X
 02.07.2018 Технологија

Оливера Чачоровска, А1 Телеком Австрија груп: Ризикувајте и бидете подготвени за промени, не плашете се, само така ќе имате професионален и личен напредок

Чачоровска работи на позицијата One SAP Programm, One Finance Processes, Systems & Controls во А1 Телеком Австрија груп во Виена. Вели дека динамично ѝ поминуваат деновите, а од Македонија ѝ недостигаат мирисот на скопските липи и долгите разговори со семејството покрај Охридското Езеро

Дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, па после работата во неколку компании во 2007 година почнала со работа во Вип, каде што поминала прекрасни три години. Охриѓанката Оливера Чачоровска, која сега работи во А1 Телеком Австрија груп, фирма-мајка на Вип, вели дека 2010 година е периодот на најголемите промени во нејзиниот живот, кога решила да се пресели во Виена.
- Ќе видиме што ќе донесе иднината, каде ќе ме одведе патот и кои врати ќе ми се отворат. Но, мојата амбиција, желба за промени и гладот за нови предизвици ме доведоа до оваа позиција, животно патување кое никогаш не го очекував. Се случи спонтано, но ни еднаш не зажалив за ризиците што ги презедов. Мој совет е - ризикувајте и бидете подготвени за промени, не плашете се, само на тој начин ќе имате професионален и личен напредок – вели Чачоровска во интервјуто за Факултети.мк.

Како всушност заминавте во Виена и го прифативте новиот предизвик во А1 Телеком Австрија груп?

- Заклучно со јули 2018 година ќе наполнам точно 8 години откако се преселив да живеам во Виена. Работејќи во тогашниот Вип оператор, сегашен Вип, во одделот за финансии, одговорна како тим-лидер за внатрешно и надворешно финансиско известување, привлечна ми беше идејата да променам нешто и да го надградам моето знаење со интернационално искуство. Во тој период наидов на оглас кој беше отворен од страна на Group Controlling. Тој момент почнува целата виенска приказна. Сѐ се случи во рок од две недели, од идеја до реализација. Оглас, разговорот сама со себе, кој веќе тлееше некое време, дали навистина сакам да направам таква промена, биографија, прво скајп-интервју... Следно што се сеќавам е дека бев веќе спакувана со два куфери за селење, измешани чувства, но сепак решена дека тоа е тоа што го сакам.

Сметате ли дека е добро кога за вработените во рамките на иста компанија има можности за развој на интернационална кариера?

- Можам да кажам дека е голем исчекор во однос на личен развој и надградбата на професионално ниво, но во секој случај треба да се биде подготвен на компромис и напуштање на сопствената комфор-зона. Животот во Виена ме научи многу, пред сѐ како буквално сама да се снајдеш и да направиш сѐ без ничија помош. На домашна почва, кога и да ти затреба нешто, можеш да кренеш телефон и ќе најдеш помош, а Виена е место каде што на почеток мораш сам да се справиш со сите предизвици. Сега, по 8 години живот тука, имам свој круг на пријатели и семејство што ми овозможува многу потопол и попријатен живот отколку на почетокот. Човек кој е решен на ваква промена мора да биде трпелив, да вложи многу труд и да биде отворен за секакви промени и различности.



Како се снајдовте во Виена, колку седиштето во Скопје Ве подготви за овој чекор?

- Има многу аспекти на кои човек треба да се подготви: културолошки, работни, различно говорно подрачје, германскиот јазик е клучен фактор, друг систем и друг начин на работа. Иако зборуваме за долгогодишно искуство во Македонија, кое значително ми помогна за побрза адаптација овде, сепак, тоа е процес за кој не може да се претпостави и не може да се биде подготвен сѐ додека не се најдете во таа ситуација. Но морам да нагласам дека работењето во интернационална компанија, како што беше Вип, значително ми помогна да се вклопам во овдешниот систем. Динамиката на фирмата, модерниот и современ пристап на решавање на проблемите, соработката со колегите кои беа и сѐ уште се врвни експерти во својата област и желбата за успех беа клучните фактори што ми дадоа добра основа за сѐ понатаму. Од досегашното искуство, еден од најдобрите периоди во мојата кариера беше да работам во стартап-фирма.

Работите на позицијата One SAP Programm, One Finance Processes, Systems & Controls… Какви се Вашите обврски и секојдневни предизвици?

- Во 8-годишното искуство во А1 Телеком Австрија груп, фирма-мајка на Вип, имав можност да работам на повеќе позиции. Започнувајќи од Group controlling, па Consolidatian&financial reporting, ми дадоа можност да преземам напредна позиција во One SAP programm како Change and commuunication manager и координатор на претстојниот проект што ќе го водиме во Македонија. Имплементација на One SAP - проект каде што се воведува стратегија за еден клиент и хармонизација на процесите. Исто така, покрај тоа што ги унифицираме процесите во сите области во финансии, продажба и техника, лично го водам процесот за воведување Real Estate Modul во Македонија. Динамично и разнолико ми поминуваат деновите на работа. На сегашниот проект имаме околу 60 члена во потесен круг и околу 200 во поширок круг кои секојдневно треба да се организираат, искомуницираат и координираат. Потребна е многу енергија, но за моја среќа, овој проект ми овозможи да имам службени патувања често во Скопје и да соработувам на дневна основа со моите колеги од Вип, што ме прави неизмерно среќна.

Каква е атмосферата за работа во компанијата во Австрија, по што се разликува од претходните?

- Иако првобитната промена беше тешка во однос на културолошки и работни разлики, можам слободно да кажам дека по 8 години поминати во овој систем целосно сум интегрирана и прифатена од моите колеги. Осумгодишното искуство ме промени, но и јас внесов многу промени во тимот, со кој тесно соработувам, а кои беа одлично прифатени од нивна страна. Една голема разлика меѓу канцеларијата во Австрија и во Македонија е тишината. Во Виена не се слушаат многу гласови, нема радио или музика во заднина, сѐ е некако посмирено, тивко, без многу емоции. Понекогаш мене лично ми фали македонската ведрина во секојдневното постоење, било во канцеларија било надвор од канцеларија. Респектот за приватност и невознемирување по завршувањето на работните часови дава прекрасно чувство на вистинска слобода.

Задоволни ли сте од животот таму, што Ви недостига од Македонија?

- За среќа, Виена е многу разнолик град каде што секој може да си го најде своето место и да ужива на свој начин. Нуди многу можности, само треба да се има малку инспирација и иницијатива и животот е дефинитивно прекрасен. Структурата и организацијата, почнувајќи како држава со следствено ниво на поединец, е нешто што ме фасцинира во Австрија. Интересен, дури и фасцинантен, ми е аспектот како Австријците успеваат да се жалат или да критикуваат буквално во секој момент и за секој аспект, образложувајќи дека тоа им е дел од нивната култура, што на крај звучи и симпатично (ми требаше долго време да го разберам тој момент). Тешко е да направиш прв контакт со Австријците, повлечени се и затворени во однос на нас, но кога ќе се успее да се скрши првиот мраз, може да се развие долгогодишно и искрено пријателство. Дополнително Австрија има прекрасна природа и многу внимание се посветува на нејзино одржување, што лично мене ми овозможува многучасовно уживање поминато во спорт и релаксација надвор од мојот дом. Прекрасни скијачки терени, алпски врвови кои ме оставаат без здив. Најмногу ми недостигаат фамилијата и пријателите што живеат во Македонија. Морам да нагласам дека и топлината и срдечноста на нашиот народ е нешто што нѐ прави посебни и единствени, која за жал овде не може да се сподели и доживее на таков начин. Ми фали мирисот на липите во јуни во Скопје и најмногу од сѐ ми фали Охрид, а и моите блиски и долгите разговори со нив поминати покрај езеро.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија