Подобро е да прашаме „Ќе се гушнеме ли?“ отколку да му се фрлиме некому во прегратка, а тој да се тргне, со што би се создала непријатна ситуација, вели Маљковиќ-Атанасовска
Социјалната или физичката дистанцна беше едно од светите правила за заштита во пандемијата. Година и половина подоцна се она што тогаш изгледаше како невообичаено, стана нормален начин на функционирање.
Блиските контакти на поздравување и гушкање беа заменети со спонтани допири на одредени делови од телото. Дојдоа самоиноцијативно, а сега се прифатени како општ формат на поздрвување.
Колку тоа го смени односот меѓу луѓето?
Дали на овој начин се намали важноста на поздравувањето, дали се ова може да остане и во годините понатаму?
Престанавме ли да бидеме учтиви?
Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, основачка и директорка на Академијата за протокол на Македонија и меѓународна консултантка по деловна етикеција и дипломатски протокол вели дека пандемијата, поради мерките за заштита од вирусот, наметнала нови правила на поздравување меѓу луѓето.
Лукреција Маљковиќ-Атанасовска
Затоа, според неа, сосема е логично грижата за здравјето да има првенство пред системите на учтивост.
- Тоа не значи дека со пандемијата престанавме да бидеме учтиви, туку дека се сменија некои правила на поздравување кои беа „стари“ со векови. Ракувањето, на пример, кое е универзален гест на доверба, пријателство и соработка сега веќе беше невозможно заради моментот на допирање со другиот и можноста да се заразиме со коронавирус од контакт-вели таа.
Новите поздравувања, гестови и однесувања
Лукреција посочува дека поради пандемијата се размислувало на кој друг начин би можеле да се поздравуваме.
- Почна како допир на чевлите, кое брзо беше отфрлено како неучтиво, особено што е неприфатлив допирот со чевел во исламските земји. Потоа се вклучи допир со лактот, а сега се оди на допир со тупаници. Неретко се сретнува и целосно исфрлање на контакт со телото на другиот, па имаме допир на дланките до срцето, спојување на дланките и слично, бидејќи со маските се покриваше и дел од фацијалната гестикулација, како на пример, насмевката-заклучува таа.
Според неа, поздравот кон другиот е речиси спонтана гестикулација, па во одредени моменти, дури и не знаеме како да постапиме и која форма на поздрав би била прифатлива за другата страна.
- Честопати гледаме и дека се случуваат и мали смешни ситуации каде што двете страни тргнуваат да се поздрават на различен начин и станува одредена конфузија-вели Маљковиќ-Атанасовска.
Гушкање и бакнување останува само за најблиските
Дали ќе се вратиме на стариот начин на поздравување, останува да се види, вели Лукреција.
- Додека трае и најмалата опасност од зараза, верувам дека ќе бидеме претпазливи, па ќе останеме со тупаници и лактот. Ракувањето ќе се врати, тогаш кога ќе престане пандемијата, а за гушкањето и бакнувањето ќе ни останат само за најблиските. Но, секогаш ќе има луѓе кои ќе сакаат и понатаму да останат претпазливи, и тоа треба да се почитува-вели таа.
Според неа, личните зони се многу важни.
- Подобро е да прашаме „Ќе се гушнеме?“, отколку да му се фрлиме некому во прегратка, а тој да се тргне, со што би се создала непријатна ситуација-заклучува Лукреција.