X
 28.02.2023 Живот

Научниците открија кога е најдобро човек да се пензионира

Кога е најдобро време за пензионирање? Никогаш!

Дури и ако вашата способност за работа е намалена поради возраста, најдобро е да продолжите да работите, без оглед дали тоа е работа или волонтирање.

Премногу време поминато без цел е поврзано со незадоволство. Продолжете да работите. Но не тривијални задачи, туку значајни активности. Економистите го создале изразот „непензионирање“ за да го опишат големиот број луѓе што одат во пензија, но откриваат дека не им се допаѓа и се враќаат на работа.

Помеѓу 25 и 40 отсто од луѓето што заминуваат во пензија се повторно вработени.

- Постојат три клучни причини: чувството за некаква цел, користењето на мозокот и социјалниот ангажман - вели Никол Маестас, економист од Универзитетот „Харвард“.

Научниците интервјуирале голем број луѓе на возраст меѓу 70 и 100 години за подобро да разберат што им носи задоволство во животот. Сите продолжиле да работат. Некои дури и го зголемиле обемот на работа, додека други ги приспособиле своите работни обврски, но сепак постигнувале повеќе во работните денови отколку повеќето од нивните помлади колеги.

Да се биде ангажиран во значајни активности, бара одредени стратегии и промена на приоритетите. Многу работодавци им дозволуваат на постарите работници да ги менуваат своите распореди за да продолжат да работат. Во САД од работодавците се бара да создадат разумни услови, соби за одмор, дури и кревет за спиење, а дискриминацијата по возраст е незаконска. Ваквата дискриминација е незаконска и во Канада, Мексико и во Финска. Но, во земји како Германија, законската возраст за пензионирање е 65 години, а може да се продолжи до 67. Во Јужна Кореја задолжителната возраст за пензионирање е 60 години.

Научниците велат дека треба да се промени начинот на кој нашите општества гледаат на постарите луѓе, особено како гледаат на работната сила. Корпоративната култура има тенденција да ги дискриминира постарите луѓе, на кои им е тешко да се вработат или да напредуваат во својата кариера.

Работодавците треба да разберат дека ангажирањето постари работници не е добротворен чин, туку паметен деловен потег. Тимовите од повеќе генерации обично се попродуктивни; постарите луѓе им ја зголемуваат продуктивноста на оние околу нив, а таквите тимови се поуспешни од оние од една генерација. „Дојче банк“ е водечка во овој пристап и известува дека во таквите тимови има помалку грешки и повеќе позитивни повратни информации меѓу младите и старите.

Ако не е возможно да продолжите со вашата работа по одредена возраст и новите работодавци не сакаат да ангажираат постари работници, сè уште има начини да останете активно вклучени во значајна работа. Во светот постојат програми кои им овозможуваат на постарите да им помагаат на сиромашните деца во образованието.

Ваквите програми имаат позитивно влијание врз децата и волонтерите.

Во една студија волонтерите почувствувале поголемо чувство за постигнување и покажале зголемување на волуменот на  хипокампусот и кортексот во мозокот во споредба со контролната група, која имала намалување на волуменот на мозокот.

Таа храброст, таа експанзија на животот, може да дојде на различни начини за различни луѓе: учењето го одржува вашиот ум активен, приклучувањето во клуб за книги или група за дискусија за тековни работи, волонтирање во болница или црква, работа во народна кујна.

Извор: 6yka.com/TED Talks
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот