Гари Каспаров, веројатно најпознатиот шаховски велемајстор на сите времиња, покрај своите успеси во шахот, во историјата е запишан и како првиот светски шампион што изгубил од компјутер.
Натпреварот се случил во 1997 година и Каспаров бил совладан од суперкомпјутерот „дип блу“ на Ај-би-ем.
Технологијата оттогаш забележа значителен напредок, така што освен во шахот, луѓето повеќе не можат да им парираат на компјутерите ни во други посложени задачи и игри, како на пример древната кинеска игра „Гоу“. Каспаров е свесен за тоа, па во интервју за магазинот „Вајрд“ зборуваше за развојот на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз луѓето.
- Со децении ги обучувавме луѓето да работат како компјутери, а сега се жалиме дека професиите ни се во опасност. Секако дека се - објаснува познатиот шахист. Во прилог на тезата дека речиси сите работни места ќе исчезнат со растот на вештачката интелигенција, Каспаров изјави дека само 4 отсто од професиите во САД денес бараат човечка креативност. Другите 96 отсто Каспаров ги нарекува „зомби-професии“ кои веќе се мртви, но луѓето сè уште не знаат.
Вештачката интелигенција не е магично стапче
Бидејќи работните места исчезнуваат, ќе мора да бараме нови индустрии и да се насочиме кон фондации или универзален приход за да можеме да ги финансираме луѓето погодени од автоматизацијата.
Каспаров вели дека на лично ниво се „помирил“ со спортскиот пораз од компјутерот. Иднината на луѓето во соработката со вештачката интелигенција Каспаров ја гледа така што луѓето ќе бидат „пастири“ кои ќе ги насочуваат компјутерите во вистинска насока, но потоа ќе им биде препуштена цела работа.
Кога станува збор за етиката во вештачката интелигенција, Каспаров вели дека тоа е „глупост“ и смета дека монополот на зло го држат луѓе, а нивните компјутерски системи само го рефлектираат тоа. Така што, треба да се поправат луѓето, а не да се фокусираме на создавање машина која е морално супериорна од нас.