Поделени во шест тима, кандидатите неколку часа решаваа проблемска задача, а оние што понудија најдобри решенија ќе бидат новото освежување на компанијата
Од 170 пријавени кандидати, дваесетина влегоа во потесниот избор за новите работни места во Вип, како дел од иновативната програма за регрутирање нов кадар „Vip Expеrience“. Поделени во шест тима, кандидатите неколку часа решаваа проблемска задача, а оние што понудија најдобри решенија ќе бидат новото освежување на компанијата. Целиот процес трае неколку месеци. Кандидатите поминаа низ неколку фази на селекција, како видеорегрутирање и онлајн-тест.
Компанија што инвестира во знаење
Стефан Јовановски, раководител на човечки ресурси во Вип, пред почетокот на натпреварувањето на кандидатите им кажа дека сите што се тука се многу храбри и успешни. Тој потенцира дека им е важно идните вработени да ја доживеат компанијата и опуштено да покажат што знаат.
- Имавте шанса преку сведоштвата на нашите колеги да дознаете како изгледа да се работи во Вип, што ви нудиме ние како компанија и какви привилегии ќе имате како наши вработени. Тука има голема можност и за развој на интернационална кариера, конкурентска плата и бенефиции. Тоа го нудат многумина, но ние може да ви понудиме и многу ресурси за учење, иновативни курсеви. Ние сме компанија што инвестира во знаење – рече Јовановски.
Тој потенцираше дека ова е нов начин за регрутирање млад кадар во компанијата и дека е ново искуство и за нив.
- Од сите вас очекуваме да внесете свежина во компанијата, да нѐ нахраните со нови идеи, а ние за возврат ќе ви понудиме искуство – рече Јовановски.
Мијовски и Милосавлевска-Наумовска
Тимска работа и снаодливост
Преку задачата што кандидатите ја решаваа неколку часа, неколку ментори од ИТ-секторот на Вип ги проценуваа кандидатите индивидуално од неколку аспекти како, тимска работа, снаодливост, повеќе вештини.
Маја Милосавлевска-Наумовска, директор на ИТ-одделот во Вип, рече дека најдобрите кандидати што се натпреваруваа ја поминале првичната селекција.
- Во оваа фаза веќе проценуваме тимска работа, како се снаоѓаат кога се исправени пред некаков проблем и нов предизвик. За да го решат проблемот, може да ги користат сите можни средства, тука излегуваат на површина нивниот квалитет и снаодливоста. Им дадовме задача која треба и да им каже што всушност ние работиме. Многу е едноставна, треба да направат промоција на еден пакет, да смислат алгоритам, на кој начин тоа би функционирало. На крај тоа треба убаво и да се спакува, да го опишат барањето, на кој начин ја направиле анализата, на кој начин би го истeстирале сето тоа, едноставно да направат презентација на решението. Многу битен момент е како ќе го презентираат тоа што ќе го сработат – вели Милосавлевска-Наумовска.
Јовановски потенцира дека сите кандидати се потковани со техничко знаење, а овој тест ги покажува нивните меки вештини.
Стефан Јовановски ги поздравува кандидатите
Нов начин на регрутирање
За време на тестирањето воопшто не се чувствуваше нервоза или трема кај кандидатите. Дел од нив потенцираа дека им е забавно и дека ова и за нив е големо искуство, но и можност да видат што би ги очекувало на потенцијалното ново работно место.
Менторите Мирослав Мијоски и Бојана Маневска исто така беа задоволни од сработеното.
- Кандидатите бараа решение на две задачи. Дизајнираа една промоција што Вип ја нуди на пазарот. Ја конструираа, направија дизајн, потоа ја искодираа, требаше да употребат свои технички познавања, но и да се покаже нивната тимска работа, начинот на распределба на задачите, одговорностите. Сите се покажаа супер – рече Мијоски.
Кандидатите беа опуштени и сега чекаат добри вести
Маневска, пак, истакна дека овој начин на регрутирање е нов и за нив, па практично сите учат нешто.
- Она што го покажаа кандидатите денеска не може да се види на класично интервју или на тест. Тука се проценуваат и нивната иновативност, агилност, флексибилност, соработка со другите членови. Ниедна друга стандардна техника на регрутирање не може да го покаже ова.
Повеќето од дваесетината кандидати ќе станат дел од големото семејство на Вип. Ќе имаат можност за работа со многу нови технологии, системи и, секако, за развој на успешна ИТ-кариера.