Бројот на луѓе што аплицирале за азил во Европската Унија минатата година, во услови на војна и конфликти во светот, забележа значителен пораст.
Земјите членки на ЕУ примиле околу 648.000 барања за азил во 2021 година, што е еднакво на една третина повеќе во споредба со претходната година, соопшти денеска Агенцијата за азил на Европската Унија (ЕУАА)
Најголемиот број барања за азил, 117.000, се поднесени од државјани од Сирија, потоа 102.000 барања имало од Авганистанци, кои побегнаа откако талибанците ја презедоа власта во земјата минатиот август.
Според ЕУАА, околу 23.600 малолетни лица без придружба побарале азил, што е за две третини повеќе отколку во 2020 година.
Околу 70 отсто од апликантите биле мажи, а половина од сите апликанти биле на возраст меѓу 18 и 35 години.
Властите во земјите членки донесоа околу 535.000 првостепени одлуки и прифатија околу едно од трите барања. Тие им доделија статус на бегалец на 118.000 луѓе, а 64.000 добија статус на супсидијарна заштита. Германија добила најмногу барања за азил во 2021 година со 191.000, а потоа следуваат Франција, Шпанија и Италија.
Извор: МИА