X
 28.11.2022 Живот

Остров кој може да се посети само еден ден во годината

„Напуштен остров кој можете да го посетите само еднаш годишно“ - ова се зборовите што Би-би-си ги користи за да го опише шкотскиот остров Ејнхалоу и ја поттикна фантазијата на милиони љубители на необични дестинации.

Ако Шкотска ја имаше Атлантида, тоа ќе беше Ејнхалоу.

Напуштено во 19 век по епидемија на чума, ова место во Шкотска е затворено за светот 364 дена во годината.

Нема организиран превоз, најмногу поради силните струи што го отежнуваат сообраќајот и го прават небезбеден.


Овој остров врвот на славата го достигнал во првата половина на 19 век кога на него живееле само 30 луѓе. Денес нема луѓе, но голем број птици си направиле свој дом.

Споредбите со легендарниот остров на Платон можеби се премногу, но се соодветни. Ако се обидете да го најдете на мапата, тешко ќе го најдете. Се наоѓа стиснат под поголемите острови Мејнленд и Русеј, со широчина од не повеќе од 900 метри, со облик на срце. Се карактеризира со многу морски алги и ги има истите бои и контури на илјадници други шкотски острови. Но, за разлика од нив, тука времето застанало.

Секако, исто како и Атлантида, и со овој остров се поврзани многу локални легенди. Една од нив вели дека овој остров е населен со духови и демонски сили, па не е отворен за посети. Легендата вели дека овие сили се толку моќни, што секој што ќе се обиде да оди на островот сам или во мала група никогаш нема да се врати.



- Локалните жители велат дека островот постои помеѓу светови, и географски и историски. Во 1851 година се појавила чума, што ги натерала семејствата што живееле тука да избегаат. Потоа, била дезинфицирана земјата, а за да не се врати никој, биле демонтирани сите покриви на куќите. Оттогаш е ненаселен - вели Ден Ли, археолог од Универзитетот „Хајлендс енд ајландс“.

За еколозите, овој остров е вистински благослов. Уште од евакуацијата во 19 век, Ејнхалоу е преобликуван како важно место за размножување на морските птици, карпите се преполни со места за гнездење на арктички галеби и други видови птици. На ова место животот најде начин како да напредува.

Извор: ВВС
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот