X
 28.08.2020 Наука

Бактерии можат да го преживеат патот од Земјата до Марс?

Што ако микроорганизмите можат да летаат во вселената како поленот во ветрот, сеејќи ги семињата на животот насекаде на планетите? Дали така започнал животот на нашата планета? Дали таквото патување е возможно?

Ново истражување од астробиолошката мисија „Танпопо“, што на јапонски значи глуварче, посочува дека е можно.

Примероци од високорезистентната бактерија наречена Deinococcus, која може да се најде високо во нашата атмосфера, официјално преживеале три години во вакуумот на вселената - преживувајќи ги микрогравитацијата, интензивната ултравиолетова радијација и екстремните температури додека биле на надворешната страна од Меѓународната вселенска станица (ИСС).

Студијата додава ниво на изводливост на контроверзната теорија панспермија, според која животот не потекнува од Земјата, туку дошол тука од универзумот.

Секако, за тоа би било потребно клетките да пропатуваат големи далечини во некои од најбруталните услови што му се познати на човештвото, а некои луѓе се скептични дека оваа теорија воопшто е возможна.

Сепак, по три години поминати на ИСС, сувите пелети од Deinococcus, подебели од 0,5 мм, ги преживеале кружењата околу Земјата. Но, оние помалите едвај успеале.

Судејќи по нивото на распаѓање на примероците, особено на површината, истражувачите предвидуваат дека една пелета дебела еден милиметар би можела да преживее до 8 години во вселената. Минимално, би преживеала барем три години.

- Резултатите посочуваат дека радиорезистентните Deinococcus би можеле да преживеат патување од Земјата до Марс и обратно - вели биологот Акихико Јамагиши од Универзитетот во Токио.

Претходни истражувања на истиот тим покажаа дека ова е можно во лабораторија, но ова е првпат бактерија да биде тестирана и внатре и надвор од ИСС.

Други студии сугерираа дека микроскопски форми на живот можат да опстанат во вселената речиси 6 години. Но, со Deinococcus, авторите предвидуваат дека би можеле да преживеат во вселенско летало како ИСС дури меѓу 15 и 45 години.

ДНК од пелети дебели 100 мм од D. radiodurans била оштетена од ултравиолетовото зрачење и веројатно тоа било причината за избелувањето на некои делови од надворешноста. Сепак, внатре пелетите ја задржале вообичаената боја и дел преживеани клетки.

- Овие резултати посочуваат дека заштитниот ефект овозможен од површинскиот слој на мртви клетки доволно ги заштитил клетките внатре од УВ - наведуваат авторите.

Потребни се уште истражувања пред да можеме да кажеме дека панспермија е возможна, но ако бактериите навистина можат да преживеат во интерпланетарниот простор, Земјата би можела да дејствува како глуварче, ширејќи живот во вселената.

Извор и насловна фотографија: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука