X
 31.05.2018 Технологија

Маја Милосавлевска-Наумовска, директор на ИТ во Вип: Младите што ќе му се приклучат на нашиот тим ќе бидат дел од иновативни интернационални проекти

Vip Experience е иновативна програма за регрутирање млади таленти. Идејата ни е да ги поттикнеме младите таленти да се пријават на огласите за вработување и да ја пробаат својата шанса


Поставување функционална платформа за континуирана комуникација преку која младите би добиле поттик да аплицираат кога ќе бидат подготвени и да станат дел од големото семејство на Вип е една од целите на новиот проект „Vip Experience“. Маја Милосавлевска-Наумовска, директор на ИТ-одделот во Вип, вели дека идејата е преку ангажман на проекти од интерес на Вип, како и одржување онлајн и офлајн-натпревари и активности, да ги разберат и интересите на младите луѓе.
- Со нашето директно присуство на местата од интерес на младите на еден креативен и несекојдневен начин да ја приближиме стратегијата на нашата компанија, како и активностите што се од интерес за кадарот од ИТ-областа – вели Милосавлевска-Наумовска во интервјуто за Факултети.мк

Компанијата Вип бара нов млад кадар преку проектот „Vip Experience“. Сакате да внесете нова енергија во компанијата, конкретно во ИТ-одделот, и тоа нема да го направите само преку објавување обичен оглас за вработување. Од каде дојде потребата за ваков чекор?

- Комплексната, повеќестранична апликативна форма повеќе не претставува нешто што може да привлече. За новите millennials генерации, а впрочем и за кој било друг, процесот треба да биде лесен и без фрустрации. Покрај тоа, не можете секогаш да чекате младите сами да дојдат кај вас. По поврзувањето со студентите на саемот за кариера, важно е да се воспостави платформа за континуирана комуникација преку која младите би добиле поттик да аплицираат кога ќе бидат подготвени. Дополнително, нашата идеја е преку ангажман на проекти од интерес на Вип, како и одржување онлајн и офлајн-натпревари и активности, да ги разбереме и интересите на младите луѓе. Тоа е и целта на оваа наша соработка. Со нашето директно присуство на местата од интерес на младите на еден креативен и несекојдневен начин да ја приближиме стратегијата на нашата компанија, како и активностите што се од интерес за кадарот од ИТ-областа. Идејата е да го привлечеме нивниот интерес. Тоа што го совладуваат теоретски преку материјалите на факултетот да пробаат да го применат на проектите на кои би можеле да работат во Вип.



Може ли подетално да ни кажете како е замислено да оди процесот на избирање на кандидатите, односно што е всушност „Vip Experience“?

- Vip Experience е иновативна програма за регрутирање млади таленти. Идејата ни е да ги поттикнеме младите таленти да се пријават на огласите за вработување и да ја пробаат својата шанса. Одлучивме на транспарентен, невообичаен и креативен начин да најдеме нов кадар. Тоа треба да бидат млади и посветени професионалци од ИТ-секторот, со или без работно искуство. Потребно е кандидатите да сакаат да работат во динамична, меѓународна средина каде што ќе имаат големи можности за учење и напредување. Тие ќе поминат низ специфичен процес на селекција. Најдобрите претходно ќе се запознаат со работата и тимот во Вип, ќе работат на конкретни задачи, а целиот процес ќе ѝ биде достапен на јавноста.

Какви услови за работа нуди компанија како Вип. Зошто младите од ИТ-секторот треба да се пријават на конкурсот?

- Телекомуникациите се индустрија во која технологијата се менува многу брзо, а со секоја промена на технологијата, можноста за учење и професионален напредок е неизбежна. Кога ќе размислите, неверојатно е колку светот се променил благодарение на технологиите што луѓето сега ги имаат во нивните џебови, а телеком-индустријата ги донесе на овој свет. Дури може слободно да се каже дека денес животот без телефон не може да се замисли. Телеком-индустријата обезбедува услуги кои стануваат сѐ повеќе и повеќе од суштинско значење за модерниот живот. Постојат многу причини што импресионираат во врска со телекомуникациите. Телеком-индустријата константно копа и се обидува да најде начин за да ги реши главните проблеми со кои се соочуваме во реалниот живот (плаќање сметки онлајн, плаќање паркинг...). Тоа е добра причина да се размислува за кариера во телеком-бизнисот. Можностите што оваа индустрија ги нуди од аспект на личен професионален напредок се како во ретко која друга индустрија. Иновативноста е главниот двигател, а сите напредни технологии, особено од сферата на ИТ, се главните алатки за нејзината реализација. Убавината на работењето во ИТ-доменот во телекомуникациите особено е видлива при реализација кај милиони корисници што ги користат услугите. Тоа е задоволството што секој млад инженер сака да го почувствува по реализација на нешто на кое напорно работел. Од друга страна, не се работи само за понатамошен развој на условно кажано голи ИТ-вештини, туку за многу повеќе од тоа - телекомот е брза индустрија која бара вештини за добро решавање на проблеми, како и способност за тимска работа. Ова се вештини што се есенцијални и се стожерот за градење на нашите ресурси.

Значи можноста за иновативна работа во оваа индустрија е голема предност за секој млад човек?

- Како дел од А1 Телеком Австрија групацијата, која е лидер во обезбедување најсовремени технолошки решенија во Централна и Источна Европа, компанијата Вип ја има таа предност да може многу брзо да искористи голем дел од тие веќе спремни решенија и да им ги понуди на своите крајни корисници или да подобри некоја од услугите што ги нуди на пазарот. Во таа насока, младите што би му се приклучиле на нашиот тим би ја имале таа можност активно да се вклучат и да учествуваат во многу иновативни интернационални проекти поврзани со дигиталната трансформација. Особено во областа „Системи за поддршка на бизнис“ или BSS, кои се базирани на најновите ИТ-технологии, а приспособени за телекомуникацискиот бизнис. Дополнително ќе имаат можност да работат на развој на конкретни сценарија од областа на биг дата аналитика, работа на автоматизација на процеси преку примена на технологиите и алатките на вештачката интелигенција, различни сценарија на IoT сервиси, како и развивање и имплементација на палетата специјализирани ИКТ-решенија за бизнис-корисниците. Можам само да кажам дека веќе двајца архитекти за решенија (solution architects) од нашиот ИТ-тим работат и го имаат главниот збор во однос на идната архитектура на ИТ BSS сегментот за целата група.

Младите од земјава во последните десетина години активно ги изучуваат ИТ-вештините, а факултетите што нудат студии од оваа област се преполни со нови студенти. Дали сте задоволни од кадарот кој доаѓа во Вашата компанија во смисла на тоа колку факултетите ги подготвуваат студентите за она што следува?

- Можам да кажам дека во последните неколку години се гледа напредок во тоа каков кадар излегува од факултетите, а тоа веројатно се должи на континуираното вложување во развојот на образовните методологии што се користат. Сепак, сметам дека сѐ уште нивото на практична работа, кое е многу важно за подготовка на студентите за тоа што ги чека, не е на многу високо ниво. Дополнително, кај нас образовниот систем малку води грижа за развој на таканаречените “soft skills” кои се особени важни за еден млад човек по излегувањето од образовните клупи, кога треба цврсто да зачекори напред. Многу често се случува на интервју младите луѓе да имаат премногу трема, па да не можат да се искажат во целост, да не знаат како треба да се презентираат себеси, својот интерес и своите амбиции. Секако, вклучувањето во работата на една интернационална корпорација од рангот на Вип многу ќе им помогне во развојот на тие вештини.

Ова е една од најбрзорастечките области, буквално на дневно ниво има многу промени и новитети во ИТ-светот. Како вие како компанија одговарате на овие предизвици?

- Како дел од А1 Телеком Австрија групацијата, Вип покрај тоа што има можност за искористување голем дел од спремните ИТ-решенија, има и можност да овозможи софистициран начин на водење на своите бизнис-операции и интеракција со корисниците. Преку ваквата современа IT BSS архитектура, Вип им овозможува на своите корисници повеќе начини на пристап до своите корисници, податоци и услуги, како и нивно самоадминистрирање преку web self-care порталот или преку мобилната апликација Мојот Вип. Ги користи и веќе воспоставените системи за развој на своите вработени. Во рамките на групацијата постои таканаречено ТАГ бизнис-училиште, специјализирана организациска единица која има задача постојано да се грижи сите вработени да добиваат соодветни обуки со цел да ги следат брзите технолошки трендови и промени што се случуваат речиси на дневна основа. Исто така, на располагање е и една од најсовремените онлајн-платформи за учење “Saba”, каде што секој вработен може да пристапи и да одбере курс што го интересира и би сакал да го следи. Имајќи ја предвид дигиталната трансформација што интензивно се одвива на глобално ниво, а особено во телекомуникациската индустрија, нашата компанија во паралела сериозно вложува и во специјализирани обуки за развој на најбитните идентификувани дигитални вештини за сите вработени, согласно потребите на нивните работни места.
По повод одбележувањето на 17 мај, Светскиот ден на телекомуникациите, Вип го претстави “Vipi” - првиот робот во Vip наменет за автоматизација на процесите. Во соработка со компанијата за информатичка технологија Инфономика е креиран првиот робот наменет за автоматско тестирање на новите продукти и услуги, како и технички тестирања при надградба на системите за бизнис-поддршка и администрација на корисниците. Честите надградби на апликациите дополнително ја зголемуваат важноста на тестирањето за нивен прием, со цел да се избегне новите функционалности да бидат извор на нестабилност на системите, а воедно и на продуктите што Vip им ги нуди на крајните корисници. Тестирањето на комплексните системи бара голем број тестни сценарија со уште поголем број тестни ресурси кои треба да бидат употребени при истото, како и сериозно голем број комбинации од продукти и услуги за да може да бидат истестирани сите бизнис-правила. Со користењето на “Vipi” се скратува времето на тестирање, а истовремено се обезбедува многу поголема сигурност во квалитетот на продуктите/услугите што се нудат на пазарот и на крајните корисници.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија