X
 17.09.2018 Технологија

Блаже Младеновски, електроинженер од Вип, раскажува како се менувала телекомуникациската технологија

Тој го води тимот Операции на пристапна и транспортна мрежа во Вип. Во 2007 година избегал од образование, бил професор во средно училиште, а претходно кратко се задржал во фирма за индустриско маркирање


Телекомуникациската технологија е една од областите што се менуваат многу брзо. Оние што работат во овој сектор велат дека не ни можеле да ги замислат можностите што денеска им се на располагање на корисниците. Блаже Младеновски, менаџер на тим за операции на пристапна и транспортна мрежа, вели дека темпото на развој нема да забавува.

- Сѐ се движи кон дигитализација, а тоа е широк поим со многу можности за развој во многу сегменти. Звучи премногу општо, но тоа е платформа за имплементација на техничка имагинација потврдена со добра анализа. Сето тоа ќе бидат поткрепено со 5G мрежа и сигурно со нови генерации на пристапна мрежа каде што приоритет ќе бидат брзината и стабилноста на пренос на податоци.

Тој го води тимот Операции на пристапна и транспортна мрежа во Вип. Во 2007 година избегал од образование, бил професор во средно училиште, а претходно кратко се задржал во фирма за индустриско маркирање.
- Тоа лето пратив по пет писмени апликации за работни позиции во различни фирми, различни професии во областа на електротехниката. На мое задоволство, добив повик за интервју од Вип.На крајот на второто интервју тогашниот шеф колега од Мтел, Бугарија, беше изненаден со мојата чиста констатација дека ако не ме земе во екипата, тоа ќе му биде катастрофална грешка - вели Младеновски.


Блаже Младеновски

На првиот работен ден облекол испеглана кошула, ставил, парфем, се спремил тип-топ. Но, вториот ден на терен разбрал што е тоа теренски инженер.
- И така осум години, теренско возило, 400.000 км пат низ Македонија, ритче, долче, град, село, езеро, планина и малку канцеларија. Дење и ноќе. Сепак, не бевме 100 проценти теренски инженери, бевме и операциски инженери на опрема за пристапна Alcatel 2G мрежа и за тоа време ултрамодерна транспортна опрема од „Сименс“. Со таква динамика и со фантастична Вип-екипа и слобода за креативност и адекватна дисциплина, невозможно е да не напредуваш. Се отвори шанса, повторно констатирав како на почетокот, и станав тим лидер во одделение за операции, а подоцна менаџер.

Операции е пандан на брза помош во ургентни центри

Младеновски со неговата екипа ги имплементира сите нови решенија на 2G, 3G, 4G мрежа, на транспортна микробранова и оптичка мрежа.
- Извршуваме неопходни параметриски промени поради дневни варијабили во капацитетот и квалитетот на услугите, како и активности на локална и меѓународна транспортна мрежа. Тука е сегментот одржување на мрежата, работа по испад, по поплака од корисници и многу друго. Превентивните проверки се најефективни за стабилност на мрежата и на заднинските системи. Нема да бидам искрен ако не речам дека јас и мојата екипа не трпиме ако нешто не работи, и тоа е главниот двигател да владееме со 8 технологии – вели тој.

Работа во одделение на операции бара баланс помеѓу врвна дисциплина, снаодливост, работа под притисок, длабоко познавање на технологиите со кои се управува и секако потреба за голема доза хумор и дружење.
- Хуморот и дружењето и одличните работни услови што ги овозможува Вип се вентил за понекогаш стресните ситуации. Операции е пандан на брза помош во ургентни центри. Ова е 100 проценти тимска работа, без импровизации 24/7, 365 дена во годината.

Тамам ја апсолвиравме 3G мрежата, се појави 4G

Тој е во Вип 12 години, па може да направи споредба како се менувала телекомуникациската технологија. Хронолошки било вака:
- За мене прва неизмерна радост беше алкателово сапунче (најстар модел на Алкател), па ериксоново буренце (телефон на Ериксон) со антена и тоа 2G со GPRS податочен сообраќај, праќавме MMS. Понатаму 2G Alcatel базни станици, па неверојатен капацитет на STM1 микробранов линк, па SDH Siemens мултиплексери, па се зборуваше за 3G. Почнавме да учиме сосема нов концепт на мобилни мрежи од трета генерација. Следуваше констатација дека брзо треба да се префрламе од SDH на IP свет, т.е. беше неопходно поради пораст на говорен и податочен сообраќај. И тамам ја апсолвиравме 3G мрежата, се појави 4G, која ја имаме насекаде со врвни перформанси, а од пред една година се шушка за 5G. На сето ова се додаде и спојувањето на Близу и Оне како неминовен дел од телекомуникациска конвергенција, кои со себе донесоа и нови технологии, како docsis, GPON, WADSL, ADSL, DVBT, DVBC- раскажува Младеновски.




Вели дека зад неговото „пластично“ излагање на процесот на менување на технологиите стои многу сериозен ангажман на инженерски кадар поткрепен со милионски инвестиции во инфраструктура и технологија.
- Денес имаме најсовремена мрежа, капацитетите веќе ги покажуваме и како инженери сме горди. Имаме повеќе од 780 базни станици, овозможуваме покривање на 99,8% од популацијата во земјата, со покриеност на 4G и 4G+ сигнал сме најзастапени, а ако гледаме според популарните мерења во телеком-индустријата што се однесуваат на квалитет на мрежата, ние имаме врвни перформанси.
Инвестициите, претпоставката каде ќе се движиме и добриот тимски дух повикуваат и одржуваат интригантно темпо.


Имав алкателово сапунче, а денеска комуникациска енциклопедија со 5,5-инчен екран

Овој инженер вели дека телекомуникациите никогаш не се досадни и за нашиот менталитет се атрактивна кариерна дестинација.
- Пред 12 години имав алкателово сапунче, а денеска имам комуникациска енциклопедија со 5,5-инчен екран. Читам и сигурен сум дека ќе биде уште поатрактивно.

Младеновски е дипломиран инженер по електротехника, лутал малку и во нуклеарна енергетика и во автоматика, но горд е што своето знаење денес го надградува во Вип. Неговото образование воопшто не било проблем да се ориентира во друга област во компанијата.
- Вип ми овозможи многу технички, а подоцна и менаџмент-обуки. Понуди атмосфера и сигурност и ја почувствував можноста уште еднаш да се пререгрутирам во професијата. И никој не ти брани, ако те бидува одиш напред, напредуваш, а со тоа си градиш стабилна и сигурна иднина.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија