X
 07.06.2018 Технологија

Vip Experience – Даниел Стојчевски: Младите што решиле да се занимаваат со ИТ направиле добра инвестиција во својата иднина

Стојчевски е дипломиран инженер по електроника и телекомуникации на ФЕИТ. Сега работи како Senior Billing, Rating and Charging Specialist, позиција за која Вип има актуелен оглас

Во почетокот на работната кариера Даниел Стојчевски, сега Senior Billing, Rating and Charging Specialist во Вип, работел како мрежен и систем-администратор. Но, вели дека како што се зголемувала заситеноста во тие гранки и како што ИТ-секторот станувал сѐ поатрактивен, решил да направи промена и тука да почне кариера.
- Побарувачката на пазарот и можноста за поголем напредок беа пресудни во мојата одлука. На Вип-семејството му се приклучив во ноември 2016 година. По девет и пол години поминати во една компанија и во истата проблематика, дојде време за промена и понудата од Вип беше во вистинско време. Од сегашна гледна точка, воопшто не се каам поради таквата одлука затоа што беше вистинска – вели Стојчевски.

Одржување на систем за наплата

Тој е дипломиран инженер по електроника и телекомуникации на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ на УКИМ. Сега работи како Senior Billing, Rating and Charging Specialist, позиција за која Вип има актуелен оглас.

- Оваа работна позиција е дел од тимот Billing and Charging, во рамките на IT Business Solutions. Накратко, главната одговорност на овој тим е развој и одржување на системот за наплата (billing system) како правилно и во целост би се наплатиле услугите што ги добиваат корисниците на Вип. Конкретно мојата работна позиција е одговорна за функционирање на целиот процес од собирањето на CDR-ите – Customer Data Records (за повици, SMS/MMS пораки, мобилен или фиксен интернет), нивното соодветно обработување (модифицирање) и генерирање на излезни фајлови, кои потоа се процесираат во billing системот за наплата и на крај се добива месечна сметка за услугата што ја користи корисникот. Покрај рејтингот и наплатата на крајните корисници, уште една од главните одговорности на работната позиција е и наплатата на интерконекциските услуги (повици од и кон други оператори) и роаминг-услугите – објаснува Стојчевски.



Вообичаено, денот го почнува со проверка на претходно дефинирани контроли и контролни извештаи со кои може да се утврдат некои неправилности или неправилно дефинирани параметри на billing системот. Токму поради ова, може да има одредени грешки при наплатата, кои се корегираат во Billing and Charging тимот.
- Во случај на грешно наплатени услуги, следува фаза на корекција на параметрите во billing системот и повторно нивно процесирање на истите настани и корекција на грешките (rerating). Понатаму, се разгледуваат и соодветно се реагира по барањата од други организациски единици кои на каков било начин го афектираат самиот систем за наплата. Oвде најчесто барањето за промени во billing системот доаѓа како резултат на одредена промена во самата мобилна мрежа (нов уред во мрежата, надградба на нова софтверска верзија, нови сервиси итн.) или промени поради одредени специфични барања од страна на одделот за продукти и услуги (нови цени за одредени услуги, нови тарифи и слично). Од останатите активности би ги издвоил и вклученоста на billing тимот во одредени проекти (пред сѐ, повторно од Core network development и одделот за продукти и услуги ) и решавањето на некои од поспецифичните кориснички инциденти и поплаки – објаснува тој.

Учество во големи проекти

Работењето во Вип носи големи можности за професионален развој, вели Стојчевски.
- Пред сѐ, тука мислам на можноста да се учи од искуството на колегите кои долго време работат на дадената проблематика, можноста да се работи на системи кои ги има само во големите корпорации, како и професионалните тренинзи и обуки предвидени за вработените. Секако, правилното функционирање на работните процеси во една голема компанија е предизвик сам по себе. Токму специфичните барања што ги има во големите корпорации се дополнителна можност за развој на ИТ-кадарот бидејќи токму ИТ-тимот е одговорен тоа да им го обезбеди на останатите сектори.

Покрај можноста за учење, како и учеството во различни тренинзи и обуки, тој вели дека важен дел од професионалниот развој носи и учеството во големи проекти, што многу често се случува во компанија како што е Вип.
- Вака е бидејќи постојано мора да се инвестира во развој и одржување на самата мрежа и услугите што се нудат – објаснува Стојчевски.
Младите што сакаат и решиле да се занимаваат со ИТ, веќе направиле добра инвестиција во својата иднина, смета овој ИТ-инженер.
- Би ги советувал да не дозволат да застанат во својот професионален развој и лесно да се задоволат со тоа што веќе го научиле. ИТ-пазарот на кадар е многу динамичен и секој мора постојано да се надградува за да биде конкурентен.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија