На 11.12.2018 година во амфитеатарот на Педагошкиот факултет - Битола се одржа настан под наслов „Средба со поетот“. Настанот беше организиран во чест на почитуваниот поет, литературен критичар, есеист – Радован П. Цветковски од доц. д-р Силвана Колевска-Нешковска.
Во своето излагање поетот, со присутните студенти, професори и останатите гости, сподели интересни моменти и анегдоти од неговиот животен пат кои извршиле силно влијание врз него и послужиле како инспирација за неговото исклучително богато творештво, кое несомнено остава длабока трага во македонската книжевна ризница.
Настанот беше збогатен со мал поетски перформанс изведен од страна на група студенти од Педагошкиот факултет, со што присутните можеа лично и непосредно да ги почувствуваат моќта и магијата на прекрасните стихови на Радован П. Цветковски. За впечатокот да биде уште посилен и комплетен, се погрижија ученици од Државното музичко училиште во Битола, кои рециталот го придружија со соодветна музичка подлога.
За животот и делото на почитуваниот поет кратки излагања имаа и деканката на Педагошкиот факултет - Битола, проф. д-р Валентина Гулевска, и проф. д-р Златко Жоглев.
Радован П.Цветковски
Настанот беше заокружен со еден необичен и благороден гест од страна на професорките Даниела Трајковска-Андоновска и Гордана Стојановска, кои прочитаа свои лични творби инспирирани и посветени на поетот Радован П. Цветковски. На самиот крај на настанот, студентите од Педагошкиот факултет - Битола во знак на благодарност на поетот му подарија два портрети изработени од самите студенти.