Во A1 Learning Hub тимот сум од самиот почеток кога го основавме, од октомври 2010 година. На почетокот беше класичен интерен корпорациски универзитет, денес, како што доаѓаат промените во нашиот бизнис, така и нашиот A1 Learning Hub се приспособува кон тие промени
Желбата за постојан напредок во кариерата, но и отвореноста да се научи нешто ново, пред осум години ја однела Виолета Шилер во Виена. Преселба во нова земја, кај нови колеги и нов јазик... Доживеала огромен скок во професионалниот развој и вели дека е една од најпозитивните промени во нејзиниот живот.
Шилер работи како експерт за обука и развој во тимот на A1 Learning Hub (дел од групацискиот оддел за човечки ресурси). Нивна мисија е да градат култура на константно учење, секој да е одговорен за себе и да има индивидуален пристап за сопствениот професионален развој.
Дипломирала на Правниот факултет при УКИМ, а моментално работи на магистерската теза на Филозофскиот факултет во Скопје на Менаџмент на човечки ресурси. Освен формалното образование, посетувала многу тренинзи, конференции, работилници за кои вели дека ѝ помогнале да се стекне со експертско знаење.
- Најефективно се здобив со знаење и експертиза преку мојата работа и искуство сиве овие години – вели таа.
Живеете во Австрија, работите во седиштето на А1 Телеком Австрија груп. Како Ви се случи Виена?
- По три години работа во Вип оператор (денес Вип), решив дека сакам некаква промена, нов предизвик и секако професионален развој. Во тоа време се случуваа големи промени во групацијата (тогаш научив дека промените се единствена константа во нашата индустрија). Се објавија повеќе позиции во седиштето од кои за мене најинтересна беше позицијата во одделот за човечки ресурси. Во тоа време ги завршував постдипломските студии во Скопје на државниот универзитет, Менаџмент со човечки ресурси, и сакав понатаму да се развивам во таа област. Еден клик, пополнета апликација, средена биографија, позитивна мисла и… веќе се најдов на неколку интервјуа. Секако, освен позитивна мисла и желба, потребни се добра подготовка и знаење, но и отвореност да се учи нешто ново. Така се случи Виена, пред точно 8 години.
Претходно сте работеле во Вип во Скопје. Какво искуство стекнавте тука, дали работевте на истата позиција?
- Во Вип работев од самиот почеток кога компанијата се основаше, во јуни 2007 година. Во тоа време работев во една државна фирма во одделот на човечки ресурси како правник. Имав многу стабилна работа, со одредено работно време, конзервативен пристап кон промени…Тоа траеше речиси една година кога сфатив дека дефинитивно не е работа од сништата за мене! Аплицирав на еден генерален конкурс објавен во дневниот печат (кога Вип ја доби дозволата за отворање нов мобилен оператор кај нас почна да објавува генерални конкурси од типот: нова мобилна компанија бара млади, желни да се развиваат, амбициозни луѓе за тие и тие позиции…). Дефинитивно овој предизвик да аплицирам беше во спротивност од она што веќе го имав - сигурност и стабилност. Иако бев дипломиран правник, со работно искуство во државна администрација во одделот со односи со младинскиот невладин сектор во Р. Македонија и подоцна како правник во државна фирма, прифатив позиција која значеше почеток во секоја смисла - асистент во маркетинг-секторот.
Научив многу во врска со корпорацијата, телекомуникацијата како индустриска гранка, бизнис-климата во Македонија, процеси во работењето, градење бренд, мониторинг и маркетинг-анализи и истите како да се користат при донесување важни одлуки, комуникација меѓу вработените, менаџирање со помали проекти, асистирање на повеќе менаџери истовремено и еден куп друга оперативна работа... Најзначајно од сѐ беше искуството во стартап-фазата. Работевме и учевме, без претходно етаблирани процеси и концепти. Сличен модус во кој се наоѓа нашата компанија денес, тестирајќи области надвор од она што го подразбираме под телекомуникација.
Сте почнале во Скопје, па сте продолжиле во Виена, што веројатно е логичен тек на настаните кога работите во компанија која нуди интернационална кариера. Како го доживеавте ова професионално унапредување?
- Откако цврсто решив дека одам понатаму да се развивам и да продолжам со образованието, но истовремено да го искористам во она што го работам и каде што работам, почнав да го „ставам тоа на маса“ кога имав дијалог со претпоставениот, при формалниот годишен разговор, но секако и во неформална форма. Се интересирав кои ми се можностите, дали ќе ме поддржат колегите, какви ми се шансите. Тогашниот претпоставен ме посоветува дека е најважно да давам знаци, да аплицирам на отворени позиции, да се интересирам кои вештини и знаења се потребни да ја добијам работа што ја посакувам и дека тоа некој понатаму ќе го земе предвид. Така и се случи. Беше голем предизвик, особено што немав искуство во областа за обука и развој кај вработените во корпорациска смисла и беше еден огромен скок во мојот професионален развој. Секако, и голема промена во целост: преселба, нова земја, нов јазик, нови колеги... Бев спремна, отворена и прифаќав да учам нови работи! Промената беше позитивна во секој случај.
