Сообраќајните несреќи се сериозна пандемија од која е зафатен светот и од чии последици секоја година се губат милиони животи на светско ниво. За жал, нашата држава не е имуна на оваа пандемија. Пандемијата од ковид-19 донесе зголемен број пешаци и велосипедисти во сообраќајот, а летото и високите температури драстично го зголемија бројот на сообраќајни незгоди со фатални и смртни последици во кои најчесто страдаат пешаците и велосипедистите. Изминатите неколку денови вестите и медиумите се полни со информации за повредени, но и загинати пешаци и велосипедисти. Ова уште еднаш го потврди веќе утврдениот факт дека тие спаѓаат во ранлива категорија на учесници во сообраќајот, односно спаѓаат во категоријата на „немоторизирани“ учесници во сообраќајот кои полесно може да бидат повредени или да настрадаат на патишта каде што има доминантно учество на автомобилите. Светската здравствена организација во категоријата ранливи учесници во сообраќајот ги вбројува пешаците, велосипедистите и мотоциклистите.
Последните статистички податоци од Европската Унија покажуваат дека околу 70% од сообраќајните незгоди во урбаните средини вклучуваат пешак, велосипед или мотоциклист. Додека, пак, статистичките анализи на Светската здравствена организација покажуваат дека 50% од починатите во сообраќајни незгоди се припадници на ранливите категории учесници во сообраќајот. Справувањето со безбедноста во урбаните средини е еден од клучните сегменти во сообраќајот на кој особено внимание ќе биде посветено од страна на Европската комисија во период што следува. Кога говориме за статистиката поврзана со Европската Унија и урбаните средини, важно е да се напомене дека две европски престолнини, Осло и Хелсинки, успеаја 2019 година да ја завршат со нула жртви (велосипедисти и пешаци) во сообраќајот. Статистички податок кој е за поздравување.
Пандемијата на ковид-19 ја подигна свесноста за сообраќајната мобилност, пешачењето и употребата на велосипедите во сообраќајот, но во Македонија, за жал, изостана свесноста за инвестиции кои ќе донесат подобра сообраќајна инфраструктура, односно ќе овозможат побезбедно учество на велосипедистите и пешаците во сообраќајот. Кога станува збор за подигнување на безбедноста на ранливите категории учесници во сообраќајот, експертите се согласни дека клучно е да се инвестира во подобрување на сообраќајната инфраструктура, едукацијата и неопходна е примена на современата технологија. Берлин, Брисел, Милано и Париз се само дел од градовите во Европската Унија што најавија промени во инфраструктурата за да овозможат побезбедно учество и да промовираат зголемена употреба на велосипедите во сообраќајот.
Ваков став дели и Стојче Стаменковски, поранешен претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој смета дека е неопходно државата, а особено локалната самоуправа да го забрза процесот на инвестирање и подобрување на сообраќајната инфраструктура во смисла на изградба на нови и модерни, современи патишта кои задолжително ќе имаат дел кој ќе биде наменет за пешаците и велосипедистите.
- Сметам дека инвестирањето во современа и модерна инфраструктура е процес кој итно мора да биде ставен во фокусот на носителите на одлуките на локално и на централно ниво, првенствено од аспект на подигнување на безбедноста на сообраќајот на патиштата и спасување голем број човечки животи, а потоа од економски аспект. Дополнително, на среден рок неопходно е да се поработи на подигнување на свеста, преку помасовни и поинтензивни кампањи за едукација на сите учесници во сообраќајот и, секако, едукација на најмладите во сообраќајот. Сметам дека недоволно ја користиме моќта на новите медиуми за испраќање силни пораки за повисока сообраќајна свест. Модерната и современа технологија многу повеќе се користи во светот за оваа намена, а, за жал, тоа е сегмент во кој многу заостануваме и на кој треба многу да се работи - вели Стаменковски.
Тој потсетува дека во минатото од страна на РСБСП имало иницијатива за воведување сообраќајно образование како дел од редовниот образовен систем, но со текот на времето оваа иницијатива замрела. Тој смета дека следејќи ги европските примери и практики, можеби во некоја форма и со одредени доработки, оваа иницијатива треба да се доработи и усвои.
- Сообраќајната култура и свест се градат од најмлади години - заклучува Стаменковски.
Едукацијата во светски и во европски рамки се смета за важен дел во интегрираниот систем за сообраќајна безбедност. Сите европски земји се потписнички на Конвенцијата за сообраќај на патиштата која предвидува едукацијата за сообраќајот да биде дел од сите степени на образование. Но, не сите земји ги исполнуваат обврските што се предвидени во оваа декларација, само Чешка, Ирска и Германија во моментов овозможуваат сообраќајна едукација во сите фази од школувањето. Важно е да се напомене дека во сите европски земји сообраќајното образование е интегрирано во основното образование на децата, додека само 19% од учениците во ЕУ ја имаат таа можност во средното образование.
Големиот број незгоди, и повредени и загинати во нив, укажуваат на тоа дека на учесниците во сообраќајот им е неопходна дополнителна едукација за опасностите во сообраќајот и укажување за неопходноста од почитување на правилата од страна на сите, се вели во едно од соопштенијата на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот. Кампањите, едукативните настани, печатените изданија се само дел од активностите што оваа институција ги презема за подигнување на сообраќајната култура и свест.
Фото: Фрипик