31 декември за нас во телевизија е еден од најпозитивните денови - програмата почнува со утринска емисија со многу музика и забава и сѐ е во знакот на испраќање на старата година и со многу честитки и надежи за поуспешна нова година. Обврските се сведени на минимум, вели Владимир Стојаноски, долгогодишен снимател
Не сите луѓе ja пречекуваат Нова година како што посакуваат и не се сите слободни и без обврски. Додека едни се на патување, некои на планина, други во ресторан, ноќен клуб или дома со најблиските, многу луѓе најлудата новогодишна ноќ ја поминуваат работно.
Таксисти, вработени на бензинска, доктори, медицински сестри, пожарникари, тон-мајстори во телевизија, сниматели, келнери, музичари, готвачи, чувари, обезбедувачи... листата е долга. Замоливме некои од луѓето што работно ја поминуваат новогодишната ноќ да ни споделат како изгледа тоа.
Владимир Стојаноски, долгогодишен снимател
- 31 декември за нас во телевизија е еден од најпозитивните денови - програмата почнува со утринска емисија со многу музика и забава и сѐ е во знакот на испраќање на старата година и со многу честитки и надежи за поуспешна нова година. Обврските се сведени на минимум. Атмосферата е опуштена, сѐ е однапред снимено, како новогодишна емисија, новогодишен дневник каде што се прави ретроспектива на изминатата година. Кај колегите што се на смена преовладува еуфорија, а знаеме и да наздравиме со понекоја чаша. За новогодишната ноќ секогаш работиме, т.е. еден снимател и новинар се на терен да го снимат дочекот на плоштад. Значи, ние сме си на смена, си доаѓаме на работа околу 22:30 часот. Земаме опрема - камера, микрофон, статив, возило и заедно со снимателот и новинарот одиме на дочек на Новата година. Таму се наоѓаме со колегите од другите телевизии и се трудиме колку што може поубаво да си поминеме и покрај тоа што сме работно ангажирани. Се снимаат одбројувањето и огнометот и кога ќе заврши тоа, секогаш снимаме анкета од присутните граѓани кои упатуваат честитки за поубава нова година. Потоа посетуваме локали каде што се снима атмосферата и смената најчесто завршува околу 2:00 до 3:00 часот по полноќ. Кога еднаш ќе ти помине редот, наредната година работи некој што не бил, а има и доброволци кои сами се пријавуваат - ни сподели Владимир.
Милена, вработена на бензинска станица
- Се случува да ми се падне смена баш за Нова година и некако нормално го прифаќам тоа, секако, нема друг избор, некој мора да работи. Но, можам да кажам дека е супер да си на смена, тоа е најмирна ноќ, сите се расположени, се чувствува атмосферата и кај нас. Најчесто пред нова година, односно пред 12 часот, имаме работа, секако не премногу, но по 12 е многу слабо. И има простор да се опуштиме и ние да си прославиме. Најчесто работат оние на кои редовно им се паѓа смената, нема посебни списоци. Двајца сме и си нарачуваме мезе, ќе си пуштиме музика и си уживаме во вечерта. Дури се случува некои пријатели да ни прават друштво. Послободни сме и можеме да си поминеме интересно. Не е обична ноќ и времето брзо ни минува - изјавува Милена.
Моника, диспечерка во такси-компанија
- Новогодишната ноќ ни е како и секоја вечер. Работа имаме многу, на моменти снемуваме дури и возила, но има и периоди кога можеме барем накратко да здивнеме. Секако, си правиме гезме, се обидуваме да си направиме да ни биде забавно... Кога веќе сме на работа, барем убаво и брзо да ни помине времето. Свесни сме дека сме потребни и моментот дека мора да работиме за Нова година не ни е невообичаен. Таква ни е работата и соочени сме со тоа - вели Моника.
Ангела Мишковска, стјуардеса
Како стјуардеса, доживеав безброј моменти за паметење. Сепак, летање на Нова година е дефинитивно еден од моите омилени. Нашиот авион полета околу 22 часот и веднаш почнавме со послугата. Празничната и радосна атмосфера можеше да се почувствува и кај патниците и кај нашиот екипаж. Среде лет организиравме одбројување до полноќ за да го направиме летот уште поспецијален. Целата кабина аплаудираше кога конечно дојде Новата година. Сепак, мојот омилен дел беше кога ги видов сите огномети запалени над градовите од прозорците на авионот. Тоа беше најубавата глетка што сум ја видела досега. Капетанот дури и со специјална најава им посака на сите среќна Нова година и среќни празници. Беше навистина волшебно и прекрасно искуство.