X
 29.01.2024 Живот

Знаете ли како да кочите во зимски услови?

Големата брзина, недостигот на концентрација, несоодветните гуми и лошите навики при сопирање, често поединечно или групно, влијаат врз безбедното сопирање. Еве неколку корисни совети како правилно да реагирате и безбедно да го запрете возилото во зимски услови.

Иако новите автомобили имаат системи за асистенција кои му помагаат на возачот да остане побезбеден на патот, тие сепак не можат да ја заменат брзината на реакција, способноста за брзо проценување или интуицијата на возачот според условите на патот. Меѓутоа, често се случува небезбедното и доцно сопирање да е всушност резултат на преголема брзина и недостиг на концентрација од страна на возачот. Ако реакцијата на возачот на сопирање статистички трае една секунда, а често и повеќе, што е под влијание на голем број фактори, возачот практично може да помине неколку десетици метри пред да започне процесот на сопирање.

Она што, исто така, мора да се земе предвид е состојбата на подлогата, состојбата на патот, техничката состојба на возилото, вклучително и гумите и ефикасноста на сопирачките. За ефикасно сопирање, неопходна е и правилната положба на возење на возачот. Положбата на телото влијае врз времето на реакција, силата со која го притискаме педалот на сопирачката и способноста да се контролираат воланот и возилото при нагло сопирање.


Фото: Unsplash

Кога возиме во зима, во секој случај, треба да држиме поголемо растојание во однос на возилата напред, поради полизгавата површина и често намалената видливост. Растојанието на сопирање е растојанието поминато од моментот на активирање на системот за сопирање до целосно запирање на возилото. Меѓутоа, за да го пресметаме растојанието за сопирање, мора да го додадеме поминатото растојание од моментот на откривање пречка до притискање на педалот на сопирачката, потоа поминатото растојание од моментот на притискање на сопирачката до активирањето на системот за сопирање и на крајот самото растојание на сопирање.

Продолженото растојание за сопирање може да биде предизвикано и од неправилно извршување на постапката на ненадејно сопирање. Возачите често забораваат да ја притиснат спојката (за возила со рачен менувач) или, на пример, премногу слабо ја притискаат сопирачката. Ако не го притиснете куплунгот, тоа може да влијае врз способноста за возење на возилото и да го зголеми растојанието за сопирање. При итен случај, треба веднаш да ги притиснете педалите на сопирачката и куплунгот со максимална сила или само сопирачка во случај на автоматски менувач. Секако, не заборавајте да ја држите сопирачката со сета сила додека не застанете.

Дополнителен проблем е возењето со несоодветни гуми во зима. Во зима, растојанието за сопирање на автомобил со летни гуми може да биде значително подолго од она на автомобил со зимски гуми.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот