X
 28.03.2019 Наша тема

Љубовта на надарените кон татковината трае долго, но не предолго

Студентите треба да дебатираат, истражуваат, критички да размислуваат, да се спротивставуваат, аргументираат, со што би се ослободил нивниот креативен потенцијал. За тоа ни треба промена на ставот во однос на тоа дека единствен компромис со квалитетот е тоа што нема компромис, вели проф. д-р Љупчо Кеверески, раководител на постдипломските студии наменети за надарените и талентирани деца на Педагошкиот факултет во Битола

Студентите треба да дебатираат, истражуваат, критички да размислуваат, да се спротивставуваат, аргументираат, со што би се ослободил нивниот креативен потенцијал. За тоа ни треба промена на ставот во однос на тоа дека единствен компромис со квалитетот е тоа што нема компромис и квалитетот кај нас треба да добие култно место во нашето секојдневно и професионално живеење. Тоа е единствениот излез кон посветла иднина и перспектива на патот кон ЕУ – вели проф. д-р Љупчо Кеверески, раководител на постдипломските студии наменети за надарените и талентирани на Педагошкиот факултет во Битола. Токму денес таму се одржува дебата на тема „Надарените и талентираните во студентската популација“, со поднаслов „Одливот на мозоци – нова визуализација на реалноста“.
ЕУ го одбележува 25 март како ден на талентите. Со Кеверески поразговаравме каков е нашиот третман кон студентската популација која се издвојува од просечноста.

Проф. д-р Љупчо Кеверески

Надарените и талентираните деца еден ден ќе пораснат и најчесто стануваат студенти. Има ли Македонија начин да ги насочи, да направи тие да го искористат својот потенцијал и да бидат успешни во тоа што сакаат да го работат?

- Во нашата држава во последно време се очекува интензивирање на третманот кон надарените и талентираните, што ќе значи квалитетно подобрување на општиот третман на оваа категорија ученици. Тука се мисли на формирање национално тело кое ќе ги синхронизира парцијалните обиди и искуства на експертите, органите и институциите кои се во насока на спречување на одливот на мозоци. Следен чекор секако би бил изработување национален документ за откривање, работа и следење на развојот на надарените и талентираните во вид на национален концепт, национална програма... Формирање регионални центри/центар по принципот на Истражувачката станица „Петница“, но со адаптација на концептот според специфичностите и условите. Последната иницијатива на Фондот за иновативност и технолошки развој и на порталот Факултети.мк даде вистински пример за тоа дека императивна потреба е да се менува односот кон надарените и талентираните. Овие активности мислам дека ќе бидат иницијални импулси за вистинска, а не теоретска грижа и интерес кон оваа категорија, со што ќе имаме корист сите ние.

Погледите кон надарените, талентираните и креативните, односно нивните достигнувања, ги ставаат општествата, луѓето и поединците во една интелектуална инспирација која збунувачки иницира и генерира безброј медицински, биолошки, педагошки, психолошки, социолошки, социјални, општественo-историски, економски и други дилеми и парадокси за нивната етиолошка природа и карактер. Токму поради тоа, за нив се врзуваат разновидни облици на мистериозни, мистични, еретички, необични појави кои биле изедначувани со лудило, „луѓето се плашеле од надарените бидејќи мислеле дека се чудни, бидејќи премногу рано знаат сѐ“. (Winner, 1996; види и според Dalzell, 1998; Goldsmith, 2000; Whitmore, 1980).

Од друга страна, кон нив се гледало со завист и возбуда, па сè до култни воздигнувања и артикулации на експертската и лаичката јавност. Ако го набљудуваме феноменот на надареноста низ призмата на традиционалните и современите концептуални гледишта, ќе забележиме судир на две биполарни парадигми кои имаат длабоки општествено-историски корени. Едната, традиционалната, претендира надареноста да ја прикаже како лизгав терен и Пандорина кутија за која не е добро да се зборува или актуализира поради илузионистичкиот концепт на верување дека сите сме еднакви, од друга страна, поради потенцијалните бранувања и стимулирање елитистички концепт на перцепција на луѓето.
Другата, современата парадигма, се застапува за почитување и развивање на индивидуалните разлики и смета дека елитизмот сфатен како судир и натпревар на квалитети не имплицира негативни конотациски обележја, туку напротив, стимулирање и развој на потенцијалните и манифестните способности на индивидуите.



Ако тргнеме од основниот постулат на секоја наука - дека таа треба да се занимава и да проучува проблеми во нејзиниот домен, истражувачите во областа на психологијата доаѓаат до судир и дилема бидејќи надареноста сама по себе не е проблем, туку привилегија. Сега истражувачите во областа на психологијата на надареноста се соочуваат со уште еден проблем, а тоа е фактот дека не е возможно да се проучува и разбере човечкиот ум без да се истражува и проучува, што ќе доведе до нов квалитативен напредок на човечката цивилизација (Gardner, 1997; Winner, 1996; 2000).