Работите како експерт за обука и развој во тимот на A1 Learning Hub (дел од групацискиот оддел за човечки ресурси). Што значи оваа позиција, какви се Вашите обврски и секојдневни предизвици?
- Во A1 Learning Hub тимот сум од самиот почеток кога го основавме, од октомври 2010 година. На почетокот беше класичен интерен корпорациски универзитет, денес, како што доаѓаат промените во нашиот бизнис, така и нашиот A1 Learning Hub се приспособува кон тие промени. Нашата мисија е да градиме култура на константно учење, секој да е одговорен за себе и да има индивидуален пристап за сопствениот професионален развој. Со тоа се креира инспиративна работна средина каде што секој се охрабрува да го сподели знаењето со своите колеги, меѓутоа, да биде отворен/а за нови пристапи. Од наша страна нудиме огромна дигитална содржина на онлајн-курсеви, вебинари, презентации, видеоклипови, дигитални книги, статии итн. Содржината ја наоѓаме од надворешни извори, но голем дел е креиран токму од нашите експерти. Освен дигиталниот дел, ние во A1 Learning Hub имаме програми наменети за одредени фокус-групи и едукацијата се одвива во нашиот кампус тука, во Виена.
Моите обврски и предизвици многу често се непредвидливи: постојано учам што е ново во нашата индустрија, во секојдневен контакт со експертите што ги носат новините за проверка што е релевантно како содржина да се понуди на нашите вработени, истражувања надвор од нашата бранша, соработка со надворешни партнери и едукатори, дизајнирање програми за фокус-групи како што се млади експерти, интерни тренери итн. Комуникацијата е главен алат во нашиот оддел, сакаме вработените да ги инспирираме да размислуваат надвор од својата кoмфорна зона, па така многу идеи се родија токму заради овој пристап. Даваме поддршка и едукација за користење различни алатки и методологии кои го поддржуваат овој процес како, на пример, Design thinking, Scrum, Agile Project Management.
Каква е атмосферата за работа во A1 Телеком Австрија груп, што е специфично за работната дисциплина, односите меѓу колегите?
- Од сето она што го споменав претходно можете да заклучите дека е доста динамично, полно со предизвици, константни промени, но и многу можности за развој и учење. Мојот тим е интернационален и секој од нас носи своја карактеристика и многу често правиме шеги на наша сметка. Тоа ја прави атмосферата уште побогата и попријатна за работа бидејќи свесни сме за различностите и се концентрираме тоа да ни биде решение, а не конфликт. Ние сме пилот во процесот на создавање самоорганизирани тимови, дел од стратегијата за изумирање на хиерархиската организација. Самостојно донесуваме одлуки, работиме на проекти со други тимови поединечно или како тим, се грижиме за нашиот кампус и за нашите луѓе во компанијата. Темелот на културата во нашата компанија се водечките принципи: тим, доверба и агилност. Тие дефинитивно ја водат компанијата кон целосна дигитална трансформација која е главна стратешка цел.
Многу мерки се преземаат во врска со тоа, ќе ги споменам само најзначајните: мобилно работење, скратено работно време, флексибилност, давање веднаш feedback кон колегите и претпоставените, интердисциплинарни проектни тимови, индивидуален план за професионален развој и едукација, проактивен пристап. Има и константно учење за разлика од порано кога вработените чекаа од одделот на човечки ресурси и менаџментот да понудат каталог на тренинзи, евалуација на не само што е постигнато, но и како, споделување на знаење, тестирање нови процеси, а крајна цел на сето ова да е нашиот корисник.
Каков е животот таму, што Ве одушевува кај Австријците, што Ви недостига од Македонија?
- Различно, но сепак блиско! Не за џабе велат „Виена е најсеверниот балкански град“. Ме воодушевува морбидната смисла за хумор кај нив и константната потреба да се жалат за нешто. Од друга страна, стекнав пријатели и колеги кои се многу чесни и искрени и се чувствувам прифатено како приватно така и на работа. Некои од нив се моја фамилија овде. Од Македонија ми недостигаат најблиските и пријателите. И Водно!
Вашите професионални предизвици во иднина...
- Не планирам наскоро да ја менувам професијата и ќе останам во одделот на човечки ресурси, развој и обука, но дефинитивно сакам да учам и да применувам нови методологии, алатки, да учам за новите бизнис-можности во нашата бранша бидејќи само така ќе можам да придонесам во дизајнот на нови програми во A1 Learning Hub.