Освен што со математички симболи испиша поезија, животот го раскажа на несекојдневен, а толку реален начин преку „Електронска крв“
Напишала 33 песни за едно деноноќие. Моќта на нејзината поетска реч е уште поголема ако се знае дека емоциите, секојдневните ситуации, идеи и парадокси на живеењето ги прикажа преку геометриски тела, аритметички операции, множества, Хи-квадрати, Т-тестови, квартили, Фибоначиеви низи... Професорката по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет во Битола, д-р Даниела Андоновска-Трајковска. го искористи математичкиот јазик за да создаде попрецизен и полуциден поетски израз. Тоа е обележјето на нејзината нова збирка песни „Математичка поезија“, создадена за еден месец, објавена од Центарот за култура и културолошки студии од Скопје. Често математика и јазикот се два различни света, но таа во поезијата ги спои во еден.
Живот изразен преку Хи-квадрати, множества и аритметички операции
- „Математичка поезија“ е напишана за релативно кратко време, за еден месец и тоа без претходно подготвен план или идеја за користење на математичкиот јазик како поетски код, иако потоа во неколку наврати, сѐ додека не излезе книгата од печат, им се навраќав на тие песни и ги коригирав, а некои од нив и не постојат бидејќи ги уништив. Инспирацијата беше толку интензивна, што се случи во едно деноноќие да создадам 33 песни – без претходно истражување и едуцирање дополнително во математичката наука. Повеќе како несопирлив порив и возбуда поради откривање на еден нов и невообичаен начин на поетска комуникација со читателот - вели Андоновска-Трајковска.
Освен што со математички симболи испиша поезија, животот го раскажа на несекојдневен, а толку реален начин преку „Електронска крв“, збирка од 54 песни, за која лани ја доби наградата на книжевниот фестивал „Караманови средби“.
Проф. Даниела Андоновска-Трајковска
- Живееме секој во своето аутистично време во кое доброволно се обезглавуваме за да ги поставиме нашите глави на „Инстаграм“, за лозинките со кои се заклучуваме сами, за маргината која го кажува тоа што власта го премолчува, за РАМ-меморијата на нашето скиселено време, за мегапикселите со кои сме знајни, но не и мудри, за чипуваната демократија која ја носиме во џебот, за машината за леб која нѐ храни со глутен и со адитиви со ознака Е-215, за електронскиот живот во книгата со маски каде што сите имаат селфи со duck face на очајот, за општеството во кое сѐ е на попуст, но само душата е вистински намалена. Но, и за љубовта која симболично е претставена преку крвта која е и електронска и пулсирачки топла и која синхрониски и дијахрониски нѐ поврзува и поради која не губиме надеж дека ќе нѐ биде како човештво - вели поетесата.
Предавајќи методики од областа на јазикот и литературата во време кога светот се стреми кон изучување на математика и информатика, таа со предавањата и творбите кај младите ја поттикнува љубовта кон пишувањето. А математика и книжевност ги доведува до синергија.
- Секое општество што се стреми кон сопствен развој, но и развој на личноста на поединците, ги развива еднакво и јазичните и математичките компетенции, а во поново време и информатичките поради дигитализацијата на сите сегменти од живеењето. Сепак, да не заборавиме дека јазикот е дел и од културата и е еден од основните показатели на самобитноста на еден народ и мора да му се даде примарно место, а и сите општествени контексти, па дури и дигиталните и математичките, се јазични пред сѐ, што значи дека тие не се во коализија, туку во синергија - вели таа.
Нејзината поезија е преведена на 16 јазици
Андоновска-Трајковска беше меѓу иницијаторите за создавањето на универзитетскиот литературен клуб „Дениција ПФБТ УКЛО“ со седиште на Педагошкиот факултет со цел поттикнување на креативното пишување меѓу студентите и промоција на книжевните вредности во рамките на универзитетот, но и пошироко. Денес клубот не постои, но од пред неколку години функционира Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик и на тој начин се обезбеди континуитет на таа дејност.
- Верувам дека поезијата може да го промени светот на начин што не е насилен, како што е случај со класичните револуции кои го менуваат поредокот користејќи оружје. Наспроти тоа, поезијата е љубов која го менува светот со тоа што го буди детето во човекот. Душата на детето е чиста и неизвалкана од општествените матрици во кои ние, возрасните, ги вкалапуваме нашите деца за да не бидат свои ако сакаат да се интегрираат во средината и да бидат успешни, дури и по цена да излажат и да измамат, бидејќи во светот во кој сите лажат и се лицемерни, душата е продадена или изгубена. Поезијата му го враќа на човештвото токму тоа – душата - вели професорката.
Андоновска-Трајковска е редовен професор на повеќе од седум предмети во сите три циклуси од високото образование, национален обучувач на наставници, ментор за докторски и магистерски тези, со објавени над сто научни трудови, учесник во европски проекти од областа на образованието, уредник на списанија... Има објавено осум збирки песни, збирка раскази, песнарки за деца и има освоено повеќе награди. Нејзината поезија е преведена на 16 странски јазици, меѓу кои и кинески, арапски, виетнамски, италијански, романски, украински, полски, узбекистански, бенгалски, турски и други.