Потрагата по исчезнатиот авион на „Малезија ерлајнс“, на летот МХ370, која 90 дена ја спроведуваше една американска компанија, дефинитивно е завршена. Авионот со 239 патници и членови на екипажот исчезна на 8 март 2014 година на летот Куала Лумпур - Пекинг.
Дебатите за тоа што се случило со авионот не стивнуваат, а фамилиите на патниците сакаат потрагата да продолжи.
Во авионот имаше 153 Кинези и 38 Малезијци, но и патници од Иран, САД, Канада, Индонезија, Австралија, Индија, Франција, Нов Зеланд, Украина, Русија, Тајван и Холандија. Сите 12 членa на екипажот беа Малезијци.
Ова беше една од најголемите потраги во историјата на авијацијата, а пребарани се повеќе од 120.000 квадратни километри од Индискиот Oкеан.
Делови од остатоци од авионот беа пронајдени дури во Мадагаскар, но никогаш не беше најден трупот на авионот. Официјалната потрага, во која учествуваа тимови од Австралија, Малезија и Кина, е завршена во јануари минатата година.
По малезискиот авион трагаше компанијата „Оушен инфинити“, со седиште во Хјустон.
Исчезнувањето на овој авион се смета за една од најголемите мистерии во
авијацијата.