X
 28.01.2023 Наша тема

Патувачкиот студент Филип Сотироски е на магистерски студии во Брисел, Барселона и Падова - ќе добие диплома од трите универзитети

На магистерските студии е интересно да се опсервира како секој универзитет има свој пристап кон учењето, проектите и испитите. Но, сепак, сѐ се врти околу создавањето добро структурирани предмети и испити. Повеќе простор се дава на изучување од стручна литература, книги, научни трудови и лично истражување на темата и предметот, вели Филип

Филип Сотироски е 24-годишен студент кој во моментов е на магистерски студии во Падова преку Erasmus Mundus Joint Master програмата. Додипломските студии ги завршил во Франција, прво на Универзитетот Каен Нормандија на насоката информатика, а потоа се префрлил на факултетот на Сорбона во Париз, каде што се здобил со дипломата инженер по информатика.

- Сѐ започна во 2017 година кога преку Францускиот институт во Скопје се запишав на прва година студии по информатика на Универзитетот Каен Нормандија. Поради добрите оценки и желбата да се префрлам на подобар факултет, летото аплицирав на Сорбона во Париз, каде што ги завршив додипломските студии на француски јазик и се стекнав со дипломата инженер по информатика. За жал, последниот семестар ми беше „нарушен“ поради пандемијата и дипломата ја добив во поштенско сандаче во Скопје - споделува Филип.



Во текот на студирањето Филип се одлучил да аплицира на меѓународни програми за магистерски студии. Бил прифатен на „Erasmus Mundus Joint Master - Big Data Management and Analytics“ програмата, со која му следувала и стипендија.

- Во третата година на студии решив да аплицирам на меѓународен мастер за да можам да искусам нови универзитети и градови, но и да конкурирам за стипендија. За време на студиите во Франција добивав само социјална стипендија за која можев да конкурирам во последната година од студиите. По многу истражување, на крај аплицирав на две програми, а бев прифатен за втората – „Erasmus Mundus Joint Master - Big Data Management and Analytics“. Во рамките на овој мастер фиксни се два универзитети: Универзитетот во Брисел и Универзитетот за политехника во Каталонија, Барселона, а за последен семестар одбираш три универзитети, а јас го одбрав Универзитетот во Падова како последен универзитет од програмата - вели Филип.

Добиваме дипломи од трите универзитети на кои сме студирале

Благодарение на програмата, Филип имал шанса да студира на различни локации во Европа, а притоа и да изучува најразлични предмети од негов интерес кои го отвораат неговиот спектар на можности за изучување нови и необични предмети.

- Магистерските студии се спојувачка програма каде што секој семестар се учи на различен универзитет, во различна држава. На крајот се добива диплома од трите универзитети на кои сум студирал. Ги одбрав подрачјата „big data“ и AI (artifical intelligence) бидејќи за време на студиите најмногу ме интересираа предмети поврзани со овие области. Имаше и други предмети што ми се допаѓаа за време на додипломските студии, но настојував да ги одбирам предметите од оваа област бидејќи понатаму ќе биде полесно да ме примат на таков мастер бидејќи ќе имам поопширно знаење во тие области. Сметам дека мастерот дава одлична основа во изучување на податочните системи која интензивно се изучува во првите два семестри и потоа третиот семестар е насочен кон вештачката интелигенција и нејзината примена. Оваа комбинација овозможува понатаму да работите во која било Data позиција, дали е тоа инженер, аналитичар или научник. Целиот мастер трае две години во кои само последниот семестар е пишување на теза и пракса, кој најверојатно ќе го поминам во Брисел, од каде што веќе добив понуда за пишување на тезата и за пракса - раскажува Филип.



Различните локации на кои студирал Филип направиле тој да биде патник на светот и на неколку месеци да го менува своето живеалиште. Во зависност од државата каде што студирал и од универзитетските услови, тој се сместувал во државни или приватни студентски домови или бил принуден сам да си најде место за престој.