Тоа доведува светот во кој живееме како универзален колорит на парадокси и реалности, во кој постои упорна борба и ривалство помеѓу исклучително способните и просечните кои во имплицитна и експлицитна форма, водени од традиционалните концепти на мислење, да се (де)мистифицираат во нашето современие. Да се зборува за надарените, талентираните и креативните значи да се асоцира на следните констатации: Времето (не) работи за надарените. Еден изгубен ден за надарените е една изгубена надеж. И помислата за постоењето на надарените е повеќе од ништо. Јас сум надарен и талентиран - ист сум како вас. Креативните наоѓаат излез и во кругот. Луѓето не ги забележуваат надарените дека се меѓу нив - сè додека не ги изгубат...

Љубовта на надарените кон татковината трае долго, но не предолго. Мал е бројот на надарените што бараат премногу од нас. Овој свет е по мерка на просечните. Пропаѓањето на талентите е катаклизма дури и за најбогатите земји. Разликата помеѓу надарените и другите е само во надареноста. Само надарените можат најмногу да ги разберат надарените. Секој е талентиран за нешто ако знае за што. Целиот свет им е должен на надарените и талентите. Што би правел светот без 1 или 1,5% надарени?
Наведените констатации, колку да звучат парадоксално во општествена, институционална и индивидуална смисла, се вистински одраз на реалноста која не може да се избегне, туку мора да се прифати и да се менува.

Може ли нашата држава да најде подобри решенија за мотивација на надарените и талентираните во студентската популација?

- Нашата држава има капацитети да изгради достоен систем надарените и талентираните да бидат задоволни од развојот на нивните образовни, социо-емоционални и други потреби многу повеќе од денес. Постојат повеќе иновативни решенија кои надарените и талентираните ќе ги стави во поактивна, нова позиција каде што ќе имаат шанса и моќност да го прикажат и развијат својот креативен потенцијал. Нашата универзитетска практика треба да се ослободи и дистанцира од стереотипни педагошко-психолошки обрасци. Со еден збор, студентите треба да дебатираат, истражуваат, критички да размислуваат, да се спротивставуваат, аргументираат, со што би се ослободил нивниот креативен потенцијал. За тоа ни треба промена на нашата ментална технологија во однос на тоа дека единствен компромис со квалитетот е тоа што нема компромис и квалитетот кај нас треба да добие култно место во нашето секојдневно и професионално живеење. Тоа е единствениот излез кон посветла иднина и перспектива на патот кон ЕУ.



Можат ли родителите да им помогнат некако на овие млади?

- Кога станува збор за помошта на родителите на своите надарени и талентирани деца, би можеле да кажеме дека таа е од исклучително и незаменливо значење. Но, таа речиси е невозможна ако е единствена. Најголемата помош на родителите на надарените и талентираните може да се забележи, пред сѐ, во покажување внимание, интерес, љубов, емоционална топлина, разбирање, емпатија и друго во процесот на развој и поддршка на нивниот талент. Секако би кажале дека улогата на родителите, односно семејството посебно може да се забележи во развој на позитивната слика за себе, мотивот за самопотврдување и самоактуализација, развој на креативноста, висока мотивација, подигнување на нивото на аспирација, развој на комуникациските вештини, подобрување на емоционалните компетенции и други персонални особини.

Каква е ситуацијата со надарените/талентираните во регионов? Предничи ли некоја земја со подобра образовна политика?

- Ако се погледнат образовните политики во земјите од регионот во однос на грижата за надарените и талентираните, може да се забележат дијаметрални разлики. Тие се движат од една рационална систематска поддршка на надарените и талентираните низ сите институционални нивоа, до отсуство на каков било систем на поддршка кој се карактеризира со декларативно теоретска ориентација за грижа и интерес.
Во Словенија третманот на надарените и талентираните деца е операционализиран во Националниот концепт за откривање и работа со надарените и талентираните. Заводот за школство на Словенија организира многу едукативни настани и проекти кои се однесуваат на анимирање на наставниот кадар и надарените и талентираните од различни научни области. Словенија е добар пример за систематски третман на надарените и талентираните, каде што освен тоа што има организиран начин на препознавање низ постојните законски одредби, има и Центар за истражување и промоција на надарените и талентираните кој функционира во рамките на Педагошкиот факултет - Љубљана. Словенија годинава започна со изработка на нов Национален концепт за откривање и работа со надарените и талентираните.

Во Хрватска постои законска рамка за образование и воспитание на надарените и талентираните. Законот за воспитување и образование во основните и во средните училишта во член 63 им наложува на училиштата обврска за препознавање, следење и поттикнување на развојот на надарените и талентираните.

Во оваа смисла може да се каже дека во Србија постои истражувачката станица „Петница“ во Валево каде што надарените и талентираните во различни периоди од годината посетуваат различни програми за развој на нивниот талент. Претходно постои операционализиран систем за селекција на учениците во основните и во средните училишта во однос на видот и степенот на надареноста и талентираноста. Особено за одбележување е континуитетот со над 20 тркалезни маса во организација на Високата школа за образование на воспитувачи „Михајло Павлов“ од Вршац, како единствен пример на континуирана афирмација на проблематиката на надареноста со учество на најеминентните експерти во педагошката теорија и практика.
Во Црна Гора, што се однесува до односот кон надарените и талентираните, постои документ под наслов Стратегија за развој и поддршка на надарените и талентираните ученици (2015-2019) со Акциски план (2015-2016).




Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема