи групирани, правилно распоредени, кратки, повторувачки низи во ДНК. Во близина на овие низи се наоѓаат гени што кодираат важни ензими на системот. Еден од нив е и „Cas9“, ензим што има способност да ја прекине нуклеинската киселина (ДНК и РНК).
Koга вирусот ќе ја нападне бактеријата, тој во бактериската клетка ја става својата нуклеинска киселина (РНК) за нејзините механизми да ги искористи за сопствено размножување. Но, тоа го поттикнува производството на ензимот „Cas“, кој го сече вирусот на нуклеинска киселина на парчиња за да го вгради во својот геном на местото каде што се наоѓаат „Crispr“ низите. На тој начин бактериската клетка стекнува имунитет бидејќи во следниот напад од истиот вид вирус со „Crispr“ секвенција, заедно со вирусната нуклеинска киселина, ќе се копира во кратките РНК молекули што ќе се поврзат со ензимот „Cas“, а резултатот ќе биде молекуларен механизам што го препознава вирусниот РНК. Овој механизам ќе ги пронајде РНК вирусите, а „Cas9“ ќе ги исече и на тој начин ќе го спречи вирусот да ја користи бактеријата за сопствено размножување.
Научниците истиот механизам го употребиле за сечење делови на ДНК, исфрлање на несаканите и вметнување на саканите гени.
Кина ќе спроведе истрага
Кинеските здравствени власти и членови на комитетот за етика започнуваат истрага за целиот случај. Тие изразија голема загриженост и им наредија на провинциските власти веднаш да спроведат истрага и да го разјаснат целиот случај.
- Мораме да бидеме одговорни за здравјето на луѓето и ќе дејствуваме според законот - изјави Националниот здравствен комитет.