- Интересно е дека на мастерот има студенти од цел свет (Перу, Бразил, Канада, Танзанија, Кина, Пакистан, Индија, Хондурас, Украина, Италија, Шпанија, Албанија итн.). Тука имав можност да ги запознавам нивните култури, начинот на живеење, начинот на размислување и логичките пристапи кон решавање задачи и проблеми. Можеби највозбудливиот дел од целиот мастер е работата во тимови, дружењето и секојдневниот живот каде што се случува тој културен микс. Во првата година во Каен престојував во државниот студентски дом „Кроус“ благодарение на Францускиот институт во Скопје, кој има долгогодишна соработка со универзитетот и овозможи директен прием на студентите во државните домови. Втората и третата година ги поминав во приватни студентски домови и домови за млади вработени во Париз. Во првиот семестар од магистерските студии во Брисел бев сместен во приватен студентски дом кој имаше договор со мастерот. Во вториот семестар моравме сами да се снаоѓаме и да бараме престој во Барселона. Таму престојував со неколку студенти од мојот мастер во приватно сместување, а во третиот семестар универзитетот ни обезбеди места во државните домови во Падова - раскажува тој.

Во Франција има оценки од 0 до 20


Секој од факултетите има своја специфичност или некоја особеност што го прави поинтересен од другите, вели идниот магистер. Понатаму, тој накратко ни објасни понекоја карактеристика по која ги запомнил факултетите на кои студирал досега.

- Во текот на моето високо образование поминав повеќе факултети. Навистина е интересен бодовниот систем во Франција, во кој може да се валидира семестар или година и покрај тоа што имаш предмети што не си ги положил. Во случај просекот да е над границата на положување, тие предмети или семестри се компензираат, па така се положуваат тие предмети. Сепак, бодовните скали се поместуваат во функција на просечната оценка на одреден испит. Многу ретко е студент да има просечна оценка над 18, што во Македонија би било 9 или 10. Бодовниот систем во Франција е од 0 до 20 - вели Филип.

Карактеристично за студирањето на Сорбона била опцијата да се одберат пакет предмети во првата година, а веќе во втората да ги одберат своите насоки на студирање (major и minor). Па така ја одбрал информатика – major. Студентите што студирале на овие факултети биле презадоволни од професорите и од начинот на кој предавале, нивната подготвеност и пожртвуваност да им го пренесат целото свое знаење, па како што раскажува Филип, „не можеш да продолжиш на следното прашање ако не го знаеш одговорот на претходното, до краен лимит го предизвикува вашето знаење да поврзете концепти, поими и сѐ што имате изучувано во текот на предметот“.



- На магистерските студии е интересно да се опсервира како секој универзитет има свој пристап кон учењето, проектите и испитите, но сепак сѐ се врти околу создавање добро структурирани предмети и испити. Повеќе простор на мастерот се дава на изучување од стручна литература, книги, научни трудови и лично истражување на темата и предметот. Исто така, сите професори што ги запознав се целосно отворени за соработка, за помош во тоа што го работиме и препораки за подобра работа.
Покрај студиите на мастер, универзитетите посветуваат внимание и на културната димензија и изучувањето на јазикот на државата во која се престојува. Така, во Белгија задолжително беше изучувањето на францускиот јазик, а во Барселона изучувањето на шпанскиот и каталонскиот јазик. Бидејќи веќе го знаев францускиот, го одбрав „Тандем“ курсот каде што наизменично го учев шпанскиот, а притоа го учев мојот „тандем партнер“ - француски  - раскажува тој.

Сите држави се разликуваат во однос на своите образовни системи и начинот на кој се спремни да им излезат во пресрет на студентите за да им го олеснат студискиот престој, во однос на финансиските средства преку попусти, картички или, пак, доделување гаџети кои би им помогнале во студирањето.

- Секоја земја има свои начини на кои им помага на студентите. Во Франција државата финансира дел од сместувањето, цените во студентските мензи се соодветни за студентскиот буџет. Исто така, постојат државни служби кои секогаш им помагаат на студентите. Доколку докажете дека сте во лоша финансиска ситуација, може да добиете повеќекратна помош од државата или, на пример, електронски уред кој ќе ви помогне во школувањето. Секако, постојат различни стипендии во зависност од вашиот социјален статус, академски успех, меѓународна мобилност и друго. Во Белгија и во Италија постојат студентски попусти за кина, театри и други културни настани - ни споделува Филип.

Засега Филип е задоволен од својот живот во странските земји и не планира да се врати во Македонија. Тој смета дека светот може да му отвори многу повеќе врати во однос на неговата професија отколку нашата држава. Исто така, ја истакнува својата љубопитна и авантуристичка страна со желбата за патување и запознавање луѓе од други култури и места.

Фото: приватна архива

Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема