Пикот на пандемијата на Ковид-19 беше достигнат минатата недела, не само кај нас, туку и во Европа и во светот, рече на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
- Во Македонија, од ноември процентот на новозаболени изнесува меѓу 36 и 41. Највисок беше на 17 ноември - 41,2%, имаше 1.407 нови случаи тој ден. Оттогаш имаме едно ниво на плато, во континуитет имаме еднаква бројка. Дури има и благо опаѓање кое можеби не се забележува, но здравствениот систем и медицинскиот персонал го чувствуваат - рече Филипче.
Тој нагласи дека Р0 факторот на преносливост е значајно намален, еднаков е на 1.
- За жал, зголемен е бројот на смртни случаи. Охрабрува што расте бројот на оздравени. Минатата недела е за 45% зголемен за разлика од претходната недела. Просекот на хоспитализирани во изминатите две недели е околу 1.280 пациенти - објасни Филипче.
Фото: Влада
Тој додаде дека и во Европа е евидентирана стабилизација на бројот на активни случаи.
- Апелирам, и во оваа состојба вирусот ќе опстане. Многу широко е распространет, иако мерките даваат резултати. Позитивни се вестите за вакцините, повеќето се во завршна фаза, очекувам КОВАКС-механизмот да профункционира кога ќе почнат да се дистрибуираат. Тоа е одлична вест која следната година ќе ја смени целокупната слика во светот - рече Филипче.