X
 28.02.2023 Живот

Го облекувал 45 минути, а тежел над 90 кг - детали за костимот на Фрејзер во филмот „Китот“

Адриен Морот ја доби својата втора номинација за „Оскар“ (заедно со шминкерката Џуди Чин и фризерката Анемари Бредли) за создавањето на костимот што Брендан Фрејзер го носеше на филмот „Китот“, каде што глумеше човек од 270 килограми.

Шминкерот и дизајнер на филмски маски, роден во Монтреал, вели дека предизвикот да се трансформира Фрејзер во поголем човек е тоа што го привлекло кон проектот, но дека е голем ризик да се одлучиш да ја работиш оваа работа. Можеби и ќе одбиел доколку не му верувал на режисерот Дарен Аронофски, со кого претходно имал соработувано во четири наврати.

- Кога Дарен се јавува, не е важно што правам. Оставам сѐ и почнувам да ја работам работата што ми ја дава. Во  какви било други околности би можел да се откажам бидејќи станува збор за навистина тешка работа, која ако не се заврши како што треба, може да значи крај на кариерата - вели тој.

Морот работи на шминка за специјални ефекти уште од раните 90-ти години, но имало неколку фактори што го направиле филмот „Китот“ позастрашувачки од што било претходно. Прво, протезите за лицето и телото на Фрејзер се користеле за речиси секоја сцена од филмот, па ако не биле направени како што треба, тоа би го виделе гледачите.

- Треба да го погледнете Брендан на почетокот од филмот и да си речете нешто како: „Боже, дали тоа е Џорџ од џунглата?“ По тој почетен шок продолжувате понатаму и само го гледате ликот. Треба да заборавите на фактот дека е целосно покриен со маска - вели Морот.

2
Фото: Niko Tavernise/A24

Второ, процесите на развивање и ставање на костимот биле неверојатно напорни, со макотрпно внимание на деталите што требало да се повторуваат секој ден на снимањето.

- Првиот пат кога ја нанесовме шминката ни беа потребни седум часа. Но, правевме доста приспособувања, баравме правилен тен на кожата што ќе изгледа добро под осветлувањето и слично. До крајот на снимањето успевавме да стигнеме до 2 часа и 45 минути за шминка и плус 45 минути за облекување на костимот - додава Морот.

Костимот на Фрејзер тежел повеќе од 90 килограми и бил дебел повеќе од 60 сантиметри во некои делови, па биле потребни четворица од екипажот да му помогнат на Фрејзер за да го облече.

Тимот на Морот користел ремен што изгледал како падобран, кој помагал во рамномерно распределување на тежината на костимот по телото на Фрејзер. Под ременот имало и „костим за ладење“ за Фрејзер да не се поти, намалувајќи ја температурата на телото на Фрејзер.

- На почеток, кога ги тестиравме сите можности, го исклучивме овој костим за ладење за да видиме колку долго може да издржи Фрејзер без да се испоти. По 7 минути Фрејзер веќе беше испотен - вели Морот.

3
Фото: Niko Tavernise/A24

Ако на Фрејзер му била потребна пауза за да оди во тоалет, целиот процес морал да се повтори. Актерот морал да ја извести екипата најмалку 30 до 45 минути претходно дека треба да оди во тоалет за да се извести првиот асистент на режисерот, за да може да се планираат следните неколку кадри од филмот без него.

На крајот од снимањето, прво му се отстранувал костимот од телото на Фрејзер, а потоа маската на лицето и на крај периката. Последниот чекор бил поправка на маските и подготовка на сè за наредното утро, што некогаш траело и до два часа.

Како искусен шминкер и дизајнер на маски, Морот вели дека бил прилично добро упатен во историјата на костими што се користеле за снимање слични филмови. Тој истакнува дека тие се користат во комедии и хорор-филмови. Повремено се користат и во историски рекреации на настани.

За филмот „Китот“, Морот создал иновативен пристап за кој вели дека има цел да биде и реален и почитуван.

- Дарен сакаше нешто што не би наликувало на ништо претходно видено во филмовите. Затоа што многу често костимите се користеа за груби комедии каде што ликот се исмејува. Затоа, тој сакаше точни и прецизни работи направени со внимание и емпатија - додава тој.

Извор: Cbc.ca
Фото: Niko Tavernise/A24
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот