13-годишната Тамара Балжиќ од Ниш, која ја крена цела Србија на нозе кога избега од дома, е пронајдена и за среќа е добро. Избегала за да полага приемен испит за Математичка гимназија во Белград, бидејќи нејзините родители се противеле на тоа. Но, сега ѝ се насмевнува светла иднина.
Тамара ги загрижи своите најмили кога исчезна, но и цела Србија, која сега е воодушевена од нејзината одлука да се школува. Упорноста на оваа девојка ќе ја однесе далеку бидејќи откако се дознало зошто избегала од дома, ѝ била понудена стипендија од еден од најугледните и најуспешни професори во Србија.
Раша Карапанџа, шеф на Катедрата за финансии на ЕБС Универзитетот во Висбаден и заменик-декан на оваа установа, објави дека е подготвен да ѝ даде стипендија на Тамара.
Тој искоментира дека ова девојче заслужува да биде примено во Математичката гимназија.
- Ако некој овде го познава директорот на гимназијата, пишете му, јавете му се. Ова за мене е една од најубавите и најтажните вести истовремено - порача професорот Карапанџа, а неговиот предлог наиде на огромна поддршка.
Инаку, на 27 јуни родителите на Тамара го пријавиле нејзиното исчезнување.
- Гимназијата во Белград им овозможува на надарените деца да се запишат ако го положат приемниот, без оглед дали имаат завршено осмо одделение. Тамара е видена во Белград во текот на приемните испити. Пронајдена е и конечно е во прегратките на родителите. Добро е што ништо не ѝ недостига - изјави нејзината тетка.
Фото: Pixabay