X
 05.07.2018 Технологија

Кирил и Бојан – ИТ-архитекти во Вип: За оваа професија најважни се математиката и аналитичките способности

Енимитев и Јовановски работат на т.н. проекти на групација. Воведуваат нов дигитален тек на наплата, наплата во реално време, веб-шоп, како и нов продуктен каталог

И двајцата се архитекти, но не проектираат згради. Тие секојдневно градат решенија за подобар телекомуникациски систем со цел совршена понуда за крајните корисници. Кирил Енимитев и Бојан Јовановски се ИТ-архитекти во одделот за бизнис-поддршка (Business Supporting System) во Вип. Велат дека за да се работи оваа комплексна професија, мора прво да знаете математика, но и логички да размислувате.
Енимитев работи во Вип од самите почетоци на компанијата. Јовановски, пак, како штотуку дипломиран студент се приклучил во 2013 и веднаш бил фрлен во длабокото.
- Баш е така, младите ги фрламе во вода и или ќе испливаат или ќе потонат. Бојан беше еден од оние што испливаа перфектно – вели Енимитев за својот помлад колега.


Бојан наскоро заминува во Словенија

Главни за дигитализацијата

Енимитев повеќе од десет години е во одделот BSS - Business Supporting System, кој во текот на годините многу еволуирал.
- Најпрвин беше базиран надвор од Македонија, каде што и беше развојот. Тука имаше само бизнис-анализа. Ние правевме анализа на потребите на бизнисот, а самиот развој на системите беше надвор. Тој тип на работа се базираше на хостинг-модел, хостирани системи кои се користеа на македонскиот пазар, но беа управувани и одржувани од другите оператори во групата. Со текот на годините, како што растевме, нашиот тим се зголеми, повеќе системи почнаа да се инсталираат во Македонија, во нашиот дата-центар. Така почнавме со развој локално во Скопје. Моментално имаме повеќе тимови во овој BSS оддел – вели Енимитев.

Тој работи како Enterprise Architect. Инженер е по информатика, а дипломирал на Природно-математичкиот факултет во 2003 година. За информатиката почнал да се интересира од многу мал.
- Во Скопје имаше една институција што беше многу добра, се викаше Народна техника и таму имаше компјутери. Сѐ беше бесплатно и се промовираше тој начин на учење. Тогаш ми се јави љубовта кон компјутерите – раскажува тој.
Во моментов, заедно со Јовановски работи на т.н. проекти на групација. Воведуваат нов дигитален тек на наплата, наплата во реално време, веб-шоп, како и нов продуктен каталог.
- Нашиот тим е всушност групациски, имаме колеги од сите оператори во групата, а моментално фокусот ни е на Србија и Словенија. Работиме комплетно дигитално, преку видеоконференција. Секојдневно сме во контакт, користиме портали за размена на информации, а исто така во нашата секојдневна комуникација се вклучени колеги од нашите добавувачи. Тоа се светски познати компании како „Ериксон“ и „Випро“.


Најголем предизвик на Кирил е дигитализацијата на компанијата

На состанок знаат да „седнат“ и по 20-30 луѓе. Но, не се сите физички присутни во канцеларијата.
- Светот функционира вака. Комуницираме со колеги кои се во сосема различна временска зона, од различни култури и тоа е бенефитот од оваа работа. Се работи за мултинационална средина која постојано нè учи нешто ново – вели Енимитев.

Динамична работа, постојано напредување

Како најголеми предности на оваа работа и двајцата ги издвојуваат динамичноста и можноста да се учи од многу искусни колеги.
- Буквално ги следиме промените во чекор. Моментално правиме дигитална трансформација на целиот бизнис, секогаш користиме најнови технологии, имаме од кого да учиме, групацијата е голема, раширени сме во осум земји. Имаме и е-бизнис училиште. Тука сум поминал сигурно пет-шест курсеви кои се од голема помош за секој што сака да напредува. Имаме докажани професионалци од кои може многу да се научи – вели Енимитев.
- Во компанија каква што е Вип има голема шанса за прогрес во кариерата. За пет години имам голем скок во кариерата, сега веќе работам на огромни решенија со колеги од повеќе држави. Многу е динамична околината, се работи со најнови технологии и е мултинационална средина – вели Јовановски.


Енимитев и Јовановски во канцелариите на Вип

Најголем предизвик и за двајцата е успешно да го завршат процесот на дигитализацијата.
- Има голем ризик кога се во прашање вакви проекти, не може секогаш сѐ да оди по план, но треба да се издржи и да не се откажеме. Станува збор за трансформација не само на системите, туку и на начинот на размислување – објаснува Енимитев.
Јовановски додава дека дигитализацијата се случува во сите индустрии.
- Ова е начин како да се автоматизираат и подобрат услугите на пазарот, без разлика дали се работи за продажба, телекомуникациски услуги и сл. Дигитализацијата ќе помогне да се подобрат самите услуги и начинот на кој компаниите комуницираат со своите клиенти.

Тој е дипломиран електроинженер на ФЕИТ на насоката телекомуникации. Сега работи како Solution architect. Вели дека не знаел многу за оваа индустрија кога почнал да работи во Вип, но тоа што бил фрлен во огнот го поттикнало да се надмине. Енимитев додава дека е важно за сите млади да работат на своите аналитички способности, а особено студентите од техничките науки.
- Бизнисот и технологиите се учат со искуството, но сметам дека факултетите мора многу повеќе да работат со студентите на нивните аналитички способности. Во наше време навистина учевме многу неприменливи нешта, но образованието беше многу подобро – смета тој.
- За оваа работа ги бидува луѓето што знаат математика и на кои добро им оди логичното размислување, додава Јовановски, кој наскоро ќе замине во Словенија, каде што како експерт од Македонија ќе помогне во процесот на дигитализација во седиштето во Љубљана.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија