X
 28.07.2018 Култура

„Друштво на мртвите поети“ - И после 30 години филмот потсетува на она што е навистина важно во животот

Робин Вилијамс е еден од најпознатите американски актери кој глумеше во некои од најдобрите филмови на сите времиња. Без разлика дали станува збор за сериозна улога или комедија, тој секогаш знаеше како да допре до гледачот.

Еден од неговите најдобри филмови, филмот што доби Оскар за најдобро сценарио, филмот што носи толку многу вредни животни лекции, секако е „Друштво на мртвите поети“.

Во овој филм Робин Вилијамс ја толкува улогата на професорот Џон Китинг кој пристигнува во елитната академија Велтон, школа чии основни вредности се традицијата, честа, дисциплината и совршеноста. Учениците од оваа воспитно-образовна институција се запишуваат на најдобрите светски универзитети и имаат одлични кариери во медицината, правото, економијата и науката.

2
Фото: Profimedia


Нетрадиционален пристап кон учењето

Но професорот Китинг, кој предава литература, има други приоритети во животот. Иако и самиот се образувал во престижната и конзервативна школа, тој е свесен дека постои и друг свет, свет што не мора да биде исполнет со строги правила и наследување на семејниот бизнис.

Тоа е свет во кој ние самите откриваме кои сме и што сме, која е нашата мисија во овој живот. Токму овој свет им го претставува на своите ученици, 17-годишни млади луѓе кои до неговото доаѓање биле навикнати на класични наставни методи и фронтална форма на работа.

Уште на првиот час им станува јасно дека новиот професор не е како оние другите. Додека кај некои ова предизвикува незадоволство и чудење, кај други е и тоа како добро прифатено. Китинг на неговите часови внесува свеж воздух и сосема поинакво гледиште кон литературата. Како што сам вели, поезијата не ја читаме бидејќи е симпатична или убава; поезијата ја читаме затоа што темите опишани во неа се оние поради кои остануваме живи.

Заинтригирани со неговата појава, учениците наоѓаат информации за Друштво на мртвите поети кое било основано токму од Китинг, во неговите средношколски денови. Во пештерата во која поранешните студенти читале поезија, тие создаваат нова генерација на членови на Друштвото.

Не дозволувај твојата песна да биде обична


Но поезијата е само мал дел од она што професорот Китинг ги учи. Она што е далеку поважно е тоа што кај нив влева надеж за подобро утре, храброст да ги следат своите соништа и да размислуваат надвор од традициите и да го бараат својот глас.

Така, младите момчиња поттикнати од новите лекции храбро тргнуваат во поход и ги освојуваат девојките што ги сакаат и ги откриваат своите таленти. За првпат се борат за она што го веруваат, дури и ако тоа значи спротивставување на своите родители.

Токму односот помеѓу родителот и детето е прекрасно отсликан во овој филм. Скоро сите родители што го испратиле своето дете во Велтон, од него имаат очекување, без притоа да ги интересира дали кариерата што ја одредиле за своето дете е навистина она што детето го сака. Тоа најдобро го прикажува Нил кој ќе изврши самоубиство поради забраната од неговите родители да се занимава со глума, единственото нешто што го сака и поради кое се чувствува жив.

Секако, родителите не сметаат дека се виновни и дека со своето неразбирање и студенило, го турнаа Нил во смрт, туку за тоа го обвинуваат професорот и неговото Друштво на мртвите поети.

Сепак, иако учествуваше на една премиера, Нил блескаше и го достигна врвот. Да станеше банкар или адвокат како што сакаа неговите родители, можеби никогаш не би бил толку среќен како во тој момент кога беше херој во комедијата на Шекспир, „Сон на летната ноќ“. Неговата песна во никој случај не беше обична.

Доживотен пример

Дури и во моментот кога професорот е неправедно отпуштен од неговото работно место, момчињата со чинот на качување на клупите покажуваат дека неговата лекција им беше една од најголемите во животот, и дека никогаш нема да го заборават.

Вратата за развој на потенцијалот, често се прекинува од страна на наставниците. На крајот на краиштата, поголем дел од денот го поминуваат на училиште и често имаат поголема храброст да им се доверат на наставниците отколку на родителите. Се разбира, ако станува збор за наставник кој навистина си ја сака работата и кој на секој свој час дава сѐ од себе.

Затоа ни се потребни професори како Џон Китинг.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура