X
 16.12.2018 Живот

Како е да се работи за Илон Маск - отказ се добива и за збунетост, парфем и „погрешна“ боја на чевли

„Никој никогаш не го променил светот со 40-часовно работно време“ е една од најпознатите изјави на Илон Маск, директорот на „Тесла“. Тој самиот тврдеше дека понекогаш работи и по 120 часа неделно (повеќе од 17 часа секој ден од понеделник до недела). Но, поранешните и сегашните ввработени кај Маск раскажуваат за условите за работа кај работодавецот зависен од успех и создавање на најдобрите електрични автомобили.


Фото: Wikipedia

Вработените раскажуваат како еден млад инженер добил отказ откако не можел да објасни како дошло до грешка во дел од автомобилот за кој тој бил задолжен.

Ова е опис на разговорот меѓу нив:

-Еј, пријателе, ова не функционира. Дали ти го направи тоа - прашал Маск, според тврдењата на оние кои го слушнале разговорот.

Инженерот никогаш претходно немал разговарано со директорот. Маск немал поим како се вика тој, ниту што точно работи во компанијата.

-Мислиш, дали сум го програмирал роботот или сум го дизајнирал тој дел - прашал инженерот.

-Дали ти го направи ова - се разбеснил Маск.

-Не сум сигурен, на што мислите - прашал инженерот.

-Ти си кретен! Излегувај одовде и веќе никогаш немој да се враќаш - извикал Маск.

Целиот разговор не траел повеќе од една минута, а многу брзо младиот инженер добил известување за отказ директно од директорот.

Поради тоа што финансиската ситуација за компанијата оваа година станала потешка од кога и да е, Маск често знаел да каже „Денес морам да отпуштам некого, едноставно морам“ и најчесто ја отпуштал првата личност која ќе ја сретнел потоа. Еден кандидат за продавач наводно бил одбиен бидејќи на Маск не му се допаѓала бојата на неговите чевли. Сите барале начин да избегнат разговор или состанок со Илон, па измислувале болести и други обврски.

-Ако некогаш направите нешто погрешно, направите една единствена грешка или само при поминување го допрете Маск на начин на кој тоа не му се допаѓа, трајно би ве прогласил за идиот - објаснува еден од вработените.

Друг, пак, вели дека секој ден оделе на работа прашувајќи се дали тоа им е последен ден таму.

Исто така, на сите оние кои одат на разговор за работа им се советува да не ставаат парфеми бидејќи Маск не поднесува интензивни мириси.

Сѐ се случувало во периодот кога Маск ветил дека „Тесла“ ќе произведува 5.000 „Модел 3“ неделно, а тоа било луда задача која во фабриката баш и не можеле да ја исполнат. Маск ги притискал сѐ додека не дошле до целта и не заработиле 312 милиони долари, што е многу повеќе од предвидувањата на Вол Стрит.

Од „Тесла“ велат дека овие известувања се премногу драматични и за нив рекоа дека се кратки анегдоти без вистинскиот контекст.

-Илон се грижи за сите вработени во својата компанија, па понекогаш за доброто на другите мора да ги отпушти оние кои го кочат успехот на целиот систем - тврдат од компанијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот