X
 28.11.2017 Технологија

Дали знаете што се дигисексуалци?

Лексиконот за сексуална ориентација веќе ги доби зборовите „демисексуалност“ и „пансексуалност“. Но според експертите, наскоро ќе видиме пораст на дигисексуалците - луѓе чии сексуални апетити се претежно задоволени од виртуелниот свет.

Веќе започна продажбата на кукли роботи што се движат и разговараат и се „топли на допир“ за цена од над 17.000 долари, при што компаниите се борат да создадат реалистични придружници.

Порнографските канали сега нудат 3Д-содржини до кои може да се пристапи со користење слушалки, додека онлајн-улогите како 3dx Chat им овозможуваат на луѓето да комуницираат едни со други користејќи само аватари.

Во новиот извештај објавен во „Journal of Sexual and Relationship Therapy“, етичките истражувачи од Универзитетот во Манитоба, Канада, тврдат дека психотерапевтите треба да бидат подготвени за зголемување на бројот на клиентите што учествуваат во дигисексуалноста.

„Може да се каже дека пристигна ерата на извонреден виртуелен секс“, вели вонредниот професор Нил Мектарур, директор на Центарот за професионална и применета етика.

„Со оглед на тоа што овие технологии напредуваат, нивното усвојување ќе расте и луѓето ќе почнат да се идентификуваат како дигисексуалци- луѓе чиј примарен сексуален идентитет доаѓа преку употреба на технологијата“, додава тој. „Не постои сомнение дека доаѓаат секс-ботите. Луѓето ќе создадат интензивни врски со нивните роботи. Овие роботи ќе бидат приспособени за задоволување на желбите на луѓето и ќе прават работи што човечките партнери не можат или нема да ги прават. Поради оваа причина, значителен број луѓе ќе почнат да ги користат роботите како свој примарен начин на сексуално искуство“.

Денешните секс-роботи се веќе програмирани со вештачка интелигенција и опремени со сензори за тело кои реагираат на допир. Тие дури можат да бидат приспособени да изгледаат како поранешен партнер, ако е потребно. „Андроид лав дол“ може да изврши 50 автоматски сексуални позиции, додека „Хармони“ може да се пофали со разговорни способности и да се поврзе со апликација што учи како што корисникот разговара со неа.

Сепак, неодамнешното истражување на „Неста“ покажа дека огромното мнозинство луѓе сè уште не се сигурни за роботите. Само 17 отсто од испитаниците се подготвени да одат на состанок со роботи и тој број се зголеми на 26 отсто за робот кој изгледаше како човек.

„Во иднина ќе видиме некои луѓе што користат сексуални роботи, но бројките сè уште се мали“, вели професорот Ноел Шарки, професор за вештачка интелигенција и роботика на Универзитетот во Шефилд и основач на Фондацијата за одговорна роботика.

„Во моментов употребата на сексуални роботи и кукли може да се смета за еден вид парафилија - атипична сексуална практика - која вклучува атипични предмети, фетиши и воајеризам“, додава тој.

Авторите на извештајот заклучуваат дека севкупното влијание на дигисексуалноста ќе биде позитивно, овозможувајќи им на луѓето да искусат поголемо сексуално задоволство и да доживеат нови искуства, особено за луѓето што се борат да најдат човечки партнери или кои претрпеле сексуална траума во минатото.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија